Во навечерието на Чесниот Пост

Недела на простувањето

Засветли благодатта Твоја, Господи, засветли просвештението на душите наши. Ова е време благопријатно, ова е време за покајание; да ги отфрлиме делата на мракот и да се облечеме во оружјето на Светлината; и, откако ќе ја препливаме големата морска шир на постот, да стигнеме и до тридневното Воскресение на Господа и Спасителот наш Исус Христос, Кој ги спасува душите наши

Стихира од неделната Вечерна богослужба

Нашата света православна Црква денес торжествено го превозгласува почетокот на Чесниот Велигденски Пост. Започна прекрасното поклоничко патување кон Христовото Воскресение! Патување што ќе нѐ ослободи од робувањето на гревот, од неговото мачно заробеништво. Но за нашиот пост да биде богоугоден и делотворен, тој не треба да биде лицемерен и фарисејски, туку украсен со добродетели, од кои, пак, најголема е љубовта. Затоа, научени од Христовата возвишена љубов, светите отци премудро одредиле светата Четириесетница да започнува со меѓусебното простување. „Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен“ (Мт. 6, 14). За таа цел во неделата пред почетокот на Постот, богослужбениот типик предвидува една особено убава Вечерна богослужба, која завршува со сеопшто простување помеѓу сите верници.

 
Во духот на преданието на светите отци, и во нашата свештена обител, во параклисот на Светото Благовештение кој се покажа премал за да ги прими сите присутни гости и верници, се отслужи денес оваа таинствена Вечерна, во која, чиниш, како да вкусивме истовремено и тага и радост; тага – затоа што се потсетивме дека нашето постоење на земјата, после Адамовото изгонување од Рајот, станало прогонство; а радост, пак, зашто веќе сјае пред нас воскресението на Спасителот на светот – Христос, Кој повторно ги отвори вратите на Рајот за секој што Го следи Него. Па така, во атмосфера на љубов и смирение, на крајот од Вечерната нашиот старец Партениј со умилителен тон ги причита прекрасните молитви за благословување на Постот, со кои се помоли за сите свои духовни чеда. Во продолжение тој побара прошка од сите верници, а потоа и многубројните присутни, со солзи во очите и со срца исполнети со љубов, испросија прошка, почнувајќи од старецот, па од монасите и монахињите, а најпосле и помеѓу себе. Ова трогателно и покајничко сеопшто простување, проследено со радосните пасхални стихири, уште еднаш нѐ потсети дека конечната цел на нашето благословено патување за време на четириесетдевната пролет на Постот е Христовото Воскресение, а со него, пак, и нашето лично воскресение.

Исполнето со сепростувачка родителска љубов и со предвкус на пасхаланата радост, татковското срце на нашиот старец ни посака добри и благословени пости: „Нека ни биде благословен и душеполезен Чесниот Пост и нека Бог нѐ удостои радосни да се поклониме на светлото Христово Воскресение“. Амин.