Крстопоклона недела

Поклоничката радост на Твојот живоносен Kрст денес ја чувствуваме, Христе, како предвкус на Твоето сесвето страдање, кое си го извршил за спасение на светот, Спасителу, како сесилен.

Стихира – Посен Триод

Со какви духовни песни да го воспееме Дрвото кое живот ни подари!? Какви достојни пофалби да искажеме за Оној, Кој на тоа Дрво животот Свој го положи, притоа, ослободувајќи нè од многувековното ропство ѓаволско!? Какви дарови да Му принесеме на Христа – дарителот на нашата слобода, Кој издигнувајќи го Својот Крст, ги разниша темелите на смртта!? Како, ако не онака, како што Он ни покажа: да се распнеме себеси. А, да се распнеме себеси, значи да го распнеме нашето тело во неговите страсти и похоти и да го издигнеме вертикално кон Бога, во висината на Крстот Христов, а ширејќи ги рацете, пак, хоризонтално, да ги прегрнеме нашите ближни. Тоа истовремено значи и да стоиме на она, од иконата на Распетието, празно место, под крстот Христов, и плачејќи и ридајќи, да го очистиме нашиот внатрешен човек; да измолиме од Бога благодатни сили, за да не се штедиме себеси, туку ако е потребно, да бидеме подготвени да се изложиме и на потсмев и смрт заради Божествените вистини.

Токму поради потребата за поткрепа и утеха, зашто за време на Великиот пост ние имаме едно чувство на жалост, поради постојаното самораспнување и умртвување на страстите, Црквата, во третата недела и целата четврта седмица, опевајќи го низ црковните песни, ни го покажува Крстот и восхитувачкиот пример на Распнатиот на него, бодрејќи нè со скорото Воскресение. Таа ни порачува да Му станеме сродни на Христа, но сродни и во Неговата тага, та приклонувајќи ги колената пред Него, да го приклониме и нашето срце и просејќи милост, да се издигнеме над своите страсти, за да станеме учесници во Воскресението.

Денеска, во нашите свештени манастири, Бигорскиот и Раичкиот, верните коишто присуствуваа на светите богослужби, беа удостоени да се поклонат на Животворното Дрво, од кое, пак, честици се наоѓаат и во двата манастири. Парчето од Чесниот Крст во Бигорски се наоѓа во прекрасно изработен сребрен филигрански крст, што покрај други мошти е положен во средишниот дел од чудесниот кивот, направен од старите мајстори во времето на игумен Арсениј (првата половина на XIX век). По повод денешниот празник, Крстот беше изваден од кивотот и положен во параклисот „Свето Благовештение“. Таму се одвиваше свечена богослужба, водена од Старецот – архимандрит Партениј, заедно со јеромонасите Макариј и Јосиф. Притоа верниците се удостоија да ја искажат својата љубов и страхопочит кон небесниот Цар, поклонувајќи се пред Неговиот жезол – Крстот Господов. Духовно и телесно поткрепени и исполнети со предвоскресенска радост, тие чиниш го зедоа својот крст и поитаа да Го пресретнат Христа, Кому Му ги отворија дверите од нивните срца, примајќи Го целосно на светата Литургија, преку причестувањето со Телото и Крвта Негова. И навистина, светата богослужба во чест на Крстот Христов беше отслужена со величие, како што нему му прилега. По завршувањето на Божествената литургија, верните литијно се упатија од параклисот кон фијалата, каде што беше осветена вода.

Му благодариме на Бога што, ете, благоволил и ние, грешните, да имаме дел од она Дрво на коешто се случи најважниот настан – спасението на светот. Го молиме сега милостивиот Христос, како што денес изобилно ни ја подари Својата благодат, така да нѐ укрепува и во текот на втората поливина од светата Четириесетница, за со голема духовна радост да го почувствуваме Воскресението. А ние, пак, постојано да ја бараме благодатта на Распнатиот и Воскреснатиот Господ , распнувајќи ја на Неговиот Крст секоја наша егоистичка желба, секоја гревовна плотска страст, секое наше непослушание, секоја наша злоба и злопамтење, секое наше нетрпение, секој наш гнев и лутина, секое наше маловерие. Амин!