На денот на светите 40 севастиски маченици

Радувај се, крепок и трпелив собору и војско непобедлива, на благочестието столбови, воини Христови, тврди и непобедливи оружници, по ум пресилни и по душа најмажествени, вистински божествени; од Бога возљубен свет хору, богоизбран собору, четириесет маченици: еднакви по страдање, еднакви по нарав и еднакви венци примивте. Молете Го Христа, на душите наши да им дарува мир и милост голема.

хвалитни стихири од службата на светите маченици

Прекрасен е и достоен за восхит примерот што ни го оставиле овие свети Христови воини. Иако во служба на земниот цар, тие не се откажаа од својот небесен Цар, и заради Него поднесоа страшни маки, претрпувајќи го студот на леденото езеро, во кое беа фрлени и примајќи од Него венци на слава во Царството Небесно. Нивното житие оставило длабока трага во верата на нашиот православен народ, а нивниот свет спомен со голема ревност се слави кај нас сè до ден денес. Тоа особено се чувствува во славниот град Битола, каде култот кон овие Божји угодници, особено се негува и каде постои храм посветен токму на четириесетте севастиски маченици. Но, историјата на овој град и народното предание зборуваат и за уште една дружина од четириесет храбри маченици – монаси, кои се удостоиле маченички да пострадаат за Христа во времето на освојувањето на градот од османлиите. Овие страдалници биле изведени од градот и поведени на својата Голгота, со молитва и псалмопеење искачувајќи се на височинката каде што биле погубени, токму на местото каде денес е издигнат храмот на севастиските маченици, а како единствена трага од тоа време и сведоштво за нивното страдање, останал каменот на којшто биле посечени, еден неделив дел од сегашната црква.

 

Битолскиот верен народ никогаш не ги заборави оние, кои, подобно на Христа, се предадоа на жртва заради верата во Неговото свето име. Каменот остана како симбол на силната вера на битолчани, кои и во мрачните времиња на комунизмот, како реки се слеваа на тоа место за да ги упатат своите молитви кон светите четириесетмина, и оние севастиските, но, и своите – битолските.

 

И денес, на денот посветен на светата севастиска дружина, глетката беше истата. И старите и младите, со еднаква љубов и почит, го врвеа патот до светиот храм, правејќи оваа прекрасна височинка од која градот се гледа како на дланка, да живне од топлите и усрдни молитви кои изобилно се излеваа од срцата на верните битолчани.

 

Водени од својата неизмерна почит кон светите маченици, решивме и ние да бидеме дел од тоа молитвено мнозинство, и вистински да ја почувствуваме големата благодат, која постојано се излева на ова место, сведочејќи за богоугодната жртва на светите четириесет битолски преподобномаченици. Божјата промисла нè удостои да учествуваме на празнична богослужба во чест на светите четириесет севастиски маченици и да Го славиме Бога, Кој ни дал вакви прекрасни примери во своите светии, по чии молитви и ние се спасуваме. Светите четириесет маченици ни се пример, за тоа како треба и ние денес да Го сведочиме Христа во нашиот живот, храбро подвизувајќи се со душата и телото против нашите гревови и страсти и знаејќи дека за тие привремени маки нè очекува венец во Царството небесно.