Крстовден

Каква чудесна глетка! Крст! Триумфално оружје на сите христијани, царско победоносно пристаниште и на владетелите сигурно пристаниште! Животворен знак, кој ја обновува раслабената човечка природа, ја ослободува од прангите на гревот и носи победа над смртта, дарувајќи живот вечен. Благодатно дрво, засадено во преизобилните раички градини. Тука е, и го повикува секој човек силно да го возљуби и земе на себе за да стане жител на рајските одаи. Да! Придојдените од сите краишта на нашата земја, наликуваа на море, кое со своите бранови ревносно брза кон мирните брегови на домот свој. Дом, кој во минатото опустошен и оставен на забот на времето, се издигна и стана чудо на крстот! Преславно крстно чудо, кое го привлекува народот Божји да пристапи и да се поклони пред неговите длабочини, ветувајќи му дека ќе ги достигне небесните висини.

Крстот, кој собира сè и сите околу него, и денес ги воведе верните во „горната одаја“, во светлината на богослужението, за да ги осени со благодатни дарови. Така, преисполнети со добрини, тие заедно со монаштвото од нашите свештени манастири, имајќи ги за свои диригенти небесните чинови, радостотворно со песни и химни Го фалеа, славеа и благословуваа Бога. И ете, стоејќи тука во подножјето на крстот, на свечената вечерна богослужба, сите присутни ги сплотија срцата во една трепетна молитва за нашата возљубена сестра Драгана, која полагајќи длабока метанија пред ова животворно Дрво и пред својот свет старец, од него го прими благословот за искушеништво и ја покри својата глава со ангелски образ, станувајќи смирен послушник на Крстот.

 
А, утрово, празникот на Крстот ни го збогати со своето присуство нашиот надлежен архиереј, митрополитот Дебарско – кичевски, г. Тимотеј, кој чиноначалствуваше со светата Архиерејска Литургија, со која Бог нè удостои, крунисувајќи го така овој прекрасен ден и поставувајќи ја одново пред сите нас Својата богата трпеза на љубовта, од која сите се нахранивме, славејќи го Неговото победоносно знамение. Затоа, вдахновен од силата на Чесното Дрво, митрополитот Тимотеј го сподели со нас своето боговдахновено слово, за значењето на Крстот во животот на секој човек, за нашиот преблаг Господ, Кој постојано нè повикува да Го следиме, носејќи го смирено својот крст:

 

„Он нè повикува уште од најраните детски денови кога сме крстени, нè повикува во секој момент, нè повикал уште кога нашите родители нè носеле на раце и нè причестувале во црква. Господ секогаш ги повторувал овие зборови секому од нас, зборувајќи ѝ на чистата детска душа: „Доаѓај по Мене и следи Ме“. Господ не престанува да нè повикува да одиме по Него, секогаш кога влегуваме во светиот храм, но Он нè повикува, не само во Неговите храмови, туку и надвор од нив. Он нè повикува и ден и ноќ, и додека сме на работа и додека одмараме. Безброј пати и на најразлични начини Спасителот го повторува Неговиот повик: кога ни зборува преку нашата совест, кога ни испраќа жалости и кога ни дава и радости и благопријатности.

 
Господ Исус Христос во светото Евангелие вели: „Кој сака да врви по Мене…“ но никого не го принудува, присилува, не ја применува силата за да ги натера луѓето да одат по Него. Он никогаш не им ја одзема слободната волја на луѓето. Никогаш не им го одзема бесценетиот дар. Секој човек по својата слободна волја решава да оди по Христа, или, пак, да не Го следи. Уште во Стариот Завет е речено за Бога: „Пред тебе ставил оган и вода; кон што сакаш, рака ќе пружиш“ (Сир. 15, 16). На друго место во Стариот Завет Он вели: „Синко, дај ми го мене срцето“ (Изрек. 23, 26). Со други зборови, синко мој, не го разделувај твоето срце помеѓу Мене, твојот Бог и гревот на којшто ти му служиш. Предај ми го целото твое срце. Како што слушаме, Бог само повикува, моли, Он не сака ние со сила да веруваме во Него и да Го љубиме со принуда. Он сака ние да одиме по Него слободно, по наше убедување и според одлуката на нашето срце. Да почувствуваме самите дека нема поголема радост за нас на земјава, нема поголема среќа и поголемо богатство од тоа да веруваме во Господа Бога, Него да Го знаеме, на Неговата волја да се покоруваме и по Него да одиме. Него и Небесниот Отец да ги чувствуваме во нашите грешни срца…

Драги браќа и сестри, да го носиме нашиот крст како што Му е угодно на Бога и со сето срце и душа да се покоруваме на волјата Божја како што нè учи најпознатата Господова молитва: „Да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“, а за таа, пак, верност, Господ да ни даде Царство Небесно. Амин!“