Успение на Пресвета Богородица

Огради ги помислите мои, Христе мој, бидејќи, еве, се осмелувам да ја опевам чистата Мајка Твоја

Икос на Успението на Мајката Божја

…Кога сонцето на залезот, спуштајќи се зад хоризонтот, со својата блага светлина ја осветлува земјата, како да се збогува со неа, небесното синило изгледа особено прозрачно и длабоко, а краевите на облаците се обоени со златникава боја; тогаш чувство на внатрешна тишина и мир го обзема срцето. Ете така денес Пречистата го предава својот свет дух во рацете на Бога; бивајќи целата земена горе кон небесата, и не оставајќи ја земјата, Богомајката, носена на Синовски раце, заминува во непристапните предели, во оној сесветол и прекрасен небесен Ерусалим, опкружена од херувими и препрославувана од сите небески сили.

Денот на Успението на Мајката Божја е голем празник на Православната Црква. Смртта постанала празник. За нас христијаните празникот Успение е преобразување на самата смрт, победа над гревот, враќање на патникот од далечен пат во родниот дом. Кратко пред Успението на Мајката Божја, Нејзе Ѝ се јавил архангел Гавриил – Нејзиниот Ангел Чувар – со палмово гранче во рацете и Ѝ рекол дека Господ наскоро ќе Ја земе кај Себе. Палмовото гранче е символ на победа. Самиот збор „успение“ означува „тих сон“, одмор од земските напори и жалости, а потоа будење за вечна радост, вечен ден, во кој нема ноќ, во кој небесните сфери се исполнети со сјај, налик на море од светлина. Светите отци говорат: „Денот на смртта е поголем од денот на раѓање“.
На сеноќното молитвено бдение, во Бигорската црква, раскошно преукрасена со цвеќиња и чиниш облечена во небесно синило, Бигорското братство заедно со стотиците верници го прославија овој „втор Велигден“, како што нашиот старец, архимандрит Партениј, го нарече сечесното Успение на Пресвета Богродица, во своето содржајно слово на почетокот на светото богослужение. А го нарече втор Велигден токму поради воскресението на Пречистата Мајка на Првовоскреснатиот. Воскресенската благодат, пак, што ги беше обвила нашите срца во оваа безвременска ноќ, дојде како исполнување на овие негови зборови. Така, најпрвин, старецот од името на целото братство им се заблагодари на бројните верници за нивното присуство на оваа молитвена вечер. Искажувајќи срдечно похвално слово за Пресвета Богородица, тој не изостави да нѐ нахрани со душеполезни поуки, поуки за живот според Евангелието. На крај напомна и за возвишеноста на монаштвото, кое е „најдрагоцен плод од покајанието на еден народ. Монаштвото е чувар на светото апостолско предание, преку кое тоа го приведува народот кон Бога“. Затоа нашиот старец ги запроси молитвите од верниците за духовен напредок на монасите. На тој начин духовно поткрепени од неговите благи татковски зборови, присутните во храмот го започнаа овој сеноќен молитвен призив кон Онаа Која се вознесе со тело на небесата, предвестувајќи го така и нашето воскресение. Со песни и химни, колку што беше можно, во изминатата ноќ се опеваше преселувањето на небесната Царица од земниот во небесниот Ерусалим. Изобилната радост во душите, што сите толку силно ја чувствуваа, сведочеше за присуството на Пречистата во Претечевиот храм. Оваа неизмерна радост која беше дар од премилостивата Мајка за верните деца на Нејзиниот Син, блескаше од лицата на верните, во мигот кога со солзи во очите и умиление во срцата, сите во еден глас ги пееја Богородичните статии пред цветниот Епитаф со чудесната Плаштаница. Тогаш како гормогласно да одекнуваа Христовите зборови: не е умрена туку спие (Мт. 9, 24). Сепак нејзината мајчинска нежност и милост особено се излеа врз четворица членови на Бигорското братство. Таа ги удостои искушениците Марјан, Марјанчо, Игор и Михајло со монашко расо. Новите расофори, откако благодарно се поклонија и ја целиваа светата икона на Претечата и Божествениот образ на Пречистата – „Достојно ест“, направија по три метании пред нашиот старец и од неговите татковски раце беа облечени во ангелска облека. Пресвета Богородица нека им даде сили да го оправдаат монашкото расо со послушност кон старецот и бројни добродетели! Успенската радост беше збогатена и со молитвена литија околу храмот. Кружејќи трикратно со Плаштаницата пред која се носеше палмова гранка, браќата и сестрите заедно со големото мнозинство верни наликуваа на свештениот апостолски собор, кој некогаш во Ерусалим со голема љубов и умиление го носеше пречистото тело на својата небесна Покровителка.

 
Крајот на земниот живот на пресвета Богородица бил, всушност, почеток на Нејзиното прославување. „Преукрасена со Божествена слава“ Таа стои и ќе стои од десната страна на престолот на Нејзиниот Син и во денот на Страшниот Суд во идниот век. Бидејќи Негова Мајка по тело и истородна по дух со Него, Таа царува со Него и има смелост пред Него, како Онаа Која волјата Божја ја исполнила и другите ги научила. Љубвеобилна и милосрдна, Таа љубовта кон Својот Син и Бог ја пројавува во љубовта кон родот човечки, застапувајќи нѐ пред Милостивиот, и е постојано присутна на земјата, помагајќи им на луѓето. Зашто Дева Марија единствена од луѓето ја сочувала во потполност чистотата на душата и срцето, никогаш не Го изневерила Бога, дури ни со една мисла или раздвижување на срцето.