Колку е прекрасно кога некој ќе се исполни со толку силна љубов кон Бога, што за Него ќе претрпи големи страданија, ќе направи надчовечки подвизи, па дури и животот ќе го положи за премилиот Христос и ќе го придобие царството на вечната радост, ќе се удостои со голема смелост и благодат од Господа, та илјадници луѓе ќе се собираат на молитва за да го прослават неговиот свет спомен. Таков е нашиот патрон и заштитник на сестринството од манастирот во Рајчица што го носи неговото свето име, кој денес беше домаќин на големо мнозинство верници, притекнати од сите страни со една единствена желба: да измолат помош и заштита од светијата за нашата убава татковина, за нашиот народ и за целиот свет, кој тоне во мракот на страшно безбожие. Токму затоа толку силно прозвучија познатите стихири испеани во негова чест, громогласно разлевајќи се низ сводовите на преполнетиот храм и упатувајќи едногласна порака кон небото, каде светиот маченик пребива во огромна слава и секогаш ги слуша нашите молитви. А за тоа во својата беседа зборуваше нашиот возљубен архијереј и секогаш драг гостин на манастирот, митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки, г. Тимотеј, кој го посочи на присутните светиот живот на маченикот, како пример на добар Христов војник:
„Денес ние го прославуваме светиот великомаченик Георгиј Победоносец. Тој е образец или пример на добар Христов војник. Со неговиот чист и непорочен живот, полн со љубов и милосрдие, излегол како победител над гревот и неправдата. Со своите претрпени маки заради Христа, излегол како победител на страданијата. Тешки биле неговите страдања, но тој сето тоа го претрпел како добар Христов војник, со вера, надеж и најголемо трпение и како победител се здобил со венец на вечна слава од Оној, Кој вели: ’Биди ми верен до смрт и Јас ќе ти дадам венец на животот‘ (Откр. 2, 10). Таков венец и таква слава примил на својата глава светиот великомаченик Георгиј.
Господ на сите нам ни заповеда да бидеме добри војници, давајќи ни во рацете духовно свештено оружје и ни зборува дека сме должни да се бориме. Ако сме пак војници тоа значи дека имаме непријатели. Но ние не сме обични војници, туку војници на Господ Исус Христос и нашите непријатели се внатрешни непријатели, затоа и нашето оружје е внатрешно. Како што зборува св. ап. Павле: ’Оружјето на вашето војување не е телесно, но со помошта Божја е силно да рарзушува тврдини…‘ (2 Кор. 10, 4). Гревот, драги браќа и сестри е нашиот најголем непријател и ние сме должни постојано да се бориме против него. Затоа св. ап. Павле вели: ’Земете го шлемот на спасението и духовниот меч, кое е Словото Божјо‘ (Ефес. 6, 17). Но Господ ја знае и нашата слабост, знае дека честопати оружјето ни паѓа од рацете и шлемот на спасението паѓа од нашите глави и штитот на верата не е цврсто држен. Срцевидецот Господ знае дека понекогаш ние попуштаме во таа тешка борба и поразени го напуштаме борбеното поле. Но Он дојде да го најде и повика паднатиот и нема да не остави во такви тешки моменти. Он ни ја даде и Неговата Мајка за да ни биде наша Застапничка и Помошничка, да нè зацрвстува преку нејзините молитви, да ја закрепнува нашата вера, да го бодри нашиот дух и да ни дава сила да можеме да се избориме со нашите внатрешни непријатели. Така и светите Божји луѓе, односно светите Божји угодници, ја имаат таа сила да им помагаат на луѓето. И св. вмч. Георгиј, кој во Бога стекнал таква смелост, секогаш ни приоѓа кога со искрена вера Му се обраќаме за помош.
По молитвите на св. вмч. Георгиј Бог нека ги услиши нашите молитви и нека ни подари сè што е корисно и спасоносно за нашите души и тела, сега и во сета вечност. Амин!“
Празничното, пак, утро ни ја донесе радоста на заедничарењето со Бога преку Евхаристијата. Светата Литургија е чин каде што најсилно се чувствува тоа радосно ликување, особено кога толкаво мнозинство ќе се собере, како тоа утро во храмот на Победоносецот. Целиот храм ги пееше торжествените литургиски напеви. Гледајќи ја таа чудесна сплотеност во молитвата и посебно вдахновен од светото Евангелие, каде Господ, зборувајќи за љубовта, им ја даде на учениците Својата најголема заповед, нашиот старец Партениј произнесе прекрасно и благодатно слово за љубовта и за тоа какво е достоинството, честа, но и одговорноста на нас, христијаните, кои сме носители на тоа учење за Љубовта:
„Еве, Господ, сакајќи да ги укрепи Своите ученици, откако им предвести дека ќе настапи време кога секој што ќе ги убие ќе мисли дека на Бога Му принесува жртва, им ја даде оваа заповед: ’Да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив!‘ (Јн. 13, 34) Колку силна заповед! И нова заповед – како што се вели во Евангелието на св. Јован Богослов. Зашто никогаш порано таа не прозвучила со толку голема сила. Овие зборови можеби биле и претходно кажани, ете и во Стариот Завет се спомнува љубовта, пророците ги поучувале луѓето да Го возљубат Господа со сето свое срце и со сета своја душа и ближниот како себеси. Но, тие зборови тогаш немале ваква сила. Силата произлегува од Христа! И само Неговите зборови за љубовта имаат вистинска сила, бидејќи Он љубовта ја потврди со најголемата жртва. Он од љубов слезе на земјата, од љубов се предаде Себеси за човештвото и затоа само Он може да каже: ’Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив’, и примајќи ја таа заповед во нашите срца, ја чувствуваме нејзината огромна сила. Низ вековите многу христијани ја исполниле оваа заповед и поткрепувајќи ја љубовта со дела, така достојно Го последувале Спасителот, Кој не се двоумеше дури и да ги рашири рацете на Крстот, да пострада само за да го спаси овој свет, свет што не ја цени неговата жртва и, за жал, сè уште се противи на вистината. Всушност само верните следбеници на Распнатиот и Воскреснатиот, единствениот вистински Бог, единствениот Кој донесе љубов на земјата, само тие можат правилно да љубат и да гледаат на овој свет со вистински очи, гледајќи сè преку призмата на љубовта кон ближниот и кон светот, бидејќи така се научени од Распнатиот за нас Бог, Кој Самиот е Љубов. Тоа ги прави поинакви од другите, и затоа Он на христијаните им вели: ’Вие не сте од овој свет‘ (Сп. Јн. 15, 19). Но Он дојде да ни сведочи за еден друг свет, свет на љубовта, радоста, мирот; свет кој е од другата страна, кој е небесен, духовен, совршен. Дојде да ни го објави тој духовен свет и да нè научи вистински да се радуваме во овој свет, та нашата радост да биде полна. А сите други, кои зборуваат за мир во светот и тоа дека нивното учење проповеда љубов и мир – тие кажуваат само празни зборови и нивната љубов е само на збор, бидејќи по делата тие се поинакви. Христијаните се оние кои ја носат во себе вистинската љубов, секако тука мислам на вистинските христијани, на коишто единствен идеал и цел на животот им е Спасителот Господ Исус Христос. Но оној кој љуби тој и страда. Затоа и Самиот Господ понатаму вели во Евангелието: ’Ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа и вас ќе ве гонат‘ (Јн. 15, 20) – а знаете какви страдања претрпи Господ од светот. И ден денес христијаните се прогонувани подобно на нивниот Спасител. Замислете си како би било кога некој учител би ги поучувал своите ученици, предвестувајќи им дека ќе имаат само страдања, дека постојано ќе бидат гонети, дека ќе претрпат мачење и смрт. Зарем некој би тргнал по таков учител? Сигурно не! Но Овој Учител е посебен. Ова е Учител Кој ја победи смртта, Кој дава воскресение и живот вечен. Затоа, вреди за ваквиот Учител, Кој од љубов пострада за светот, и ние од љубов да пострадаме, стекнувајќи го од Него на дар животот вечен. Но кога ни предвести страданија Он Самиот нè утеши со Своите зборови: ’Не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат, туку бојте се повеќе од оној кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот!‘ (Мт. 10, 28) Значи да се плашиме само од непријателот, кој преку гревот ни ја убива душата; да се плашиме од незнаењето и мрзливоста што многупати нè опфаќаат; кога ќе паднеме во духот и верата почне да ни се расклатува – само тогаш да се плашиме. И доколку имаме непоколеблива, силна вера, љубов помеѓу себе, а пред сè љубов кон Оној Кој живот дава, тогаш ќе бидеме бестрашни, токму како нашите богоносни предци, кои бесконечно Го љубеле Христа и биле подготвени и душите свои да ги положат за Него. Тоа ги направило храбри воини во Христа, каков што е и нашиот денешен славеник св. Георгиј Великомаченик и Победоносец, кој со своите страдања за Христа стекнал таква духовна сила што, еве, веќе седумнаесет века е вистински заштитник на христијаните и поборник за православните држави. Неговото житие дава чудесни примери за неговата помош на христијаните, при што тој низ историјата дури и слегувал на земјата и телесно се борел на страната на православните војски. А од каде таа сила? Што е тоа што му дава таква сила на св. Георгиј? Тоа е секако неговата непоколеблива вера во воскреснатиот Спасител, бидејќи тој, претрпувајќи ги сите жалости и страдања, знаел дека вреди да се поднесе таква жртва, дека оди во вечноста, во прегратките на Победителот на смртта; ја знаел целта на својот живот. А целта е еднаква за сите нас: спасението во Христа, царството Небесно, спечалено преку многубројни маки и подвизи што нè чекаат во овој свет, бидејќи, за жал, човештвото повеќе ја возљубило темнината отколку светлината.
Еве, деновиве ме ужасна однесувањето на една толпа народ во Скопје, која непоимливо, после молитва упатена кон Бога, без никаков срам излезе и се бунтуваше заради спроведувањето на законот! Уште не знаеме дали уапсените се виновни, а тие луѓе не го ни почекаа исходот, туку излегоа и се бунтуваа само заради тоа што некои поединци, обвинети за ужасно дело, излегле пред правдата. За нив Христос во Евангелието ни вели: „По делата ќе ги познаете“. И вистина, зарем нивните дела не покажуваат дека тие не веруваат во правдата, вистината и во љубовта, туку повеќе го возљубиле мракот и лошите дела? Гледајте ги делата на вистинските христијани: колку многу дела на љубовта! И целата историја на вистинското христијанство, кое е засновано на Евангелието на Љубовта, е само љубов, мир и радост. Секој христијанин во овој свет е сведок на таа љубов, како што бил и св. Георгиј Великомаченик. Па и самиот збор маченик во грчкиот јазик го означува токму тоа – μάρτυρ (маченик), што значи сведок – оној што сведочи за вистината, радоста, љубовта. Да токму радоста, зашто иако во очите на луѓето крајот на мачениците е тажен – ете св. Георгиј завршил со отсекување на неговата чесна глава – сепак во очите на Бога таквата маченичка смрт е радост, затоа што сите тие го придобиле царството Небесно; борбата ја завршиле и целта ја постигнале – спасение на душите и заедница со Бога. А веќе реков дека тоа е целта на секој христијанин.
И да се навратам пак на тој протест што го видов после нивната молитва, а што можевме сите ние да го видиме преку јавните гласила. Се ужаснав, но истовремено и се помолив за тие луѓе, за сите оние што се пленици и заробеници на мракот и незнаењето, зашто тие во незнаење мислат дека на таков начин Му служат на Бога. Меѓутоа свештената историјата покажува дека на Бог, Кој е Љубов, единствено Му се служи со вистина, љубов и мир, и плодовите на оние кои поверувале, преку Духот, се љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста. Против такви нема закон (Сп. Гал. 5, 22-23). Таква вера е единствено христијанската, вера која сведочи за љубовта, мирот, радоста и која е спасение! Ние христијаните сме повикани да сведочиме за таа вистина; да сведочиме со нашите животи, ако е потребно и полагајќи ги заради Христа и ближните! Всушност, ние секојдневно умираме за да живееме. Кога се бориме со страстите и гревовите – зарем тоа не е едно своевидно умирање? Самите знаете колку е тешко да се биде христијанин во овој мрачен, пропаднат свет, свет со испревртени морални вредности, од којшто демнат безброј искушенија, соблазни и прогонства. И сето тоа да го победиш е вистинско мачеништво. Затоа ние, христијаните, треба да се угледаме на многубројните маченици и исповедници од историјата, но и на денешните добри христијани и монаси, кои сè уште ги има во целиот свет. Тие се пример за вистински маченици, кои го победуваат светот и ја возвестуваат радоста на воскресението. И не само тоа. Тие се и жив пример за тоа како благодатта Божја на чудесен начин ги преобразува личностите.
Заради претрпените страдања Бог ги удостоил мачениците после нивната смрт да прават безброј чудеса. И овој манастир во кој се наоѓаме денес и се молиме е вистинско чудо. Чудо по молитвите на свети великомаченик Георгиј Победоносец, чудо зашто од урнатини издигна живо светилиште и си собра свое стадо, како сведоци за воскресението. Јас секојдневно, гледајќи го ова чудо, се радувам и Му благодарам на Бога што Он го удостои овој народ, кој 50 години талкаше во безбожништво, се одвраќаше, ропташе, одново да ја дознае Вистината – дека нема друга вистина и друг пат освен оној Христовиот! Тоа Господ му го покажа и на големиот руски народ – дека нема друга вистина освен Христос! Дека освен Него ништо друго ново нема под Сонцето. Затоа Му благодарам на Бога за ова чудо; Му благодарам што ги собра овие млади души да се молат за нашата татковина и за целиот свет. Да се молат за целата наша младина, младите да се разбудат и, борејќи се против злото, да станат вистински херои во Христа, бидејќи вистинските херои се токму оние кои се борат најнапред со егоизмот во себеси, со сите страсти во себеси, а потоа и со злото во светот – таквите херои се навистина достојни пред Бога. Ете такви треба да бидат нашите младинци, и токму тоа е она што можат да го научат од монасите, доаѓајќи во манастир. Не за сите да станат монаси, како што некои се плашат, мислејќи дека ако младите луѓе одат во манастир, неминовно ќе станат монаси, туку да ја зацврстат во себеси верата во Христа. Еве гледате поминаа веќе 17 години откако нашите манастири се возобновени, а едвај сме 30 монаси. Па сепак, овде дошле илјадници млади луѓе, научиле за Вистината и тргнале по Христа и Неговиот единствен вистинскиот пат, токму заради монасите, кои со својот живот им посведочиле за вистината, љубовта и воскресението. Манастирите за нашиот народ отсекогаш биле и се вистински духовни училишта. Затоа свети Георгиј, со своите молитви и слободата што му е дадена од Бога, нека ги чува овие два манастира и сите други, нека ја чува нашата татковина, како вистински закрилник на православните. Нека биде соборец и на нашите војници, нека ги просветува нашите политичари да ја водат по патот на вистината и воскресението оваа демократска православна земја, во која има место за сите. Амин!
Да ги упатиме и ние нашите молитви, молејќи се за мир во нашата татковина, за победа над нашите непријатели, за вразумување на сите, та сите да дојдат до познавање на вистината во Христа и да станат дел од Неговата вистинска љубов. Амин!
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!“