Акатист

Радувај се единствено, најсветло Утро, кое Христа како сонце Го носиш. Живеалиште на светлината, радувај се, Ти, Која мракот го урна и мрачните бесови сосем ги одгна

извадок од Благодарствениот канон на Пресвета Богородица

Денес, во петокот од петтата недела на Чесниот Пост, во умилна атмосфера, молитвено Ѝ се обративме на Пречистата наша Богородица. Нескриено беше благодатното и неизмерно радосно чувство на лицата од присутните, затоа што нивните срца го чувствуваат Нејзиното мајчинско застапништво, и затоа што Таа секогаш милостиво гледа на нас, штедро просејќи ја благодатта на Нејзиниот Син, па како да ни вели: „Не грижете се! Јас секогаш се застапувам за вас пред Мојот Син“. Торжеството на оваа несекојдневно убава богослужба беше збогатено со присуството на сестринството од манастирот во Рајчица, чиешто пеење, можеби, и најмногу Ѝ доликува на нежната Мајка на сите христијани. Службата, достоинствено и молитвено беше водена од нашиот старец, архимандритот Партениј, заедно со останатите бигорски свештеномонаси: о. Доситеј, о. Макариј и о. Јосиф. Присуството на многуте верници ја направи оваа духовна вечера на љубовта подобна на едно свечено и таинствено собрание, во коешто се слушаа само пофални песни и слова упатени кон Препрославената Богородица. А ние, охрабрени од Нејзините изобилни добрини, сега, повторно неа Ја молиме: Небесна Царице, како што некогаш, заради молитвите на Твоите верни слуги на чудесен начин си го спасила велелепниот Цариград, така и сега, милостиво и мајчински погледни на нашата страдална татковина, и како нејзина Покровителка, заштитувај ја од наездите непријателски. Смилувај се и на нас грешните и недостојни Твои чеда и удостој нѐ со покајание да ја завршиме светата Четириесетница, па да го слушнеме тропарот на Великиот Понеделник: Ете, Младоженецот, доаѓа на полноќ, та Он, наоѓајќи нe будни, на самиот крај, да нe удостои со најголемата радост – да се поклониме на Неговото славно Воскресение.