Неправда! Тоа е кога човекот самиот себеси се онеправдува. Кога сме онеправдани? Кога немаме правилен однос со Бога. Тоа е неправда, зашто нашето „јас“ е болно, немоќно. Правда е кога ќе стекнеш правилен однос со Бога, а со тоа и со сите луѓе. Правда е кога постапуваш онака како што те учи Божествениот Дух. Како вели Христос? Ако некој те гони, ти немој да го гониш него, ако некој те удри по едниот образ, ти сврти му го и другиот. Тоа според размислувањата на светот е безумство, нели? Многу луѓе, особено младите денес велат: „Добро, жртви ли сме? Глупави ли сме? Прости ли сме? Некој да дојде и да ме удри и јас да не реагирам? И цел живот општеството да нѐ смета за будали?“ Таква е светската логика, така мисли човекот. Но Христос дојде и рече: „Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е Царството Небесно“ (Матеј 5, 10). Кога човекот е прогонуван заради правда, тоа не значи дека тој по секоја цена треба да најде некој што ќе го гони, може и никој да не го гони, може прогонства и да не се случуваат. Но, човекот треба да ги прогонува своите страсти. На пример, денес луѓето судат за нештата според она што им се допаѓа. „Мене така ми се допаѓа!“, ти вели, и те прашува: „Зошто, лошо ли е тоа? Мене така ми се допаѓа и јас судам за нештата и делата на луѓето според она што мене ми се допаѓа“. И треба да убедиш некого, младиот, детето, дека тоа што му се допаѓа не треба да го направи, ниту, пак, значи дека е добро. Може да ти се допаѓа, но да ти биде за погибел. Треба да научиш да го прогониш твоето старо „јас“, на коешто му се допаѓаат различни нешта, и да му се спротивставиш. Доаѓа некој, те хули и онеправдува, и тебе ти доаѓа да го хулиш, удриш, но се воздржуваш, се притискаш себеси за да не изреагираш на тој начин. Е, така треба да им се спротивстави човекот на своите страсти. Денес на пример се пости, и ти велиш „ќе постам!“, но илјада нешта ти поминуваат низ главата, стомакот ти се превиткува, ќе здогледаш сувлаки, ќе го помирисаш и веднаш ти доаѓа да го изедеш, и го јадеш. „Е, не може само да го помирисам, зашто штом ќе го помирисам веќе го чувствувам низ плунката, сеедно е, исто како да сум го изел“. Но ако речеш: „Нема да го направам тоа“, ако се спротивставиш, ќе разбереш дека духовниот живот, воопшто животот, означува борба и ако не решиш да се бориш нема да можеш да напредуваш. Пред Крштението свештеникот нѐ запечатува со знакот на Крстот по целото тело – ако се сеќавате – зашто за жал денес Крштението е театар, светски обред според начинот на којшто се извршува, никој не го слуша свештеникот што зборува, тој сам на себеси си зборува, а само Бог слуша. И свештеникот прави печат со свето миро врз сите сетила на човекот, за да би можел човекот да добие духовно оружје и да се спротивстави на гревот, страстите и сиот тој силен поток кој сака да го задави. Тоа не е лесно, не е лесно да се спротивставиш на самиот себе. Многу е тешко и треба да се започне од малите нешта. На пример, ти се допаѓа нешто што не е твое. Бидејќи не е твое не можеш ни да го земеш. „Ама, другиот има десет такви!“ Нека има и 500! Не можеш да го земеш, не ти припаѓа. Остави го таму тоа што ти се допаѓа, не значи дека имаш право да го земеш. Сакаш мотор, ти се допаѓа, но си помислил ли дека има и други луѓе од коишто зависиш и кои би се тревожеле заради тебе? Како е можно ти да си радосен и да си го живееш животот, а во исто време другите да ги правиш несреќни? И тие седат дома и те чекаат, за да видат жив ли си, умрен ли си? Секоја ноќ да преживуваат по една Голгота, а тебе да не те интересира, зашто така ти се допаѓа! Човек треба да научи да се спротивставува на себеси. Ако не се научиме на тоа, ако не го разбереме тоа во животот, тогаш нема да станеме личности, ќе се изгубиме.
Се сеќавам, кога во 1976 год., за првпат отидов на Света Гора, во тоа време Старец Пајсиј се оддаваше на големи аскетски подвизи и ништо не јадеше, само малку сурови тревки и вода. Беше многу слаб и со половина бел дроб, само што не беше умрел. Еден лекар од Солунскиот Универзитет, благочестив човек, му рече: „Старче, изеди само едно парче леб! Тоа е доволно за да закрепнеш“. Старецот беше в постела, но воопшто не го прифати предлогот од лекарот. „Не, готов сум да умрам, но нема да отстапам“. Таков смел дух треба да има човекот, да биде подготвен сѐ да претрпи, дури и смртта, но да не отстапи, зашто знае дека ако го направи тоа ќе си го попречи патот кон Бога.
Голем проблем во семејството е кога родителите кажуваат нешто, а другиот ден го менуваат своето мислење. Се сеќавам на еден човек, кој се беше отклонил од вистинскиот пат и раскажувајќи ми го својот живот, ми го спомна токму тоа. Тој го испитувал сопствениот живот и увидел дека основната причина, поради којашто започнал да се бунтува и да бега од семејството, било тоа што неговиот татко му кажувал лаги. На пример, тој му велел: „Заврши ја таа и таа работа и ќе ти дадам една лира!“. Но после тоа не му ја давал. Тоа создало бунт во него и предизвикало голем душевен проблем. Кога човекот ќе се спротивстави на себеси, во почетокот „се прогонува“ себеси, стариот човек, врши притисок врз себе, не си дозволува да прави што сака. Факт е дека во почетокот него му е тешко, зашто како што рековме, неопходно е да ги отсечеш твоите желби, потреби и похоти. Отците многу внимаваа на таквите работи.
Многу пати во семејството се појавуваат различни проблеми; на пример доаѓа една сопруга, која што има напорен сопруг, и вели: „Не можам веќе да го издржам! Ќе ме пукни! Ме измачува!“ И ја прашуваш: „Ако тој твој маж не ти беше маж, туку син, ќе го избркаше ли од дома?“ Таа вели: „Не“. Го брка ли мајката своето дете па што и да сторило тоа? Не. Не може лесно да се направи тоа. Тоа значи дека ако погледнеш на него со поголема љубов и трпение, ти и ќе пројавиш трпение. Т. е. човекот црпи трпение во сите етапи од својот живот, од едноставни работи – седнуваш некаде, одиш во храмот и седнуваш до некој кој е дрзок, плука, мириса, се врти цело време, но ти покажи трпение, научи се да покажуваш трпение, не отстапувај, започни од малите нешта, научи се да трпиш, да очекуваш, да ја отсекуваш својата волја. Не брзај, не посакувај постојано да се прави онака како што ти е угодно тебе. Авва Доротеј во „Подвижничките слова“ зборува за отсекувањето на волјата и вели да започнеме од малите нешта и да имаме трпение. Ако немаш трпение, кога страстите ќе ти излезат на површина ќе те водат каде што тие сакаат и нема да можеш да речеш „не!“, зашто само кога човекот ќе се научи да има трпение, тогаш ќе може да им се спротивстави на страстите.