Почитуван Претседателе г. Стево Пендаровски,
Ваше Блаженство, г. г. Стефан,
Ваши Преосвештенства,
Ваши Екселенции,
Уважени дами и господа,
Огромна чест и задоволство ми причинува јас да го отворам почетокот на ова безвременско патување. Кратко да ве воведам во просторот без време кој има и свое име: „Бигорски манастир“ – простор во кој, како пчели нароени, монасите неуморно ги извршуваат своите послушанија кон Бога.
Благодарност до домаќинот на овој филм, достоен владико и татко Партениј, монаси и монахињи од Бигорската и Рајчичката Обител. За вас се изнаслушав многу вистини, моја чест беше да видам и посведочам уште толку. Радоста која му ја дарувате на овој свет ја гледам како чиста љубов и така знам дека Бог е во вас. И во најстудената зима вие ја греете душата на човекот, љубите со срцето дури и кога разумот ги кажува спротивното. Го видов подвигот и жртвата која денес ќе ја посведочат сите. Моќта и позицијата не ѝ се спротивни на љубовта, не постои негација во смисла на љубовта. За мене вистината, достоен владико Партениј се содржи во вас, кој сте нашиот Старец. Нашиот татко. Вистината е во љубовта. А од Вас научив дека добрината е интелигенција и есенција на љубовта.
Дека ние мора да бидеме светло за самите себе и да го осветлиме сопствениот пат. Спаси се себеси и ќе спасиш илјадници.
„Очи кои гледаат со искреност и со љубов, секогаш перципираат убави и возвишени слики. Тоа им е заедничко и на уметниците и на монасите“ (монахиња Ефимија и јеромонах Кирил).
Да, уметноста е потрага и откривање на вистината, а не фриволна забава. Надежта е утехата која ја добиваме, надеж дека ќе се сплотиме околу нашиот Господ Исус Христос. Достоен владико, монаси и монахињи, ви се поклонувам и уште еднаш ви благодарам дека несебично постоите за нас.