Монашење на празникот на св. Григориј Палама

Украсот на монасите, богопросветлениот учител за догматите, великиот во свештениот собор на монасите, св. Григориј Палама целиот свој живот го посветил за запазување на чистотата на нашата вера и вистинската суштина на подвижничкиот живот. Токму затоа монасите го чувствуваат толку близок на своето срце, усрдно му ги упатуваат своите молитви и со љубов и почит го чествуваат неговиот свет спомен. Така, братството и сестринството од нашите две обители, со посебно торжество ја слават Втората недела од Великиот пост, која светите отци ја посветиле нему. И не само тоа. Оваа година сестрите од манастирот во Рајчица му ги предадоа на молитвена грижа и застапништво и своите две нови рожби, Драгана и Јасмина, кои под неговата силна закрила Му пристапија на Женихот Христос и од Него примија благослов за рамноангелски живот.

А радоста на сестринството заради овој свечен и свет чин ја сподели и големото мнозинство верници и гости кои притекнаа во толкав број, што манастирот беше претесен за сите нив. Беше навистина чудесно да се види како со големо умиление и страв Божји молитвено стојат во преполнетиот храм, благодарејќи Му на Бога за Неговиот неизмерен дар и благодатна посета. Вознесени во молитвен восхит заради прекрасните ангелски гласови и умилно пеење на од Бога надарените псалти, нашите студенти кои го изучуваат византиското црковно пеење во Солун, византискиот хор „Хармосини“ и младите богослови, тие со солзи во очите го очекуваа мигот кога новата сестричка Драгана ќе пристапи да прими монашки потстриг. Не мало беше изненадувањето, кога искушеничката Јасмина со длабока метанија пред нашиот архијереј, г. Тимотеј, доби апостолник, припремајќи го своето срце за нови искушенички подвизи Христа ради.

Најпосле, во храмот одекнаа познатите звуци на чудесната стихира: „Побрзај да ми ги отвориш татковските прегратки…“ Трепетниот глас на нашиот старец Партениј, кој како грижлив и пожртвуван татко Му го принесуваше на Господа своето сакано чедо, што со љубов го одгледа како млада фиданка, ги разгоре сите срца, слевајќи ги во една огнена молитва за новопотстрижената монахиња Касијана. Храмот на св. Георгиј просто одекнуваше од едногласниот молитвен повик, додека сестра Касијана, облечена во ангелски образ со крст и запалена свеќа во рацете, стоеше пред иконата на Спасителот, предавајќи Му се себеси како жива жртва, и примајќи го на себе Неговиот благ јарем. А Он, пак, по Својата голема милост веќе го запишуваше нејзиното ново име во книгата на живите, отварајќи ги за неа Своите украсени одаи како за невеста Христова.

Нашиот возљубен митрополит, кој со видлива радост го изврши чинот на потстрижувањето, сподели со присутните едно боговдахновено слово, не пропуштајќи во него да ја изрази својата пастирска грижа кон монашкото братство и сестринство, и обраќајќи се со посебна љубов и поука кон новопричислената кон рамноангелскиот ред, сестра Касијана:
„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Големиот апостол на народите, светиот Павле во своето Второ послание до Коринтјаните упатува една порака со вечна и непреодна вредност, која се однесува на секое човечко суштество, а укажува на патот на луѓето во нивниот овоземен живот: „И така, возљубени, да се очистиме од секаква скверност на телото и духот, па да твориме дела свети и со страв Божји“ (2 Кор. 7, 1). Овде се собрани сите заповеди Христови, она на што е повикан сиот човечки род, а претставува и предуслов за во него да се всели силата Божја, животворецот – Светиот Дух. Бидејќи само во чисто срце, како чист сад, може да се всели силата Божја и Духот Свети. Па и ние како луѓе не би се вселиле во нечисто живеалиште, доколку претходно не го очистиме, избелиме. Кога тоа важи за нас, луѓето, тогаш колку повеќе за нашиот Господ, Кој е создател на небото и земјата? Негово живеалиште е срцето на луѓето. Не случајно Господ Исус Христос во светото Евангелие има речено: „И птиците небесни имаат свои гнезда и лисиците свои легла, а Синот Човечки нема каде глава да потслони“ (Мт. 8, 20).

Зошто Синот Човечки нема каде глава да приклони? Затоа што малку се чистите срца каде Бог би можел да пребива. Бидејќи само таму каде што е чисто Бог ја приклонува Својата глава, само во чистото Свое создание се вселува. Секое создание, особено човекот, е создадено чисто и со раката Божја обликувано. Но човекот, паѓајќи во грев, го осквернува образот Божји, иконата Божја која во себе ја носи, валкајќи го садот на Божјата благодат, домот на своето срце. Затоа преку устата на св. ап. Павле Господ нe повикува да ја очистиме секоја нечистотија и да твориме дела свети во страв Божји, во страв кој е почеток на секоја мудрост (Сп. Псал. 111, 10). Така правеле сите свети луѓе, светите пророци, така направил и светиот боговидец Мојсеј, па дури потоа се искачил на гората Синај за да го види лицето Божјо и да ги прими Божјите заповеди.

На овој пат биле повикани и апостолите Христови, подготвувајќи се така да станат садови на благодатта Божја. Секој од нив ја чистел својата нечистотија за да приготви достојно место за Господа во неговата душа.

Како секоја добра мајка што се труди своите деца да ги упати на вистинскиот и спасоносниот пат, така и светата Црква, како наша духовна Мајка, нe учи како да го избереме патот кој води во вечен живот. Најпогоден период за тоа е токму Велигденскиот пост. Најпрвин преку подготвителните недели таа нe учеше како да го започнеме постот, потоа во текот на Големиот пост секоја недела ни дава по еден пример на кого треба да се угледаме и уподобиме. Целиот нејзин повик и учење е да се измениме, покаеме, облагородиме и соединиме со нашиот Спасител, Господ Исус Христос.

Еве и денес светата Црква ни го изнесува примерот на св. Григориј Палама. Овој, пак, голем учител на верата, догматиката, мистиката и монаштвото се удостои да стане столб и тврдина на Црквата Христова. Затоа и ние денес собрани во овој манастир посветен на св. вмч. Георгиј, во којшто има и параклис посветен на св. Григориј Палама, да се поучиме од неговиот живот и неговата непоколеблива вера, па да се очистиме од сите телесни и духовни нечистотии и да подготвиме достојно место во нашето срце и разум, за таму да се всели семилостиовиот и себлагиот Бог.

А сега би сакал да упатам неколку зборови и кон сестра Касијана, која вечерва ги даде монашките завети. Сето кажано досега се однесува на секој православен христијанин, крстен во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Но сепак, во поголема мера овие зборови се однесуваат на монаштвото, бидејќи тоа е повикано кон англеско служење на земјата. За тоа служење да биде подостоинствено и пореално, потребен е посебен труд и подвиг за очистување на душата и телото, па Божјата благодат да најде достојно место за престојување. Затоа поукиве нека ти послужат за постојана подготовка и очистување во монашкиот живот, бидејќи, како што се вели, нема човек кој живеел, а да не згреши. Но нема грев што Бог со Неговата милост и човекољубие не би го простил. А за тоа, пак, потребна е храброст и подготвеност да се побара прошка, пролее покајни солзи, кои го чистат умот и срцето и душата од секаква скверност. Затоа ние, собраниве во овој манастир, да се помолиме за с. Касијана, за св. Григориј Палама и нејзината духовна покровителка, св. Касијана, позната црковна поетеса од IX век, да ? бидат молитвеници, помошници, закрилници, та да може монашкиот подвиг достоинствено да го носи и сите искушенија со пост и молитва да ги надминува. Нејзиниот живот и труд нека бидат за прослава на Троичниот Бог, за просперитет и афирмација на оваа света обител, а за спасение на нејзината душа. По молитвите на св. Григориј Палама, св. Агатангел Битолски, чиј спомен денес го славиме, Бог нека ги услиши нашите молитви и така нека биде. Амин!“

Како најубав украс на празничното торжество од минатата вечер, следниот ден се отслужи небесна божествена Литургија, која силно ги вознесе молитвените восклици на присутните, со неизмерна љубов и благодат ги нахрани нивните души, поткрепувајќи ги со благодатната сила на животворните тајни на нашиот пресладок Спасител, Исус Христос.