Покајанието – таинствена средба со живиот Бог

Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено по читањето на Житието на преподобната мајка наша Марија Египетска, на бдението од средината на петтата недела од Светата и Велика Четириесетница, на 13/26 март 2026 лето Господово


Возљубени браќа и сестри,

Според благоволението Божјо, се наоѓаме во средината на петтата седмица од светиот и велик Пост. Црквата сега, со посебна мајчинска грижа, нè повикува поусрдно да размислуваме за сопствените животи, за тоа колку вистински се трудиме да се приближиме кон Бога, колку размислуваме за сопственото спасение, особено во ова свето време, кога со трепет се подготвуваме да го здогледаме денот на Неговото сеславно Воскресение. Зашто тој Ден не е обичен празник: тој е преображение на човекот, негова таинствена и реална средба со живиот Бог.

Човекот може навистина онтолошки да се соедини со Бога на тој Ден. Свети Максим Исповедник нè учи дека, доколку го пропуштиш тој Ден, доколку не си се подготвил соодветно за да се искачиш уште една скала повисоко кон Бога, тогаш чекај го следниот Велигден[1]. Размислете колку големо значење во нашите животи има тој неспоредливо најголем празник на Воскресението Христово! Тој е целта и круната на секое наше подвижничко стремење.

Затоа Црквата, со ова посебно бдение, прилежно нè повикува на покајание и будност, најнапред преку Великиот покаен канон на свети Андреј Критски – тој најголем канон од сите канони, со своите двесте и педесет тропари[2], кој во текот на правата седмица од Великиот пост се чита по делови, а вечерва го слушаме целосно[3]. Станува збор за едно чудесно химнографско сочинение на еден свет монах, каков што беше свети Андреј, подоцна архиепископ Критски, кој сериозно и многу се подвизувал, и преку покајанието ги открил сите тајни на подвижничкиот живот, па ги опишал во оваа прекрасна молитвена поезија. Овој канон е ризница на целокупното Свето Писмо, од книгата Битие до книгата Откровение, прочитано низ призмата на покајанието и на длабокото сочувство кон грешната душа.

Но и ова трогателно Житие што сега го прочитавме, Житието на преподобната мајка наша Марија Египетска, коешто го запишал светиот Софрониј патријарх Ерусалимски[4], е поставено тука, на ова бдение, да се чита според типикот на Црквата, за да нè потикне и да ни покаже една длабока вистина: колку и да сме грешни, колку и да сме острастени, колку и да сме во пад, доколку вистински и искрено се покаеме, Бог нема да нè остави. Оти за нашиот Бог, покајанието е повеќе од доволна причина за средба со душата човечка.

Гледате, Марија била страшна блудница. Од својата дванаесетта година го напуштила родителскиот дом во Египет и цели седумнаесет години живеела во бесрамен блуд во Александрија. Не ја водела алчноста за заработка, не ја водела сиромаштија, туку само страста на гревот. Но во самиот миг кога, посрамена, не можела да влезе во храмот на Воскресението Господово во Ерусалим, во неа се случило нешто мошне таинствено, во нејзината душа настанал коренит пресврт. Забележете каква е милоста Божја кон грешниците! Бог можел да ја пушти бесрамно да се поклони пред Животворниот Крст, и тогаш, можеби, ништо немало да се промени во неа; ќе се поклонела и ќе се вратела во пропаст, како што живеела и дотогаш. Но видете, Бог, Кој е стрпливи ловец на нашите души, покажал огромна милост: направил таков чудесен знак во нејзиниот живот со тоа што не ѝ допуштил да влезе во храмот, за да предизвика во неа покајничка размисла. Имено, некоја невидлива сила ја одвраќала од влезот. Таа неколку пати се обидувала да влезе, но никако не можела. И тогаш, дури откако си дошла на себе и ја осознала сопствената недостојност, откако погледнала во бездната на својот грев – таа почнала вистински да се кае. Се почувствувала гнасна пред Бога. Ги признала пред себе и пред Бога сите свои нечесни и грешни дела. И побарала помош.

Ја здогледа иконата на Пречистата Богородица и ѝ се обратила за помош и заштита. И во тој миг, таа веќе се осветлила. Видете што значи покајанието! Самиот момент кога ќе дојде покајанието како мисла во нас, како копнеж по чистотата, по светоста, со него доаѓа и промената, а и Божјата посета. Оти онаму каде што има покајание, таму веднаш доаѓа и благодатта. Покајанието не е само наша одлука, тоа е и Божјиот одговор, тоа е една трогателна средба.

Марија влегла и се поклонила на светото и животворно Дрво на Крстот Господов. И потоа, многу значајно е ова што следува: кога излегла од храмот на Пресветиот Гроб, Бог ѝ испратил еден човек кој требало да ѝ даде нешто потребно за нејзиниот иден подвиг. Имено, еден од верниците таму ѝ подал три парички за да си купи леб и притоа, ја ословил со зборот „мајко“. Размислете сега: доколку би ја видел претходно, пред да влезе во храмот и пред да побара помош од Богородица, со сигурност немало да ѝ се обрати со „мајко“, затоа што била млада жена, и нејзиниот лик дотогаш воопшто немал изглед на мајчинство. Но сега, нејзиниот лик очигледно се променил. Се преобразил, затоа што таа искрено се покајала и побарала од Богородица помош и ја добила, и веќе тргнала на еден свет и божествен пат. Гледајте колку е брзо дејството на Божествената благодат: уште пред подвигот во пустината, уште пред четириесет и седумте години во борби и молитва, нејзиниот лик веќе бил преобразен.

И гледаме дека таа, оставајќи го светот, преминала преку реката Јордан и навлегла во јорданската пустина, каде што скоро пет децении се подвизувала во самотија, во страшна борба со страстите и во непрестајна молитва, така што накрај целосно се осветила. И тоа нејзино осветување Бог му го открил на старецот Зосим, за тој да види дека постои и поголемо совршенство од она што во својот долг монашки живот го беше видел, а и за поука на целата Црква.

И којзнае колку други такви души, како света Марија Египетска, некогаш живееле во тие благословени пустини! Но нејзиниот живот, чудесен и трогателен, Бог му го открил на овој свет старец за поука на сите нас. Преку нејзиното житие добиваме и една жива слика за тоа каков бил Египет и целиот Блиски Исток во времето на VI век: во тие пустини живееле освештени мажи и жени, кои со добар подвиг се подвизувале, Го барале Бога по пустите и осамени места.

Света Марија го прашала старецот Зосима како живеат царевите, како живеат луѓето и црквите Божји. И тој што ѝ одговори? „По вашите молитви, Господ ни даде мир.“

Забележете колку се важни молитвите на оние луѓе кои се каат, кои се борат со гревот, а пред сè, молитвите на монасите, кои оставиле сè и Го поставиле Бога над сè. Молитвата на подвижникот не е приватна работа – таа е служење на целиот свет, таа е тоа што го држи светот.

Во времето во кое живееме, време на невидени соблазни, време кога технологијата навлезе толку длабоко во нашиот живот и непрестајно ги предлага и ги поттикнува соблазните на овој свет, ја поттикнува фантазијата на човечките страсти и желби – да се подвизува човек в манастир е, можеби, нешто слично на она што Марија го направила во VI век во пустината. Зашто и свети Антониј Велики рекол: „Последните монаси ќе бидат поголеми од нас, првите.“[5] Тој знаел, преку Божјата благодат која му откривала, какво ќе биде времето во кое ние денес живееме – време полно со соблазни, во кое самото останување во вера и подвиг станува маченичка борба.

Така, возљубени, најнапред браќа монаси, да Му благодариме на Бога за благодатта што нè привлекла тука и што нè направила избраници и молитвеници за целиот свет, покајници кои треба да принесуваат молитви за спасение на сите. Од житието на света Марија може уште да се заклучи за длабочината на монашкото смирение: иако и старецот Зосим бил толку свет, а од друга страна и Марија, која толку се осветила и безмилосно се однесувала кон своето тело само за да ја победи суровата страст на блудот – тие обајцата, слушнавме, меѓусебно се однесуваа со едно неискажливо смирение. Тој велеше: „Јас не сум направил ништо добро, не сум достоен.“ Таа, пак, велеше: „Јас сум грешна, најгрешна на целиот свет.“ Така се однесуваат светите: колку повеќе се доближуваат до Бога, толку повеќе ја согледуваат сопствената немоќ и ништожност, и токму во тоа согледување ја пронаоѓаат вистинската сила.

Простете ми што ви се обраќам и го споредувам современото монаштво со таквите свети личности, но сакам да укажам и на реалноста што ја гледаме: гледаме што прават молитвите, гледаме какви плодови носи подвигот. Еве, на пример, во нашиот манастир секоја година доаѓаат нови и нови луѓе кои бараат покајание. И во овој пост – колку ли нови души се исповедаа, тргнаа по Божјиот пат! Слушнале некако за манастирот, од луѓе, дури и преку интернетот, гледале некое видео од богослужба, или прочитале некоја поука, па посакале да дојдат овде. Тоа не е случајност, тоа е Божјата промисла, тоа е повик кој не доаѓа од нас, туку од Него.

Имаме уште малку време од светиот и велик Пост. Помина брзо. Затоа, во тоа време што ни преостанува, да се потрудиме поусрдно во покајанието и во молитвите, за достојно да го дочекаме славното Христово Воскресение, да пораснеме духовно, за да се искачиме уште една скала повисоко до нашиот Бог. А Он неизмерно ќе се зарадува и ќе ни испрати уште повеќе благодат.

Оти, самите така ветивме: дека животот ќе Му го предадеме целосно Нему; сè оставивме заради Него. Нека биде Он над сè во нашиот живот, мили мои, нека биде над сè! Слушнавме од житието на света Марија Египетска – а и во сите житија читаме така – дека Светиот Дух е Оној Кој ги просветлувал отците низ историјата на Црквата и ги осветувал и ги обожувал. Истиот Дух ја крепел и света Марија. Кога имала огромни искушенија, телесни, блудни, таа се сеќавала на заветот што го дала пред иконата на Пресвета Богородица. И тој завет ја одржувал. Тој завет бил нејзината котва среде бурата на страстите.

Така и ние, мили браќа, да се сеќаваме на заветот што го дадовме, лежејќи крстовидно токму на местото на кое стојам сега; сите легнавме, умирајќи за стариот човек и раѓајќи се во нов човек[6], добивме и ново име за да бидеме потполно Христови, да припаѓаме само Нему и на никој друг. И ако Он е над сите и над сѐ во нашиот живот, тогаш Бог нема да нè остави. Ни ја дава потребната благодат за сè што е потребно – и за наше спасение, а и за спасение на сите кои прибегнуваат кон светињите и го бараат спасението.

По молитвите на светата Марија Египетска и на светиот Андреј Критски, богоугодно да го поминеме овој пост до крајот, да се каеме, да Го молиме усрдно Бога за мир во светот! Гледате што се случува сега таму каде што некогаш се подвизувале толку монаси – во Сирија, во Палестина, во Иран, во Либан, во сите тие источни земји – денес од тоа, за жал, нема речиси ништо. Но на небото има. Света Марија Египетска е таму горе, во духовното небо, и илјадници луѓе кои се осветувале и се спасувале таму, се во небесната Татковина.

А и победата на крајот од овој свет, чија ќе биде? Се разбира, на Христос Бог. Он е вистината, Он е победата. Нема да се устрашиме од тоа што се случува во овој свет, дека таму, на Истокот, Христос можеби повеќе не е јавно признат, односно Неговата вера не е званична вера на тие држави. Но има малцинство христијани таму кои се борат до последно, и гледаме како дури и со маченичка крв ја потврдуваат верата во Христа. Така и сега тие малкумина христијани го полнат Небото. Зашто Небото не се полни со мнозинства, туку со искрени и чисти души.

Но наша должност е да се молиме за сите луѓе од овој свет, бидејќи знаеме дека Господ „сака сите луѓе да се спасат и да дојдат до познавање на вистината.“[7] Значи, за сите луѓе, и за оние кои не се христијани – и за нив треба да се молиме да ги разберат знаците, оти Бог на сите им испраќа знаци. „Бог не ја сака смртта на грешникот.“[8] Сепак, клучна е волјата на човекот. Но молитвите на оние кои Го љубат Бога можат да направат и оние кои не се во верата Христова, и оние кои живеат во мракот на безбожието, да ги сфатат знаците што ги опкружуваат и да ја изберат вистината.

Ние, пак, да стоиме право во вистината, да се подвизуваме, да Го љубиме Бога над сè, а сите останати нека ја познаат вистината! Амин.


[1] Свети Максим Исповедник зборува за Пасха како за врвот на духовното искачување на човекот кон Бога; сп. Мистагогија, PG 91, 657–717.

[2] Великиот покаен канон на свети Андреј Критски содржи околу 250 тропари и е најобемниот канон во православната химнографија.

[3] Целосното читање на Великиот канон се врши на Утрената на четвртокот од V седмица на Великиот пост, на т.н. „Мариино стоење“, заедно со читањето на нејзиното житие. Во текот на првата седмица (од понеделник до четврток), канонот се чита по делови на Великото повечерие.

[4] Житието на света Марија Египетска го напишал свети Софрониј, патријарх Ерусалимски (†7 март 638); PG 87/3, 3697–3726.

[5] Изреки на пустинските отци (Apophthegmata Patrum, Свети Антониј 28); PG 65, 85.

[6] сп. Рим. 6, 3-6; Колос. 3, 9-10. Монашкиот постриг во православната традиција е символично умирање за стариот човек и раѓање во нов живот во Христа, аналогно на светото Крштение – затоа и се нарекува второ крштение.

[7] 1 Тим. 2, 4.

[8] Језек. 33, 11.