Источен Петок – Балаклија

Кој ќе ги искаже твоите сили, Извору, којшто изобилуваш со неисцрпни чудеса, и правиш бројни и натприродни исцеленија? О величија, што ги излеваш за сите! Не само што исцелуваш неизлечливи болести на оние што ти приоѓаат со љубов, туку и душевни страсти миеш и чистиш, Сенепорочна, давајќи им на сите милост голема

Стихира од Вечерната на четвртокот од Светлата седмица

Во Балаклија, крај Цариград, се наоѓа величествен храм, посветен на Пресвета Богородица, наречен: „Храм на Живоносниот Источник“. Во преданието за подигањето на храмот се вели дека еднаш на тоа место се шетал еден обичен војник по име Лав Маркел. Тој видел еден слеп човек кој не гледал каде оди, па го фатил за рака и го водел. Кога двајцата пристигнале на местото каде што бил изворот, слепиот ожеднел и го молел Лав да му даде вода за пиење. Лав влегол во шумата полна со дрвја и растенија и барал вода, но не можел да најде. Тогаш слушнал глас од небесата, којшто говорел: О Лаве, не губи надеж, бидејќи водата што ја бараш е близу до тебе; врати се и најди ја. Лав се вратил, но и по долго барање не ја нашол. И пак го слушнал истиот глас, кој му рекол: Цару Лаве, влези во внатрешниот дел од густата шума и земи од оваа вода, изгасни ја жедта на слепиот; помази ги неговите слепи очи и веднаш ќе дознаеш Која сум и дека подолго време живеам на ова место. Лав направил како што му рекол гласот и слепиот веднаш прогледал. И како што претскажала Божјата Мајка, за кратко време војникот Лав станал цар и со своите набожни раце над изворот изградил храм, посветен на Пресвета Богородица, а наречен „Живоносен Извор“. Многуте чуда што се случувале во тој храм, го прославиле надалеку. Меѓутоа, по паѓањето на Константинопол под мухамедански јарем, храмот бил разурнат до темели, а шареноликата околина на Живоносниот Источник, била претворена во муслимански гробишта. Светото место останало запустено многу години. Во почетокот на XIX век, граѓаните на Цариград едвај добиле дозвола од султанот, храмот да биде возобновен. Така значи, во 1834 година била изградена голема црква од камен во чест на Пресвета Богородица, на Нејзиниот Живоносен Извор, но оваа градба, секако, е многу поскромна од стариот величествен византиски храм, поради ограничувањата, кои им биле наметнати христијаните од страна на муслиманите. Во овој новоизграден храм и сега, како и порано, тече водата на чудотворниот извор и од секаде привлекува луѓе на поклонение.

 
Споменот за изворот на Пречистата наша Владичица Богородица – таа којашто е Извор на жива вода и која ни Го излеа Христа – Водата на спасението, не остана без чествување во нашиот манстир. Во овој светол Петок, по отслужувањето на Божествената Литургија, беше направена великолепна литија од храмот на Претечата, до агијазмата посветена на Живоносниот Извор на Богомајката, каде што братството, заедно со многуброниот народ, Ѝ упатија благодарствени молитви на Небесната Царица, пеејќи ги радосните пасхални химни. Оттаму, одејќи низ густата шума и градината, раскошната поворка, со крстови, бајраци и икони, се упати кон манастирскиот скит посветен на св. Серафим Саровски, за, на крај, да се врати во манастирскиот двор, во фијалата, кадешто нашиот настојател, старец Партениј, освети вода. Потоа верните, исполнети со голема радост, имаа можност да се поклонат и да ги целиваат светите мошти, кои за оваа пригода беа изложени надвор. Денешната прекрасна слава беше помогната и од сончевото време, што како енклава сред овие врнежливи денови, ни беше испратено од Пресветата Богородица, Која како постојано да се радуваше на литијата спроведена во Нејзина чест. Веднаш по завршетокот на прославата, облаците ја продолжија својата работа, испраќајќи ѝ плодоносен пролетен дожд на земјата.

 

Верни, да затрубиме со песни, да ликуваме, радувајќи се крај вечните води на Живоносниот Извор! Да Ѝ благодариме на Сечистата, Која од Божествениот извор вистинска сладост на изобилна благодат точи и да црпеме со вера од оваа непресушна вода!