Известување

Возљубени наши браќа и сестри,

Славниот Победоносец и великомаченик Георгиј повторно ви ги отвора вратите на својот свет дом во Рајчица, нудејќи ви го своето гостопримство и можност заедно да го прославиме и чествуваме неговиот свет спомен. Дојдете на ова наше манастирско празнување и споделете ја со нас љубовта и почитта кон овој голем светија, како и искрената молитва за негово застапништво и посредување пред милостивиот Бог. Прославата ќе започне во вечерните часови на 05.05.2011 со празнична вечерна богослужба и утрото на 06.05. 2011 ќе биде крунисана со свечена архиерејска Литургија, со која ќе чиноначалствува нашиот надлежен архиереј, митрополит Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки, г. Тимотеј, во сослужение со нашиот старец, архимандрит Партениј, јеромонаси од Бигорската света обител и свештенослужители од епархијата.

Веќе следниот ден, на 07. 05 (сабота) 2011 година, со благослов на неговото високопреосвештенство, г. Тимотеј, во Струга ќе се одржи торжествена литија со моштите на св. Георгиј Победоносец. Литијата ќе биде предводена од митрополитот, свештенството при струшкиот соборен храм „Св. вмч. Георгиј Победоносец“, монашкото братство од Бигорскиот манастир и сестринството од манастирот во Рајчица. Литијата ќе започне од соборниот храм, по завршувањето на вечерната богослужба, која започнува во 16 часот. За оние кои сакаат да си го збогатат своето знаење предвидена е и трибина на тема „Младите и Библијата“, која ќе започне во 19 часот во хотелот „Дрим“, и на која свое излагање ќе има и митрополит Тимотеј.

Срдечно ве покануваме да земете учество и во оваа возобновена и збогатена светла традиција. Чествувајќи го вака достоинствено нашиот славен великомаченик, ќе дадеме молитвен придонес за благосостојбата на градот Струга, но и за целата наша татковина.

Христос Воскресна!