Благодатниот оган – Чудо на Христовиот гроб – VIII дел

(Осми дел)

 

Уривање на храмот на Воскресението

 

Набргу потоа прогонствата се прошириле и на околната област. Како што спомнува Ендрју Џотишки, професор по Средновековна историја на Универзитетот во Ланкастер, ал-Хаким ги уништил сите крстови во црквите и забранил употреба на вино во подготовката за причест.

Јахја ибн Саид, исто така наведува дека ал-Хаким ги осквермил дури и христијанските гробишта во Каиро, раскопувајќи ги гробовите и расфрлајќи ги коските на мртвите. Понатаму тој дополнува дека овие прогонства биле причина за масовните преселби на христијаните од Палестина и Египет кон византиските територии, претежно кон Антиохија.

Освен Ибн ал-Каланиси, и Сибт ал-Џаузи го поврзува уривањето на храмот на Воскресението со службата на слегувањето на благодатниот Оган. Во врска со ова, Бар Хебреус, истакнатиот сириски епископ, историчар и философ (1226-1286), во своето дело наречено „Хронографија“, пишува:

„Во она време Хаким, египетскиот калиф, нареди храмот на Воскресението да се уништи до темел и сите негови реликвии да бидат запалени. Тој исто така опустоши илјадници цркви што се наоѓаа под негова управа… Овој терор произлезе од страна на еден човек кој ги мразеше христијаните. Тој на споменатиот калиф му раскажа дека кога ќе се соберат во Ерусалимскиот храм да го прослават Воскресението, христијаните подмолно се договараат со надзорниците на храмот и со балсамово масло ја мачкаат железната жица на која виси кандилото над гробот“. Всушност, мислењето дека светиот Оган е лукавство на христијаните, било вообичаено во верските редови на исламот, ој дури и само од религиозна гледна точка, очигледно морале да го негираат ова чудо. Како што истакнале многу истражувачи, храмот на Воскресението, всушност, бил урнат за да се запре влијанието од чудото на благодатниот Оган врз муслиманското население.

Ал-Хаким навистина го уништил храмот на Воскресението, со цел да се запре ширењето на влијанието на чудото од Огнот, и после ова свое мрачно дело, наречен е „египетски Нерон“. Но од делата на Ибн ал-Кас и ал-Бируни, се гледа дека муслиманите не само што учествувале во службата, туку и го пренесувале светиот Оган и со него ги палеле кандилата во џамијата наречена „Купола на карпата“. Исто така и од писмото на Никита се гледа дека „благодарение на ова чудо цела Сирија се исполни со христијани“.

Токму ова влијание ал-Хаким сакал засекогаш да го спречи, срамнувајќи го со земја храмот и Кувуклијата на Светиот Гроб – одлука за која, како што вели Бар Хребреус во својата Хронографија, тој подоцна се покајал.

Но дали калифот успеал да ја постигне својата цел, или со други зборови, дали после тоа тотално уништување на храмот и Светиот Гроб, престанало чудото со благодатниот Оган? Или, пак, и понатаму се случувало дури и на тоа опустошено место, на таа полјанка каде останала само голата карпа на Христовиот Гроб и околу неа пепел? На ова прашање одговор даваат двајца истакнати француски свештеници, очевидци на службата од тоа време, летописецот и опат Ришар благословениот и Орлеанскиот бискуп Улрих.

(Продолжува…)

 

 
Превод од англиски јазик, сестринството од Рајчица