Колку е слатко, и големо, и радосно сегашново торжество, што со едно чудо ни го приреди еден од најхрабрите и најголеми маченици, сакајќи чистите луѓе Христови да ги заштити од нечистотија.
стихира од службата на св. Теодор Тирон
Колку се совршени делата на верата! Верното Христово стадо, поткрепено и утврдено со силата и љубовта Божја, овој викенд повторно притекна кон светото живеалиште на Претечата, за заедно со нас да Му принесе на Бога благоухана жртва. Големото мнозинство верни, обединети во еден дух, се собра во домот Господов, кој повторно ги отвори вратите за своите чеда, за тие во него да торжествуваат и заедно со небесните војски да Го прослават Христос, славно прославен во Неговите угодници. Ранети од Божјото човекољубие, тие ги подготвија своите срца, правејќи ги духовни харфи, што со своите растреперени струни радосно ги објавуваат божествените дела и пофалби. А поводот не беше мал – свештената Бигорска обител го славеше триумфот на Православието над злобата и безумието.
Најпрвин, во саботата, со голема благодарност, низ хармонични, боговдахновени стихови, присутните му оддадоа почит на светиот великомаченик Теодор Тирон, кој со своето залагање и грижа ги спаси христијаните од осквернување во првата недела од Великиот Пост. Имено, тогашниот безумен цар – идолопоклоник Јулијан, намислил на подмолен начин да им наштети на верните, заменувајќи ја постоечката храна со храна осквернета од жртвена крв, сакајќи така да им го наруши светиот пост. Но, премилостивиот Бог, Кој не дозволува Неговите чеда да страдаат од непријателски сплетки, му ја откри оваа злобна намера на великиот маченик Теодор, кој во видение му се јавил на градскиот архиереј Евдоксиј и го известил за ова. Светиот го посоветувал архиерејот да го собере своето стадо и да ги поучи да ја избегнат храната од пазарите, а наместо неа, да се хранат само со коливо – варена пченица. Така верниот народ го запазил неосквернет својот посен подвиг, и во знак на благодарност, светата Црква одредила првата сабота од овој Пост да му ја посвети на овој маченик и голем добротвор на христијаните.
Веќе следниот ден, под насмевнатото сонце на Бистра, во манастирот беше величенствено. Се празнуваше нешто што нѐ врати во IX век, во времето на торжеството на Православието во Византија. Имено, по отслужувањето на светата Божествена Василиева литургија во параклисот „Свето Благовештение“, започна свечена литија со бајраци и бројни икони, меѓу кои и чудотворната икона „Достојно ест“, во чест на победата на иконопочитувањето. Монашкото братство, предводено од својот Старец, архимандрит Партениј, заедно со мноштвото верници трикратно го обиколија големиот храм на Претечата, вознесувајќи молитви кон Бога и пеејќи песни составени од светите отци за овој ден. Чиниш кротката природа, со своето милозвучие, тивко ѝ се приклучи на прославата. Потоа литијата се упати во црквата, за таму да заврши со содржајно обраќање на игуменот. Тој, во свечен и прилежен за овој настан тон, го прочита Синодиконот сочинет од светите отци во 843 год. во чест на конечната победа на православната Црква над еретичките зловерија. Беше направен спомен и величание на хероите на вистинската вера, за која тие се бореа, во слава и чесна побожност. „Бог да ни ја чува нашата света православна вера“ – беа последните зборови од речта на о. Партениј. Потоа, во манастирскиот мир верниците со видливо задоволство на лицата го продолжија блескавиот ден во Божествениот спокој. Се чини дека повикот на секој од нив допре до премудриот Творец. Нему, пак, Кој поради Своето милосрдие и човекољубие ја дарува благодатта над светите и чесни икони за наша полза и спасение, нека Му е слава, чест и величие во сите векови. Амин!
Оној што е невидлив по Својата беспочетна и божествена природа, стана видлив како човек, од твојата чиста крв Богородице, поради неизмерно милосрдие. Откако Го насликавме Неговото телесно подобие, чесно се поклонуваме сите верни и набожно го величаме.
стихира од неделата на Православието