Во Ерусалимскиот храм се воведува Пресвета Дева, девојчето Марија, идната Мајка на Спасителот и на сите кои во Него веруваат! Тоа е настан многу поголем од празникот на Нејзиното рожедество. Зашто овој ден е денот на Нејзиното духовно раѓање. Сокриена под сенката на старозаветниот Храм, изникна цветот на Новиот Завет – Дева Марија, Која го даде најсветиот Плод. Празнувајќи го денес ова светлозрачно собитие од Нејзиниот живот, нашата света обител ликуваше заедно со големото мноштво верни, кои го посетија нашиот манастир, за со заеднички славословија и молитви, достојно да ја прославиме небесната Царица. Благолепниот параклис на светото Благовештение ова утро беше подобие на Ерусалимскиот храм, во кој, пред две илјадалетија, со свечена литија, проследена со голема љубов и непрестајно славословие од многуте ближни, и со неискажлив восхит од ангелите, се воведе тригодишната Дева, украсена во царска одежда. И навистина, преизобилната благодат испратена од милостивата Богомајка преку торжественото богослужение и содржината на чудесните светоотечки химни и песни, чиниш, нѐ воведе во живо созерцание на Пречистата Дева во Храмот и нѐ исполни со ревност радосно да Ја прославиме и топло да Ѝ се помолиме.
А Пресветата, Која секогаш на Своите празници во манастирот ни носи драги гости, овај пат нѐ израдува и со посетата на неколку монаси од манастирот Сихастрија во Романија. Така, заедничката љубов што монасите ја имаат кон својата Мајка, се претвори во едно прекрасно сослужување на нашите отци со романскиот јеромонах Козма.
За нас, пак, и за сите присутни гости, кои секогаш сме желни за благодатните слова на нашиот Старец, посебен дар беше мигот, кога вдахновен од беседата на митрополит Софрониј, што се читаше пред светата Причест и каде се вели дека „Пресвета Дева Марија е недостижен идеал, пред кого ние можеме само побожно да се поклонуваме“, нашиот возљубен игумен ги сподели со нас своите духовни размислувања, кои се претворија во прекрасна татковска поука:
„Ете, тука во проповедта се вели дека Богородица за нас е еден недостижен идеал, но таа, пак, ни ја отвори на сите Светињата над светињите, правејќи го и недостижното блиско за нас. Слушнавме од апостолот за стариот Храм во Ерусалим, како бил поделен тој. Најважниот негов дел била т.н. ’Светиња над светињите‘, каде што се чувало најсветото нешто, а тоа беше заветот на Бога со луѓето, поставен во златниот ковчег што бил направен од страна на Мојсеј по наредба на Бога. Во него биле сместени таблиците на Заветот, односно Десетте Божји заповеди. Тоа било најсветото нешто во старозаветниот Храм, одделено од останатиот дел на храмот со тешка завеса, на која биле извезени многуоки херувими. Зад таа завеса никој никогаш не можел да погледне, и не влегувал никој, освен првосвештеникот, кој смеел да влезе само еднаш годишно, за да принесе жртви за народот. Значи, тоа место било забрането дури и за свештениците, а денес гледаме како малото Девојче – Пресвета Дева – на чудесен начин влегува во Светињата над светињите. И ниту свештеникот Захариј, не можеше да го спречи тоа, бидејќи Светиот Дух и нему му покажа дека токму тоа мало Девојче е вратата преку која Господ ќе влезе во светот, правејќи го секој човек храм Божји; бидејќи кога Нејзиниот Син ќе биде распнат на Голгота, еднаш засекогаш ќе се раскине завесата на стариот Храм и Светињата над светињите ќе стане достапна за сите луѓе, односно ќе се урне преградата што постоеше помеѓу Бога и луѓето. Еве денес, сите ќе пристапиме кон светата Причест. Зарем со тоа не стануваме сите носители на Бога во себе? Сите сме храм Божји! Овој празник како да сака да ни го покаже токму тоа – дека секој човек е создаден да биде храм Божји, да биде носител на Бога. А тоа ни го овозможи Најчистата, Која стана ’вратата Господова‘. Вчера на Вечерната богослужба читавме пророштва од Стариот Завет, поточно од пророкот Језекил, кој имал видение за ’затворената врата на храмот‘, преку која никој не ќе може да влезе, бидејќи, вели, ’таа е за Кнезот, таа е за Господ‘. Таа врата е Богородица: преку Неа влезе Господ и преку Неа нѐ спаси и сите нѐ направи храмови и носители Негови.
Но за да бидеме храм Божји треба и ние малку да се потрудиме. Всушност од нас се бара многу малку, зашто поголемиот труд Му припаѓа на Господа; Он направи сѐ што беше потребно за нашето спасение: слезе на земјата, нѐ поучи со Својот пример, се распна заради нас, ја победи смртта и ги отвори рајските врати. Сега ние треба само да го отвориме нашето срце за Бога, претходно подготвувајќи Му достоен дом. А како ќе го направиме тоа? Со очистување на срцето преку покајание и стекнување на добродетели, сѐ додека не се уподобиме на храм Божји, станувајќи обиталште на Светиот Дух. Сите ние сме повикани на светост. Ете и денес на Литургијата, кога Го кренав светиот Агнец (а впрочем тоа се случува и на секоја Литургија) возгласив: ’Светињата е на светите‘. Значи Црквата сите нѐ нарекува светии, а ние, пак, свесни за нашата грешност, одговараме: ’да, но Еден е свет, Еден е Господ – Исус Христос‘, преку Кого сите се осветуваме. Само преку Христа и ние можеме да станеме богови по благодат. Затоа е потребно што почесто да се причестуваме, бидејќи тоа е најголемата Светиња што човекот може во себе да ја прими, и што сите ги преобразува во синови Божји. Вчера со едно духовно чедо разговаравме за тоа што се случува, кога човекот ќе Го прими Господа во своето срце. Какви чудесни промени се случуваат со него! Овде во нашиот манастир имаме прилика често да го видиме тоа. Колку пати тука дошле несреќни луѓе кои го допреле дното! Доаѓаат како опустошени домови, ограбени од гревот, но кога ќе пристапат кон Лекарот над лекарите, кон Светињата над светињите, од непотребни урнатини тие се претвораат во живи храмови на Спасителот Господ Исус Христос. Тогаш тие се вистинско чудо за луѓето кои претходно ги познавале. Едно од децата кои престојуваат тука вчера ми рече: ’ме гледаат моите пријатели и се чудат‘. Јас му дадов пример од пред две илјади години, кога рибарите, митниците, грешниците, блудниците станаа апостоли, откако слезе на нив Светиот Дух. Знаете, читате од Делата апостолски, кога апостолите почнаа да проповедаат, сите се чудеа како е можно едни прости рибари да проповедаат на толку многу различни јазици. Почнаа да проповедаат и изгледаа чудесно, изгледаа како богови по благодат! Зарем не е и денес така? Секој човек што денес ќе Го прими Бога, станува носител на Светиот Дух, и бидејќи негови учители се светиите, тој станува вистинско чудо за сите околу него, зрачејќи со својот пример. Денес гледаме безброј такви чуда околу нас, затоа да Му благодариме на Бога што нѐ удостоил да бидеме сведоци на овие чудеса и што нѐ повикал на овој пат. А тоа е патот што ни го покажа нашата најголема Застапничка, Пресвета Богородица, Која е Светиња над светињите! Да сте благословени! Амин!“