Манастирски пастрмајлии

Потребни состојки:

  • 1 кг. брашно
  • 1 јајце
  • 1 лажичка сол
  • 1 лажичка сув квасец или ¼ коцка свеж (пекарски) квасец
  • 2 лажички шеќер 
  • 2 лажици масло 
  • 100-150 гр. маргарин  исецкан на коцки
  • 200 мл. јогурт или млеко 
  • ½ лажичка прашок за пециво 
  • 300 – 400 гр. рендано сирење
  • 5-6 јајца, добро изматени
  • Свежи печурки сецкани (по желба)
  • Туна од конзерва (по желба)

Начин на подготовка:

Во длабок сад се сипува брашното, во средина се прави отвор и внатре се става шеќерот, маслото, јајцата, пецивото, јогуртот и квасецот (доколку е свеж, претходно се топи во една чаша млака вода). Брашното надвор од отворот се посолува со потребната количина сол, а по потреба се додава и малку топла вода при месењето. Се замесува мазно и меко тесто, добро се изработува и се остава да стои на топло место, покриено со чиста прекривка, некаде околу 20′-30′, за да стаса. Кога тестото ќе нарасне, од него се прават мали топчиња, малку поголеми од орев, кои се оставаат околу 5′-10′ за да нараснат малку.
Од топчињата се прават мали форми во вид на кајче и се редат во плех претходно намастен со малку маргарин. Потоа пастрмајлиите се полнат, и тоа најпрвин со рендано сирење, па врз него се ставаат сецканите печурки, се преливаат со 2-3 лажици матено јајце и најгоре се посипува со сусам. На крај на секоја пастрмајлија се става 1-2 коцки маргарин и по 10′ се ставаат да се печат.

Се служат топли.