Денес со радост му се поклонуваме на чесниот и животворен Крст и помислуваме восхитени какво чудесно чудо сотворил Творецот заради нашето спасение, како што вели праведниот Давид: „Бог, Царот наш, создаде спасение посреде земјата“. Некогаш крсното знамение било предмет на маки и срам, а сега е знак на чест и слава. Излезе од мракот и се јави на висина како град на гора и свеќа на свеќник поставена и им се покажа на сите луѓе, овој чесен Крст, извишен и триблажен, што беше поради завист закопан во земја. Тоа е знак по кој се разликуваме од другите народи – тоа е христијанско богатство. Тоа е знак по кој сме познати; знак кој ја просветли вселената – ја воскресна евангелската светлина; народите од исток и запад, од север и југ, ги собра во една Црква, ги обедини во една вера, ги поврза во едно крштение, ги збратими во една љубов.
О, Крсту постојан, ти огреа како сонце од небото и слезе при нас, недостојните! О, триблажено Дрво, на кое висел Христос Царот и Господ! О, Дрво, со кое беше погубен врагот, со кое демоните беа победени! Крсту сечесен, на тебе беше распнат Христос и те направи Дрво на бесмртноста, те покажа дарител на благословот; на тебе Христос се издигна и сиот свет со Себе го подигна. Ти си апостолско исповедание и похвала на мачениците; на монасите воздржание и ерејска похвала, корен и темел на Црквата и крепост на вселената, разрушение на идолските жртви! Преку тебе ние, некогаш отпаднатите, сега сме примени во редот на синовите. Преку тебе ние, некогаш заблудените, сега сме Го познале Создателот на сè. Преку тебе ние, некогаш робови на гревот, сега сме приведени во слободата на праведноста. Преку тебе на крај земјата постана небо. Зашто ти нè измири со Бога, го истреби бесовското служење и нè искачи на врвот на благочестието; нè направи граѓани на небото, нас кои бевме туѓинци. Ти го отвори рајот, го воведе разбојникот, му прости на Адама, го успокои светот.
И како што блеска чесниот Крст облеан со зраците на Христовата светлина, така тоа блескаво утро во свештената Раичка обител на Победоносецот ја најави со својата убавина радоста на овој возвишен и достоинствен празник, кој за сестринството криеше и уште една причина за радост. Имено уште една сестра од обителта беше повикана да се причисли кон редот на Христовите невести, заветувајќи се да Му служи на својот Жених со пожртвуваност, чистота и верност. А нејзината радост ја споделија големо мноштво верници, пријатели на манастирот, кои уште во текот на денот почнаа да пристигнуваат од сите страни, чекајќи го со нетрпение свечениот чин. Најголема беше, секако, радоста на нашиот старец, о. Партениј, чијашто татковска љубов и грижа ја изникна оваа обител, ја воскресна од пепел, и откако нè роди со маки, како најмили рожби нè принесе на најслаткиот Христос, закрилувајќи нè со своите молитви и осенувајќи нè со родителски благослов, за да можеме подготвени да влеземе во брачната одаја на небесниот Жених – Христос. Вечерва, еве, тој го принесува своето чедо Ефимија, и додека полека ја приведува кон светиот олтар, излевајќи ги од своето татковско срце стиховите на прекрасната стихира „Побрзај да ми ги отвориш татковските прегратки…“, натопени со неговата неизмерна љубов и грижлива молитва, никој од присутните не може да остане рамнодушен на таквиот благодатен изблик. Следејќи ја со поглед новата Христова невеста како пристапува кротко како јагне, облечена во бело, нивните срца ги слеваат своите молитви во еден силен восклик кон Бога, за да ја чува и расне во благодат Својата нова невеста, давајќи ѝ духовни сили за постојана борба со духот на овој свет. А кога нашиот архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, кој го изврши монашкиот потстриг, ја положи раката на новозамонашената и го изговори нејзиното ново име Ефимија, нејзините сестри со нескриена радост ги подигнаа своите очи кон небесниот лик на премилостивиот Творец, благодарејќи Му за достоинството со кое ја овенча нивната нова сестра. Нашиот, пак, возљубен архиереј ѝ се обрати на новата монахиња Ефимија со благодатно слово за значењето на крстот во животот на секој христијанин:
„Прославувајќи го Крстот Господов, ние се збогатуваме со благодатта Божја и добиваме помош Божја, за да можеме нашите маки, искушенија, страдања и болести, што нè снаоѓаат во животот полесно да ги поднесуваме, а тие се неспоредливо помали во споредба со Христовите. На секој човек му е дадено да го носи својот животен крст. Господ Исус Христос ни порачува: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме последува“ (Мт 16, 24). Да се оди по Христа во денешното материјалистичко и конформистичко време не е ни најмалку лесно. Оној што ќе избере да оди по Христа, пред сè, треба да е подготвен за многу искушенија и страдања, но и за многу одрекувања. И сите тие страдања и одрекувања добиваат своја смисла само тогаш кога ќе решиме да го носиме својот животен крст, и кога ќе тргнеме по Христа и со Христа. Со Неговата помош и благодатни сили нашиот труд и заложби секогаш ќе бидат од полза, а животните проблеми и искушенија – лесно бреме. Зашто Господ Исус Христос, отакако пострада, славно и победоносно воскресна, победувајќи ја смртта и сите сплетки на ѓаволот. Неговата победа е и наша победа. Неговото Воскресение – и наше воскресение. И ние ќе го победиме сето зло во нас, сите наши страсти и беззаконија и ќе воскреснеме за вечен живот, но само ако мирно и достоинствено одиме по Неговиот спасителен пат, носејќи го со Него, по Него и во Него нашиот животен крст.
А за да не се исплашиме и да не потклекнеме под тежината на својот крст, нашиот Спасител ни упати утеха во светото Евангелие според Матеј: „Јас сум со вас до свршетокот на светот“ (Мт 28, 20).
Сето ова Господ го оставил како заповед на сите христијани, но вечерва тоа особено се однесува на сестрата која преку монашките завети го зеде на себе Крстот Христов. По молитивите на св. вмч. Георгиј, кој достоинствено го понесе маченичкиот крст, Господ Бог да те укрепува и засилува во монашкиот призив, па да можеш и ти со достоинство да го носиш својот крст, одејќи по Христа и со Христа, а по застапништвото на твојта покровителка св. Ефимија, чие име го носиш, сега и во сета вечност. Амин!“
Мерата на радоста и благодатта што ги огреа нашите души ја надополни и свечената богослужба од следниот ден и моментот кога светиот Крст Господов, рајски украсен со венец од босилек и цвеќе, достоинствено беше издигнат среде храмот, додека торжествено одекнуваа победните зборови на крстопоклоната стихира: „На Крстот Твој се поклонуваме, Владико, и светото Воскресение Твое го славиме“. Тоа нè потсети на нашата христијанска должност за смирено носење на својот крст, но не само тоа, туку и нè поучи дека ние кои сме избрале да Го следиме Христа, должни сме да го посадиме Крстот среде нашиот живот и на него да се распнеме за сите наши страсти и гревови, за откако ќе ги претрпиме сите искушенија што Бог ни ги допушта за наше спасение, да воскреснеме заедно со Него, славејќи Го и величајќи Го во Царството на небесната радост. И ете, во духот на празникот Воздвижение на чесниот Крст, нашиот брат, ероѓакон Ефросиниј, смирено го зеде на себе крстот на свештеничката служба, предавајќи се на послушание на свештената обител и на нашата света православна Црква и со тоа примајќи го достоинството пред Божјиот престол да принесува бескрвна жртва за сите нас.
Понесени од мноштвото неизмерни добрини со кои нè обдари нашиот премилостив и преблаг Господ, од дното на душата излеваме благодарност и со скрушена радост се поклонуваме на чесното и живоносно Дрво, Крстот Господен засаден среде вселаната, на лобното место, кој на чудесен начин ја произрасна лозата на животот. Со него, како со најсилно оружје, блажените апостоли ги победија демонските сили и ја уловија вселената. Облечени, пак, во него како во оклоп, Христовите воини ја уништија злобата на мачителите, а оние што се откажаа од светот и го зедоа на себе, со радост се населија по пустини, планини, пештери и земни бездни. Какво неизмерливо богатство ни даде премилостивиот Бог преку Крстот! Слава на Неговото човекољубие, слава на Неговата благост, поклонение и сила во веки веков. Амин!