Во чест на св. Григориј Палама

Неискажливо и прекрасно чудо! Синот Божји го опфаќа „со Себеси секој верен преку причестувањето со Неговото свето Тело. Така и со нас постанува едно тело, нè прави да бидеме храм на целото Божество, бидејќи во самото Тело Христово „ живее сета полнота на Божеството“ (Кол. 2, 9). Како тогаш Он да не ги просветли оние, кои достојно се причестуваат, осветлувајќи ги нивните души со Божественото зрачење од Неговото Тело примено од нив, исто така како што некогаш на Тавор ги просветлил телата на апостолите?“

св. Григориј Палама

Каква духовна сладост ни приреди Христос! Неизмерно нè израдува со присуството на огромниот број на верници, кои заедничарејќи со монаштвото од свештената Бигорска обител, просеа Божествена благодат преку застапништвото на проповедникот на благодатта. Ослободени од секакви грижи, со втемелена надеж во Бога, присутните трепереа од восхит пред Дарителот на светлината, и онолку колку што Он им допушти, го продлабочуваа своето разбирање на духовните нешта. Тие, немајќи потреба од друга светлост, очекуваа просветлување одозгора, кое, пак, доаѓајќи преку причестувањето со св. Тајни ги просветли нивните души, одразувајќи се и видливо, на нивните лица.

Така, Христос го покажа Својот блесок во срцата на верните, за време на сеноќното бдение, кое се одржа во манастирот св. Георгиј Победоносец – Рајчица, по повод втората недела од Великиот Пост, посветена на ненадминатиот проповедник на благодатта – св. Григориј Палама. Во утринските часови, Евхаристискиот собор беше збогатен и со присуството на хорот „Хармосини“, чиешто пеење беше во симфонија со пеењето на монасите, означувајќи ја со тоа меѓусебната духовна согласност и соединување, низ Спасителот Христос – Изворот на возвишеното. Пеењето беше исцело во духот на светоотечкото источно црковно пеење (византиското) и веруваме дека беше под застапништвото на еден од знаменитите боговдахновени творци на ова ангелоподобно пеење – св. Јован Кукузел. Впрочем, параклисот во којшто се служеше бдението, освен на св. Григориј Палама, е посветен и на св. Јован Кукузел и на св. Нектариј Битолски. Се чини дека и кај нив голема беше радоста за славењето на нивниот духовен брат, горе на небесата. А не мала е и радоста овде на земјата, во нашата христијанска Мaкедонија, што, освен во манастирите, византиското пеење започна да се изучува и во нашите теолошки центри, со возобновување на наставата по византиско пеење при православната богословија „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а од неодамна и на истоимениот богословски факултет. И така, покрај големите искушенија, наследството што ни е предадено од светите отци, повторно е востановено и веќе започна длабоко да се вкоренува во нашата Црква. Од овa завештание на нашите предци, не смееме да отстапиме. Затоа сега со цело срце им благодариме на тројцата преподобни отци за бесценетото духовно наследство што ни го оставија: науката за молитвата и источното пеење, што и самото претставува една возвишена молитва. И ги молиме да ни простат доколку сме ги ожалостиле и заеднички да измолат од Бога милост за нашата татковина и нашите души. Торжествената прослава на големиот светилник на Православието, ја збогати и присуството на нашиот возљубен архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки, г. Тимотеј, кој на овој ден, на наша голема радост, традиционално чиноначалствува со свечената архиерејска Литургија, и кој во оваа прилика духовно нè поткрепи со прекрасна пригодна проповед за значењето на светиот пост во процесот на духовното преобразување на човекот, според примерот на св. Григориј Палама:

„Премилостивиот Господ го создал човечкиот род за постојано да Го прославува, за да биде во непосредна близина на Бога и да ги ползува рајските благодети. Додека првите наши прародители живееле во хармонија со законот Божји, тие ги ползувале овие дарови дадени од Бога, бидејќи живееле во хармонија со законот и прописот што Бог им го дал. Но, нашите прародители Адам и Ева го нарушија тој ред и поредок и ја изгубија таа хармонија и заради тоа беа казнети, односно изгонети од рајот. Човекот паднал и се насочил од доброто кон злото, од праведното кон порочното, од благородното кон злобното. А, како што знаеме, човекот е создаден да прави добро и да живее во добро. Со паѓањето во грев, човекот наместо кон доброто, се насочил кон злото, и така менувајќи го својот правец и правејќи зло во светот, тој и самиот свет го направил зол и непријатен.

За да се врати светот кон својата првобитна состојба, тој треба да се преобрази, а тоа може да го стори само човекот, кој е причина за оваа појава на злото. Но, за да го направи тоа, човекот треба најнапред да започне да се менува себеси, да се поправа и подобрува, односно да го насочи својот живот кон доброто и кон светото и човечкото. Затоа и нашиот Спасител Господ Исус Христос во светото Евангелие, како најдобар учител ни препорачува: „Лицемеру, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си“ ( Мт. 7, 5 ). Но, за да се постапи вака, потребен е сериозен напор и подвиг. Најпрво, треба да се изврши анализа на своето битие, да се откријат сите егоистички желби и склоности, и да се исфрлат од срцето сите себични однесувања, а пред сè, да се отфрли гордоста на душата, која е мајка на сите зла.

Во овие денови на Големиот пост, светата Црква ни предлага токму такви подвизи, и тоа најпрвин да ја извадиме гредата од своето око, или подобро речено од своите очи, според зборовите на нашиот Спасител: „Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло; Ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?“ ( Мт. 6, 22 – 23 ) Ова значи, дека од нашето срце, од нашиот ум и од нашата душа треба да го исфрлиме сето она што ги засенува нашите очи, сè што е темно и нечисто во нас и ја намалува светлината Христова, засенувајќи ја со темнината на сатаната. За време на овој пост светата Црква нè повикува да бидеме и стражари и чувари на нашата душа, за да пазиме во неа да не се вовлече некаков крадец. Во нашите души, покрај повеќето гревови, има и скриено богатство. Да бидеме како современите рудари и геолози и другите научници, кои влегуваат во јадрото на земјата, барајќи го скриеното богатство. Благодарение на современите технологии, нивните напори завршуваат со пронаоѓање на корисни нешта, кои сите ние ги ползуваме за наше општо добро. Но, најголем извор на нешта полезни за нашиот духовен живот наоѓаме во Бога – Кој Е извор на сите богатства и дарови. Од тие Божји дарови се хранат нашите души, во кои е сокриена Божјата топлина и светлост и милост и секое добро. Секој човек треба да се труди да ја збогатува својата душа со тие Божји добра, користејќи се од нивниот неисцрпен извор. Кога човекот ќе се збогати со тие Божји добрини или богатства, во него се вселува Царството Божјо. И додека, ползувајќи го земното богатство, човекот чувствува особено задоволство, кога ќе се збогати со духовни вредности од Божествениот извор, тој не чувствува само задоволство, туку и духовна радост и спокојство во неговата душа.

 

Духовните луѓе, искрени и простосрдечни, кои сите свои постапки ги мерат според Божјата мерка, уште овде на земјата се преобразуваат и препородуваат со светото Евангелие, преку постот и молитвата. Тие, уште тука на земјата го чувствуваат присуството Божјо и се осветлени со Божествената светлина и топлина, и слободно може да се рече дека тие се осветлени и преобразени од Светиот Дух, преку својот подвиг и своето молитвено правило. Тие се потполно среќни и задоволни. Уште тука на земјата го чувствуваат Царството Божјо, сигурни во својот богоугоден и богоподобен живот, и уште во овој живот зрачат со својата светлина, со својот пример, со својата кротост, со својот однос, или со други зборови, со својата духовност и блага радост. Можноста христијанинот да се промени и преобрази најпотполно и најдобро ја објаснил светиот Григориј Палама, на кого е посветена и оваа втора недела од Великиот пост. Според него, постот е најефикасното средство за преобразба на нашата природа, а покајанието е, пак, столб и основа за нашето менување и поправање од зло кон добро. Пожелно е секој христијанин да ја стекне во својот живот чистотата и светоста на Божјите праведници. Дури тогаш ќе може да рече за себе дека постигнал духовно преобразување. Ние сите знаеме дека за нас луѓето, кои сме оптоварени со разни слабости и гревови, тоа е тешко, но она што за нас грешните е неможно, за Бога е можно. Затоа е потребно постојано да се молиме, особено во овие денови на Великиот пост, и да бараме просветување и очистување од гревот со Божјата помош. Па затоа заеднички да се обратиме кон Изворот на сите добрини со оваа покајна молитва: „Вратите на покајанието отвори ни ги, Животодавче, зашто мојот дух поранува кон Твојот свет храм, носејќи го храмот телесен сиот осквернет: но, како штедар, очисти го со Твојата милост голема“. Амин!