Мошти на св Јован Шангајски во Бигорски

Зарадувај се денес и ликувај, славна Бигорска oбител! Радувај се, зашто дојде при тебе денес „боговдахновениот молитвеник и бесребрениот пастир, благодатниот исцелител, пророк и благовесник, светителот Христов, Јован, милостивиот наш застапник“, чудотворецот Шангајски и Санфранциски!

 
Денес, по милоста на Предобриот Бог, Кој е Дарител на сите добри нешта, и на неговиот верен слуга, св. Јован Шангајски, нашата обител се удостои со еден навистина скапоцен и неискажлив дар. Имено, во овој трет ден од тримирот, како небесен благослов за сите многубројни верници, кои заедно со Братството од нашиот манастир во текот на првите три дена од Великиот Пост потполно се воздржуваа од храна и пиење, веднаш по завршувањето на Литургијата на претходноосветените дарови и примањето на светите Тајни, пристигна честица од светите мошти на св. Јован Шангајски, што со голема радост и торжествено славословие беше пречекана од монасите и присутните верници. Иако телото на светиот е нетрулежно, сепак, по Божја промисла, пред неколку години од неговата лева нога се одвоило едно делче, кое се дели со благослов на оние што ќе се обратат до митрополијата. Светите мошти со молитвена литија, проследена со празнично биење на камбаните, беа пренесени од манастирската капија во Соборниот храм на св. Јован Крстител, каде што верниците благочестиво се поклонија пред нив и со љубов ги целиваа. Беше толку прекрасно и радосно да се чуе како свечено одѕвонуваат стиховите од тропарот на светијата и благодатните песни на молебниот канон. Честицата од чесните мошти ни пристигна од САД, од храмот на Пресвета Богородица наречен „Всјех скорбјаштих радости“ („Радост на сите нажалени“) во Сан Франциско, каде што почива нетрулежното тело на Архиепископот Шангајски и Санфранциски. Таа пристигнаа како благослов од Западноамериканската диоцеза на Руската задгранична Црква, откако нашиот игумен, архимандрит Партениј испрати молба за дел од чесните мошти на новопрославениот Христов светија. Всушност, нашиот старец уште како дете во родната Битола имал можност од повеќе духовни чеда на св. Јован, кој дел од својот живот го поминал токму во Битола како учител во славната Битолска богословија, да слушне за неговиот чудесен живот, подвизите и љубовта што тој ја имал. Сохранувајќи ги овие зборови во своето христокопнежливо срце, во него се јавила голема љубов кон битолскиот подвижник. Па затоа, воден од таа љубов, и дознавајќи од своето духовно чедо Стојанче Андов во Америка дека архиепископот на Сан Франциско и Западна Америка, Кирил, дава како благослов честици од одвоеното делче, испрати молба до Неговото Блаженство и на наша огромна радост тој даде потврден одговор. Така, со благослов на Архиепископот Кирил, во духот на христијанското братољубие, архимандритот Иринеј, задолжен за монашкиот живот во Сан Франциско, испрати преку Виктор Недески, духовно чедо на нашата Обител, честица од левата нога на св. Јован. При предавањето, архимандрит Иринеј изјави дека му претставува голема чест што дел од моштите ќе се наоѓа во Македонија – земјата во која некогаш живеел, дејствувал и духовно се издигнувал св. Јован Шангајски. Во приложение ги доставуваме молбата за моштите и потврдниот одговор, како и аудио запис на една боговдахновена беседа на св. Јован Санфранциски за Неделата на Православието.
Најпосле, исполнети со благодат и дуовна сладот, громогласно извикуваме:

– Добре ни дојде повторно во Македонија, свети владико! Неизмерно ти благодариме што нѐ удостои нас, недостојните, да имаме дел од твоите свети и нетрулежни мошти. И како што си се покажал голем чудотворец и огнен молитвеник пред Бога за твоето духовно стадо, уште додека си бил на земјата, така не престанувај да се молиш за нас и нашата татковина и сега, стоејќи пред престолот на предвечната Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух, на Која Ѝ прилега слава, чест и поклонение во веки веков. Амин.