Богомудрите отци на нашата света православна Црква, научени од Светиот Дух, одредиле во почетокот на Богородичниот пост да се слави споменот за едно големо чудо на Чесниот Господов Крст. Овој празник бил востановен во времето на византискиот цар Мануил и рускиот кнез Андреј, во спомен на истовремената победа: Русите победиле над Бугарите, а Византијците над Сарацените. Во тие две војни, од страна на војските биле носени крстови, кои заблескале, осветлени со небесни зраци. Чудотоворната сила на Крстот им помогнала на двете војски да извојуваат победа. Затоа се востановило на 1 август Чесниот Крст од храмот на царскиот двор во Константинопол да се изнесува во блескавата црква „Света Софија“ и во литии да биде носен по улиците. Тоа чудо нѐ потсетува на непоколебливата сила на Христовиот Крст, и нѐ поттикнува храбро да чекориме по животното море, имајќи го него постојано пред очи, како што некогаш апостолот Петар чекорел по разбрануваното море, додека гледал право во Христа. Чесниот Крст е најсветото знамение и символ на нашата вера. Тој е најверниот пријател на секој христијанин. Крстот е средство преку кое Христос го спаси светот.
Денешното молитвено собрание во нашата свештена обител помина во чест на Крстот Христов. „Крстот е чувар на целата вселена, Крсотот е украс на Црквата, Крстот е сила на царевите, Крстот е поткрепа на верните, Крстот е слава на ангелите и пораз на демоните“ – пофално се пееше денес на утрената богослужба. По нејзиното завршување, пак, во атмосфера на длабока почит, од олтарот победоносно беше изнесен бигорскиот сребрен крст, во којшто има дел од Крстот Господов. Поставен на средината од храмот и велелепно украсен во цвеќиња, Чесниот Крст беше достојно прославен од многубројните верници, коишто, поклонувајќи му се, со љубов го целиваа. По заедничката литургиска молитва и причестувањето со светите Тело и Крв Христови, Крстот во молитвена литија, како некогаш во Константинопол, беше нoсен до фијалата, каде што нашиот старец, архимандрит Партениј, освети води во чест на Чесниот Крст и премилостивата наша Владичица Богородица. Напојувајќи ги со света вода, неговото Богољубие им посака добри и благодатни пости на мноштвото присутни христијани.
Пресвета наша Владичице Богородице, помогни ни чесните денови на постот да ги поминеме богоугодно за достојно да го прославиме Твоето сечесно Успение.