Отсекогаш нашиот Спасител Господ Исус Христос од овој свет, како од Своја градина, со неискажлива радост ги собирал во Својата небесна житница најмиризливите цветови и најубавите плодови на Црквата во лицето на мачениците. Како многуплодна лоза, напојувана од евангелските води на живоносниот Источник, во свое време и нашиот македонски народ давал изобилни и скапоцени плодови, полнејќи ги со нив небесните амбари низ вековите. Нашите христоносни предци знаеле дека нема и не може да има нешто поубаво, подобро, поскапоцено, подостојно за љубов и почит од Спасителот на светот. Та затоа, кога било потребно, тие воопшто не ги штеделе своите животи, туку со радост ги положувале за Својот возљубен Христос, преобразувајќи се така од глинени творби во небесни цветови. Еден таков неовенлив цвет, украсен со ливчиња на христијански добродетели и обоен со маченичка крв, е и денес прославуваниот Христов маченик – св. Ѓорѓи Кратовски (Софиски). Празнувајќи го достоинствено, како и претходните години, споменот на овој храбар исповедник и маченик, нашето Братство заедно со присутните верници се собраа во бигорскиот параклис, посветен токму на овој свет новомаченик. Таму, пак, во чест и слава на св. Ѓорѓи, а на наша голема радост, божествена Златоустова Литургија отслужи нашиот старец, архимандрит Партениј, кој негува голема љубов кон овој светија, па затоа уште пред петнаесетина години старата манастирска сејменска кула ја преустрои во параклис посветен на светиот. Благодатта што ги исполни нашите срца за време на празничната богослужба, нѐ поттикнува со благодарност кон светиот маченик да извикаме:
– Чудесен Георгие, моли Го Христа Бога за нашата многустрадална татковина и како што со силна вера пред твоите мачители агарјани храбро си исповедал: „Ништо нема да ме оддели од Христа!“ – со таква цврста и непоколеблива вера удостој ги, со твоите молитви, оние што твојот спомен со љубов го чествуваат.