БЛАГОВЕШТЕНИЕ

Ете, Оној што дојде да нe повика, сега ни се јави: Бог надумно се соединува со луѓето; со гласот на Архангелот прелеста се изгонува, а Дева радост прима; небото слегува на земјата и светот од првата клетва се ослободува. Созданието нека се радува и гласно нека запее: Создателу и Избавителу наш, Господи, слава Ти.

Стиховна стихира од службата на Благовештение

Денес целата вселена со веселие се украси, зашто и земната и небесната Црква, заедно со сите созданија се собра да го прослави овој надчудесен празник, кој ни го прикажува сместувањето на Несместливиот во Божјиот Кивот – Богородичната утроба. Денес радоста е уште поголема бидејќи огромен број на верници притекнаа, за заедно со братството и сестринството од Бигорскиот и раичкиот манастир, да торжествуваат во овој значаен за Православната Црква ден. Тие не беа спречени и покрај тоа што сеноќното бдение се погоди во работен ден, кога повеќето од нив требаше да ги извршат своите работни обврски, туку сакајќи да ѝ оддадат почит на Богомајката, побрзаа да ги отворат своите усни и срца и заедно со хорот при Македонската Православна Богословија, радостотворно да воскликнат: „Радувај се Благодатна, Господ е со Тебе! Самиот хор, пак, со своето прекрасно и симфонизирано пеење, пренесе видливо умилително расположение кај присутните. Сиот народ, беше духовно поткрепен и од боговдахновената беседа, која во оваа пригода ја изрече старецот Партениј и со која чиниш, сакаше особено да ѝ се обрати на жената, на овој нејзин своевиден празник, и да ја потсети на нејзината голема улога во Божјиот домострој на спасението, како и на нејзината голема духовна одговорност во изградувањето на идните поколенија. Со загрижувачки тон тој ги повика жените, да се отстранат од изопаченото слободоумие и да се угледаат на најсовршениот и најдостоинствен женствен пример на сите времиња – ликот на Мајката Божја:

„Секој од нас има размислувано за чудото како Бог слегол од небесата и Си приготвил живеалиште во мајчина утроба; како Божјата природа се облекла во човечко тело и не се гнасела заради нас да живее девет месеци во утроба; како, пак, утробата, бидejќи тело, држела во себеси оган, без да биде согорена. И како Бог станал човек; Вечниот по години – Младенец; Господарот станал роб и Синот на Царот – сиромав. Сега да го насочиме вниманието кон Дева Марија. Ете, слегува при неа Гавриил, и ѝ соопштува ретка радост, а таа, одговарајќи, вели: Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои (Лк 1, 38). Со оваа согласност Дева Марија постана за нас небо, престол на Бога. Таа е храм, во кој живее силниот Цар на царевите; таа е ново небо, во кое живее Бог на Боговите; таа е евангелска лоза, која Го роди Гроздот на искупувањето; таа е извор, од кој блика жива вода за духовно жедните; таа е мајка за сите страдалници; таа е скала кон небото, по која, душите на добродетелните се искачуваат до престолот на севишниот Бог.
Со светото Благовештение започнува тајната на нашето спасение. На женската природа ѝ е одредено непосредно да учествува во тоа големо дело. Преку првата жена, Ева, гревот влезе во светот; а преку новата Ева, Богородица, Бог дојде меѓу луѓето. На денешен ден Сѐчистата и Пренепорочна Дева Марија го изговори своето скромно и послушно „Нека ми биде“, со што се согласи да стане соучесничка во духовната обнова на светот. Сосема обесправена во однос на мажот, до доаѓањето на Господа Исуса Христа, жената била сметана повеќе за роб отколку за човек. Но Христос преку Богородица ја издигнува жената до највозвишено достоинство. Он нејзе ѝ го враќа вистинското место и улога во општеството, и ѝ одредува нова, возвишена мисија – таа да биде Божја соработничка во делото на спасението. Па така, последувајќи го Богородичниот живот, многу жени низ христијанската историја се издигнале толку многу, што светејќи од тие духовни височини им помогнале и на многу други да го спознаат Бога.

И навистина, жената е стожер на семејството, коешто, пак, е животворна клетка на човековата заедница. Семејството е црква во мало, а мајчинското воспитание е нешто што е најсуштинско и најсилно во животот на личноста. Хранета со православното предание, и поткрепувана од примерот на Богородица, жената и во нашата татковина некогаш била вистински образ, икона Божја. Украсувајќи се со благочестивост, целомудреност и чистота, таа низ нашето минато била налик на жива книга, од која можеше да се научи многу повеќе, отколку што ние денес учиме од безбројните пишани книги. Зашто иако, можеби, неписмена, таа била верен чувар и исполнител на светото православно предание; била носител на Светиот Дух, во Кого е содржана секоја премудрост. И така, исполнета со силна душевна топлина и способност да трпи, и имајќи ја во своето срце вистинската наука, таа како мајка знаела да им ја пренесе оваа највозвишена наука на своите чеда; знаела да одгледа духовно здрави деца; да однегува вистински херои и родољубци, кои своите животи си ги полагале за верата и татковината. Но, за жал, духовниот терор што атеизмот го изврши над нашиот народ во времето на комунизмот, ја прекина таа нишка, во која мајката го воспитувала своето дете во најсветите вистини. Настана едно поколение, кое беше запознаено со светото предание, но го практикуваше некако по инерција, само формално, поради што кај него олади евангелската љубов и ревноста за верата и тоа повеќе не беше во состојба да го пренесе преданието на своите потомци. Резултат на ова беше обезбожување на народната душа и површно почитување на традицијата од страна на малкумина. Ваквото наше христијанско општество, развенчано од светото предание во времето на тоталитаризмот, денес стана лесен плен на погубните влијанија што доаѓаат од западната т.н. постхристијанска „култура“, за којашто, според христијанското поимање за цивилизација, може слободно да се каже дека е паганска и антикултурна. Пред некој ден многу се разжалостив, кога во еден од дневните весници прочитав, како во Канада, поради тоа што имало многу силувања, некој обичен полицаец предложил како превентивна мерка – жените да се облекуваат поскромно и попристојно. Наместо да ја поздрават ваквата добронамерна изјава на благочестивиот полицаец, голем број жени на тоа изреагирале така, што марширајќи по канадските улици, бесрамно ги раслекле своите тела, носејќи вулгарни транспаренти во рацете и правејќи, така, општа соблазна.Според испревртениот светоглед на искривени морални вредности,денешната жена, наместо да се пронаоѓа себеси во скромноста, нежноста, љубовта, милоста и добрината,тааза жал, се наоѓа себеси во нескромноста, бесрамноста, развратноста. Се поставува прашањето, дали покрај вакви жени и мајки, ќе може да се создаде нормално семејство, кое е способно да воспита и израсне здрави личности? Очигледно жените во денешната постхристијанска антикултура се откажаа од светоста и целосно си го изгубија своето достоинство, како што беше некогаш во неморалните општества пред Христа. Денешната жена, наместо примерот на Пресвета Богородица, за образец во својот живот ја зеде бесрамната танчерка Саломија, ќерката на развратната Иродијада.

Пред три години, во мојата беседа за овој ден кажав дека Благовештение се празнувал и како празник на жената. Впрочем, нашите баби, иако можеби неписмени, сепак биле христијански образовани. Тие многу добро знаеле што претставува празникот Благовештение; колку тој празник значел враќање на достоинството кај жената и како Богородица била нивниот идеал во животот, од кој црпеле благодат за својот подвиг: во моминството – чистота, во мајчинството и сопружништвото – пожртвуваност. Затоа тие овој празник го славеле како нивен сопствен – како ден на жената. Интересно е што и во време на османлиското владеење, особено на овој празник, во Бигорскиот манастир на сеноќно бдение доаѓале големо мноштво жени од околните краеви. Водени од верата на нивите претци, жените од мијачкиот крај, иако со миграцијата се иселиле од овие краишта, продолжиле да доаѓаат и во времето на комунизмот. И покрај тоа што манастирот останал без монашкото псалмопеење и сеноќното бдение и бил претворен најпрво во земјоделска задруга, па во училиште и на крај во музеј, мијачките жени, иако во намален број, не престанале да доаѓаат, носејќи елеј и импровизирани кандила од филџани, и оставајќи ги да светат цела ноќ во манастирот. Овој обичај стигна и до нашите дни. Кога дојдов тука пред 15 години, имаше околу 20-ина жени што традиционално доаѓаа за денешниов ден, носејќи ги со себе импровизираните кандила. Но на нивно големо изненадување, сега веќе пред иконите гореа кандилата, кои ги запали нашето возобновено братство. За жал, поради оладувањето на верата, и нејзиното формално практикување, таа светла традиција, постепено згасна, тие не успејаа да ја пренесат на своето потомство, па така, денес имаме само уште две старици, кои сеуште го чуваат овој обичај. Но, Му благодарам на Бога што вие, оцрковените, сте овде во толкав голем број, во спротивно, манастирот би бил празен.

Така примерот со мијачките жени не тера да се запрашаме -Не постои ли голема опасност, дека формалното практикување на обичаите без наша силна вера во Бога, ќе доведе до тоа да ги изгубиме така и другите свети преданија и прекрасни обичаи, кои го претставуваат идентитетот на нашиот народ? А ако го изгубиме светото Православие, тогаш отстапуваме од своите прататковски завети, го губиме своето достоинство, своето битие, го губиме своето Јас. Затоа нека се запрашаат денешните мајки и жени, во која насока тие се движат и нека направат споредба со поранешните наши прамајки: дали го подражаваат нивното благочестие, или се отклониле од него. Дали им доликува на денешните жени да го осудуваат општеството заради моралниот распад, без да го насочат своето внимание кон себеси, и без да се преиспитаат самите себе и да се запрашаат: не носат ли, можеби, и тие значителна одговорност за оваа сеопшта состојба на духовна ерозија?

Сега е време да се вратиме на своите корени, кога жената како образец на жена-идеал, секогаш ја имала Пресветата Владичица наша Богородица, зашто Таа засекогаш ќе остане силен пример за разумно воспитание и просветеност, пример на мајчинство и целомудреност, на вера во Бога и преданост, неовоземна добрина и благост, и трогателно милосрдие и сострадание. Затоа секојдневно да се поучуваме од сето она што ни го кажува Светото Предание за Мајката Божја, од кое црпиме благодат, како од неисцрпна ризница и да го чуваме како најголема светиња, бидејќи таа е наша најголема застапничка пред Бога; и самото спомнување на нејзиното име ни ја радува душата, и целото небо и целата земја се радува на нејзината љубов – како што пее светата Црква – нејзе, на Пречистата и Благодатната и се радува сета твар. Да измолиме од Пресветата Богородица милост и препород за нашите мајки, сопруги и сестри и нивно издигнување на она рамниште, чест и достоинство, што некогаш го имале нашите прамајки. Амин!“