ВЕЛИГДЕН ❈ ПАСХА

О, кога би имале глас достоен за ангелска песна, што ќе огласи и проповеда до краиштата на светот: Пасха! Господова Пасха – и пак ќе речеме во чест на Светата Троица: Пасха! Таа во нас е Празник над празниците и торжество над торжествата; таа толку ги надминува сите торжества, не само човечките и земни, туку дури Христовите и за Христа определените, колку што сонцето ги надминува ѕвездите. Вчера, на богослуженијата на Велика Сабота, во нашата свештена Бигорска обител, сè сјаеше и блескаше од прекрасната светлина, којашто светло ја осветли ноќта, како символ на големата светлина, која небото ја разлева на целиот свет. Меѓутоа, попрекрасна и поблескава е сегашната велигденска светозарност, зашто вчерашната светлина беше претеча на големата Воскресна светлина, некако како претпразнична веселба – a сега, пак, го чествуваме самото Воскресение. Сјајните зраци на светлината Христова блеснаа; јасните ѕвезди на чистиот Дух изгрејаа; небесните и земните власти ја открија ризницата на Бога! Бесмртниот и големиот Христос се јавува посветол од Сонцето!

 

И ете, премилостивиот Бог ни испрати голема радост во оваа ноќ, што се чини немаше лице, меѓу илјадниот народ, а да не беше озарено од Христовата благодат, немаше срце до кое не допре Христовата љубов. Бдението посветено на Пасха, имаше вид на некаква неовоземна, необична веселба; за миг се изгуби сознанието за тоа дали сме на земја или на небо, „во тело или без тело“. И повторно, по трет пат, во нашиот манастир допатува од Ерусалим Благодатниот оган, којшто дополнително ја зголеми возвишеноста на настанот. Кога нашиот игумен, старец Партениј, со својот, како воскресна труба, продорен глас, воскликна: „Дојдете примете светлост од невечерната Светлина“, тој негов глас допре до најскриените длабочини на срцата од верните, повикувајќи ги да го примат Благодатниот оган, не само на восочните свеќи, туку и во себе, за обновување и воскресение на своите души.

 
Убавината на Воскресната вечер беше збогатена и со читањето на Велигденското послание на архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан. А, потоа, со татковска љубов, со свое кратко, но содржајно и срдечно слово, проговори и старецот: „Би сакал да ви се заблагодарам на вашето присуство во толку голем број. Денес, гледајќи ве, воскреснатиот Спасител се радува. Кога дојдовме пред 15 години, едвај можевме да собереме педесетина луѓе за да можеме торжествено да го прославиме Христовото Воскресение, а сега ве има во толку голем број. А исто така, се радува и големиот Крстител св. Јован, кој овде покрај Радика, како некогаш покрај Јордан, донесе толку многу народ, повикувајќи ги сите Македонци, коишто го бараат Бога: „Дојдете и видете, ете Го Јагнето Божјо…“ Токму затоа денес ве имаме во толку голем број во светилиштето на големиот Крстител, откако претходно сите сте се покајале и сте се оцрковиле и сте почнале христијански да живеете во Црквата. Бидејќи без покајание, христијанско живеење и оцрковување не е можно спасение. Затоа треба, како што нè упати и архиепископот во неговото послание, да не празнуваме панаѓурски, само со гоштевки и пиење, туку да се обратиме во покајание кон вистинскиот Бог и вистинската вера. Оние кои досега не избрале духовник, да најдат духовник, да се воцрковат, да почнат да се исповедаат и евхаристиски да живеат. Да ни бидат полни светите цркви и светите манастири. Тогаш и нашата татковина ќе биде исполнета со многу благодети. Уште еднаш Ви благодарам на сите и радувајте се во Христа Воскреснатиот, Кој радост донесе. Христос Воскресна!“

 
О, Пасха Божествена, која душевно нè соединуваш со Бога! О, радост за сè: и чест, и храна, и наслада, која мрачната смрт ја уништува и животот го раздава на сите – со неа небесните врати се отворија и Бог им се јави на луѓето и човекот се вознесе со Бога, Кој ги скрши вратите адски и ги раскина Адамовите вериги! Затоа, кој е благочестив и богољубов, нека се наслади од светлото торжество; кој е благоразумен слуга – нека влезе во радоста на својот Господ! ХРИСТОС ВОСКРЕСНА, и смртта ја уништи! ХРИСТОС ВОСКРЕСНА и демоните пропаднаа! ХРИСТОС ВОСКРЕСНА и Адам се спаси! ХРИСТОС ВОСКРЕСНА и ангелите се радуваат!

 
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА! ХРИСТОС ВОСКРЕСНА! ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

 
НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!