Литургија на претходно осветените дарови

Постот наш да не биде само воздржување од храна, туку и оддалечување од секаква телесна страст: та, откако ќе го покориме телото кое нè измачува, да бидеме достојни да се причестиме со Јагнето, доброволно заклано за светот – Синот Божји, и духовно да го празнуваме Воскресението на Спасителот од мртвите, и да се искачиме на висината од добродетелите, во светлината, и во наслада од благородните дела, Човекољубецот веселејќи Го.

 

Верните, кои од сите страни на нашата земја притекнаа во двата наши свештени манастири, духовно ободрени од секогаш гостољубивото братство и сестринство, го започнаа светиот пост тримирејќи и наоѓајќи наслада во воздржанието. Секој од нив копнееше да јаде од плодовите на заповедите Христови, за да може со радост да стигне до крајот на овој подвиг – причестувањето со Телото и Крвта на Спасителот. Овој толку благословен подвиг за секого, го практикуваа и не мал број на верници надвор од манастирите, кои секако дека беа во духовно единство со сите нас. Дај Боже овој нивен личен труд да биде за нивно духовно издигнување, но и за спасение на душите на сите оние кои не постат, а пред сè, да дарува благослов и духовна корист на целата наша татковина.

 

Светите отци така прекрасно промислиле за Великиот Пост, што додека телото се учи на воздржание, душата се насладува од чудесно умилителните богослужби, и така слушајќи ги трогателните молитви и ранети од покајание, се подготвуваме за средба со нашиот Господ Исус Христос, Кој ни се дава на Литургијата на претходноосветените дарови. Оваа Литургија, која ја служиме во секоја среда и петок од овој Пост, е несомнено од апостолско потекло, а во богослужението ја вовел св. Григориј Двоеслов – папа Римски ( 604г ) , чие име го споменуваме во отпустот. Имено, додека бил во Цариград, св. Григориј имал можност да се запознае со Литургијата на претходноосветените дарови, па воодушевен од нејзината содржина и убавина, решил да ја пренесе и во Римската Црква. Всушност тој само го уредил чинот на оваа Литургија, која дотогаш постоела само во усната традиција.

 

Иако е вечерно богослужение и потсетува на старозаветниот период, сепак Литургијата на претходноосветените дарови, преку Телото и Крвта на Спасителот, ни го покажува целокупниот Новозаветен домострој на спасението. Таа е своевиден спој на дел од полната Литургија и дел од вечерното богослужение, и е во скратена форма, зашто повеќето молитви кои се составен дел на Литургијата, се кажуваат додека се врши подготовката на Агнецот – Телото Христово, како и во текот на самото осветување, а на оваа Литургија Агнецот е претходно веќе осветен на неделната Литургија.

 

Првата Литургија на претходноосветените дарови во овој Пост беше вистинско доживување за присутните во двата манастира на светата Бигорска обител. Молитвата, која како кадило со миризлив темјан извираше од срцата на верните, го предвестуваше нивното соединување со Христа – Спасителот, налик на старозаветниот праведник, кој силно ја очекувал светлината од ветениот Месија. Но, она што не можеше стариот праведник да го доживее за да го вкуси, дадено ни е нам да го вкусиме во Самиот Христос, Вистинската Светлина, Која ги просветува сите. Верните со силно расположение на духот, паднати со лицето кон земјата, се поклонуваа пред Агнецот и заедно со сите небесни сили го очекуваа влегувањето на Царот на славата. И навистина Самиот Христос невидливо беше присутен меѓу нив, украсувајќи им ги лицата со особена радост, која не можеше да се сокрие. Така, озарени од Христовата светлина, благодатно го поминаа тримирот, во кој не вкусувајќи ни вода, ниту храна, Го вкусија само Преслаткиот Христос.