Радувај се, Живоносен извору, кој разлеваш чудеса по морињата и по сета вселена! Духовен океану, кој ги надминуваш водите на Нил со излевање на благодатта! Втор Силоаме, кој испушташ преславна вода како од камен и го имаш дејството Јорданово! Манно спасителна, изобилна за оние што имаат потреба, навистина богата и неисцрпна! Мајко Христова, Отроковице, Која на светот му излеваш голема милост
Стихира од Вечерната на Светол Четврток
Колку е чудесен и благодатен празникот на овој огнозрачен и радосен ден! Ете, сѐ уште силно сјае пасхалната светлина, а денес на неа се додава и блескавото торжество на Мајката на Светлината! Во овој светол Источен петок си спомнуваме за возобновувањето на храмот на Пресвета Богородица во Балаклија, крај Константинопол, наречен „Храм на Живоносниот Источник“. Во тој храм се уште постои благодатен извор, чијашто вода, по благословот на Пречистата, е чудотворна и исцелителна од тешки болести.
И како секогаш кога Бигорската света обител со своите духовни чеда празнува во чест на Богомајката, славејќи ја Нејзината бескрајна мајчинска милост кон човечкиот род, пројавена преку безбројните спасителни чуда, неизмерна е благодатта што Таа, подобно на Својот Живоносен Источник, ја излева во нивните срца. Иако врнежливото време ја попречи литијата која обично се прави на овој ден, кога монасите и присутните верници во свечена поворка со икони и пеење на празничните стихири се упатуваат до агијазмата под манастирот, посветена токму на Живоносниот Источник, а потоа и до скитот на св. Серафим Саровски, сепак тоа не ѝ попречи на љубовта на нашата небесна Мајка преизобилно да ги исполни и стопли нашите срца. И навистина, на светата богослужба, умилително отслужена од нашиот старец Партениј и браќата свешетеномонаси, небесна благодат чиниш се испиша на лицата на бројните верници, дојдени во нашиот манастир да ја споделат убавината на денешниот празник. Радоста беше удвоена кога по завршувањето на богослужението, за време на Пасхалниот водосвет, во хармот на Претечата за поклонение беа изложени речиси сите мошти што се чуваат во Бигорската обител. Благоуханиот миомирис што се разлеа по воздухот, проструи и во душите на сите поклоници, носејќи им тивок и радосен спокој. Денешното славословие заврши со осветување вода во чест на Изворот на Богомајката, и во манастирската фијала, каде што на фреска е изобразен и Живоносниот Источник.
О, Мајко Божја и Мајко на христијаните, Која постојано ја излеваш Твојата најштедра, најчудесна и најспокојна милост кон нас грешните! Смилостиви Го Христа, Твојот Син и Бог наш, заради нас, Твоите недостојни чеда, и удостој нѐ со благодатта и Царството на Твојот Син. Амин!