Времето посно светло да го почнеме и на духовни подвизи себе да се подложиме; душата да ја очистиме, телото да го очистиме; да постиме од секоја страст како од храна и со добродетели духот да го насладуваме; со љубов во нив усовршувајќи се, да се удостоиме сите да го видиме сечесното страдање на Христа Бога и светата Пасха, духовно радувајќи се.
Светата Православна Црква уште од самиот почеток на изминатава седмица, која уште се нарекува „предворје на покајанието“, „претпразненство на воздржанието“, „предочистителна седмица на св. пост“, итн. низ богослуженијата повикуваше на срдечно покајание, кое носи прошка на гревовите, со што би ни се отвориле дверите на вистинскиот пост. А, како се отвараат дверите на покајанието и на вистинскиот пост, особено се забележува во евангелската содржина од сирната недела: „Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гревовите нивни, и вам ќе ви ги прости вашиот Отец Небесен; а ако не им ги простите гревовите на луѓето, ни вашиот Отец нема да ви ги прости вашите….“ ( Матеј, 6, 14 – 21 )
Затоа светите отци за овој последен ден пред постот предвиделе специфична богослужба, давајќи на верните можност да си побараат прошка едни на други и така да направат добар почеток на светиот Пост. Во духот на оваа, првично монашка традиција, таа неделна вечерна богослужба во Бигорскиот манастир е вистинско доживување за сите присутни, кои во голем број се собираат овде за со искрено покајание и измирување со другите, достојно да се подготват за посниот подвиг. А глетката во храмот навистина го стоплува срцето и побудува на покајание. Очите се полнат со солзи, додека наоколу се разлеваат трогателните и отрезнувачки вечерни стихири, а покајното расположение достигнува врв со посебните коленопреклони молитви, што игуменот на свештениот манастир, архимандрит Партениј, со особено умиление ги прочита пред сите присутни, измолувајќи од Бога прошка и благослов за претстојниот свет пост. И како и обично, и во оваа прилика, нашиот старец не пропушти духовно да ги нахрани и поткрепи насобраните верни со својата благодатна проповед:
„Денес се потсетуваме на првиот човек Адам и неговиот првобитен грев. Всушност Црквата сака да нè потсети на прекрасната заедница што човекот ја имал пред падот, односно пред да ја прекрши единствената заповед што му била дадена во рајот – постот. Прекршувајќи го постот Адам го изгубил благословот Божји. Му била соблечена „боготкаената одежда“, и наместо во неа бил облечен „во лисја и кожа“, а земјата му раѓала само „трње и коров“. А, колку, пак, Адам тагувал за тоа што го изгубил, за таа негова некогашна заедница со Бога и колку сакал што поскоро да се врати, се гледа од тоа што тој првороденото свое дете го нарече Надеж – сметајќи дека тоа ќе го врати во рајот по кој чезнееше. Зашто Бог му вети дека од жена ќе се роди Спасителот, односно оној кој ќе го врати во заедница со Бога, во таа од Бога воспоставена убавина во рајот. Но, тоа беше веќе невозможно за обичниот човек. Беше потребен Оној, кој ја победи смртта, новиот Адам – Христос, совршениот Човек и совршен Бог, Кој со Својата доброволна смрт на Крстот, нè спаси од вечната смрт и нè воведе во рајот.
Откако Господ ни ја вратил непропадливата облека во светата тајна крштение, ние подобно на блудниот син сме го зеле тоа богатство, потрошувајќи го како свое сопствено, и сега повторно стоиме пред вратите на изгубениот рај. Затоа денес Црквата нè повикува, велејќи: „ Дојдете, портите на рајот се отворени, секој може да стигне до таа божествена благодат, бидејќи повторно е поставено пред нас Дрвото на Животот, а тоа е Светата Причест, преку која се обоживме и осветивме. “
Но, пред нас сега е поставен еден пат – подготовка со пост. Ете, постот му беше даден и на првиот човек. Секој човек кој ја посакува Божјата благодат, треба да се потруди преку пост и духовни подвизи да ја достигне и да ја доживее заедницата со Спасителот. Ова што сега ви го велам, е кажано од срце, зашто знам што значи да се падне и да се изгуби блаодатта и молитвата, а колку убаво е да се биде во благодатна и молитвена заедница со Бога, да се другарува со Него. Потрудете се да постите. Христос секогаш стои со Своите раширени раце и нè повикува кон Него.
Постејќи, постиме не само за наше спасение, туку и за оние кои не постат. Всушност, потребно е постојано да се молиме, призивајќи ја Божјата милост за целиот свет. Бидејќи, гледате човекот постојано го допира дното на злобата. Барем ние кои Го спознавме Бога, да се потрудиме со пост и молитва, по милоста Негова, што повеќе луѓе да се разбудат од тој гревовен сон, да се подигнат од мрачното дно, и да Го побараат единствениот Спасител на светот – Христос.
Да поитаме сега кон ова прекрасно време, кое во песните црковни е наречено „ пролет духовна “. Сега е време да стекнеме духовни плодови и духовно да напредуваме. Да Му ја дадеме на дар на Бога оваа десетина од годината. Да се потрудиме сега Адамовото покајание да стане и наше покајание. Но, пред да го сториме тоа – како што Христос нè поучува, кој сака да принесе дар, најнапред да се измири со братот свој, зашто во спротивно принесениот дар нема да Му е благопријатен на Бога. Ајде искрено да се простиме со сите оние на кои сме им згрешиле, за Господ да го прими нашиот дар. Најнапред вие простете ми за мојата немарност како духовник, за сето она што недоволно сум го направил на нивата Господова. Ги просам вашите молитви, барем од сега натаму да станам подобар, а и сите вие да бидете уште подобри и духовно да раснете. Простете ми мене најгрешниот и последниот од сите.“