Крстителу Јоване, проповеднику на покајанието, кога твојата глава беше отсечена, ја посвети земјата, зашто законот Божји им го објасни на верните, а беззаконието го уништи. Стоејќи пред престолот на небесниот Цар – Христа, моли Го да ги помилува нашите души.
Од стиховните стихири на вечерната
Среде непробојниот мрак дури и една мала ѕвездичка буди надеж и станува патоказ. А ете, премилостивиот наш Создател, среде сиот тој пустош и мрак на гревот, ни испрати вистински светилник, ни ја испрати ѕвездата Деница за да Го објави Сонцето на правдата, ни испрати гласна труба за да ги разбуди заспаните во беззаконија и тага, ни го испрати Својот ангел, за да нé подготви достојно да Го пречекаме Царот на славата. Свети Јован беше како зора што го најавува денот, како патоказ за заталканите и сол за облутавените човечки души. И бидејќи беше светилник што им свети на сите и патоказ кон вистинската Светлина, зашто „тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него“ (Јн 1, 7), и неговото громогласно „покајте се“ ги разниша основите на гревот, на мрачните сили им пречеше неговата светлина и го удостоија да биде Претеча на својот Творец и во мачеништвото, да им биде гласник и проповедник и на оние во адот, прв да им го објави спасението.
Претеча во сé, големиот Пророк и Крстител стана образец за пустинољубителите, учител на монасите и моќен застапник на сите што се удостоија да го следат неговиот рамноангелски пример. А за бигорскиот свештен собор, пак, вистинска радост и веселие, зашто оваа богогласна уста на покајанието, украс на пустината, е неразрушлив дворец за сите што се спасуваат и со љубов притекнуваат овде за да се напојат од овој непресушен благодатен источник, што и самото негово име го покажува. Неговата закрилничка прегратка со љубов се рашири за нашиот старец Партениј, му го отвори својот славен дом крај кристалните води на Радика и го постави за грижлив родител на сите нас што копнежот за Бог нé донесе во оваа духовна лозница. За да влеземе и ние, недостојните, во трудот каде други се трудеа и да јадеме од плодот на дрвото што нашиот старец го посади, благиот Христос го израсна, а сеславниот Претеча со своите молитви го заштитува од бури и зла. Сега ова големо и разгрането дрво со своите бујни гранки стана засолниште за сите кои бегаат од соблазните и суетите на светот, и вечерва Му ги принесува на Христа своите најмили рожби, ги претставува пред Него како најчист дар, најсвет принос израснат од молитвите и солзите на татковското срце на старецот.
Затоа оваа вечер на молитвено торжество во спомен на Претечевото Усекновение за Бигорската света обител, а и за сите верници, нејзини сопатници кон Царството небесно, е миг на вистинско ликување и славословие. Среде цветниот храм и множеството на радосни озарени лица, браќата, чиниш ангели, пристапуваат скрушено во бели облеки, водени од својот старец, барајќи да бидат удостоени со ангелски образ, а милостивиот Спасител, преку раката на нашиот архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, го полага на нив Својот благослов, ги осенува со небесна благодат и во Своето Царство торжествено ги објавува имињата на Своите нови духовни војници. Додека во храмот силно одекнува молитвениот призив „Господи помилуј“, новозамонашените Кирил, Евнувиј и Аверкиј во своите срца веќе го чувствуваат и благодатното присуство на своите истоимени застапници пред Бога, великиот наш учител и просветител сесловенски, свети Кирил Солунски и светите славни Пречистански преподобномаченици Евнувиј и Аверкиј. А нашиот старец со своите молитвени воздишки како да е веќе целосно преселен пред нозете на Сеискупителот, просејќи милост за чедата што ги принесува и татковски радувајќи се, зашто за грижливиот родител нема поголема радост од оваа. Заедно со него се радува и соборот Бигорски, а нашиот архиереј, митрополит Тимотеј, го возлага својот пастирски благослов, срочен во прекрасна духовна поука кон новите браќа монаси:
„Драги браќа и сестри, нам, сите, добро ни се познати зборовите на нашиот Спасител Господ Исус Христос: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Мене (Мар. 8, 34), зборови што ги слушнавме и вечерва во молитвите за монасите кои се одрекуваат од овој свет и се заветуваат дека ќе им служат на Господа Бога и на светата Црква, во сиромаштво, девственост и покорност на претпоставената ерархија. Тие зборови ни ја откриваат смислата на човечкиот живот и неговото опстојување на земјата, ја содржат евангелската норма за односот на човекот кон потребите на душата и телото. Задоволувањето на тие потреби не е ништо друго туку исполнување на Божјата промисла за човекот. Без тоа човекот не може да го усоврши својот дух, развие својот ум и зацврсти својата волја. Без одговор на телесните потреби, пак, не може физички да постои.
Господ ни укажува да го земеме крстот и да се откажеме од себе за да можеме полесно, но и доброволно да Го следиме Христа. Носењето на крстот е задача на секој член на светата православна Црква. Секој од нас го носи својот крст – некој преку науката, некој преку бракот, некој свештенички, некој монашки, некој бездомнички, едни преку богатството, други, пак, преку сиромаштвото. Но секој си го носи својот крст и не може да носи туѓ крст а својот да го остави некому друг. Односно, секому Господ му допушта онаков крст, каков што тој може да носи. Носењето на крстот, пак, подразбира сите маки, страдања, искушенија, животни радости и таги да ги носиме достоинствено, без роптање кон Бога и нашите ближни. Секој христијанин треба со смирение, покорност и предаденост на Божјата волја да го поднесува она што животот ќе му го донесе, а што Семилостивиот Бог ќе му го допушти, за негово добро, односно за спасение на неговата душа.
Гревот носи и пристрасност. Секоја страст во себе носи страв, бидејќи страста е победа на телесното човечко начело. Кога страста господари, тогаш човекот не може да постапи поинаку од она што му го налага страста, односно гласот на неговото тело.
Современото сваќање за страстите во светот честопати нив ги дефинира како нешто апстрактно и далечно од реалниот живот. Но, всушност, во секојдневниот живот страста господари над луѓето и последиците од тоа не се однесуваат само на нивната душа туку и на самото човечко тело. Современиот свет малку размислува за душата, бидејќи страста или гревот што и штетат на душата воопштво не му се покажуваат како опасни. Тој го признава за страст само она што го разорува човечкиот живот – пороците. Безброј се институциите што се борат против овие современи зла.
Но постојат и други страсти кој исто така можат да бидат разорни и за телото и за душата. И кога Црквата зборува и повикува на борба против нив, многумина не ја сваќаат сериозно, а некои дури се потсмеваат.
И зошто е потребно да се надминат страстите за да би можеле да го земеме својот крст и да Го следиме Христа? Зашто тесна е врската помеѓу господарењето на страстите и неспособноста да се надминат реалните страдања спомнати во словото Божјо. Оној што е под власта на страстите не е способен да го носи својот крст, нема трпение во него, нема храброст, тој е роб на својата страст. Да го земе својот крст може само духовно слободен човек. Тоа значи својата слободна волја да ја употребиме за да го избереме Христа, да му ја потчиниме својата волја, да се откажеме од самоволието и своето расудување, и да почнеме да ја твориме волјата Божја. Треба со покорност и скромност да го носиме крстот. Тоа ни служи како искупување на нашите гревови, наше очистување. Никаква епитимија или казна не може така да не очисти како што тоа може нашето духовно сознание за својата грешност и носењето на својот крст. Тоа е пат кој води кон Бога и спасение.
И свети Јован ја творел волјата Божја, не плашејќи се од никакви страдања, својата храброст и верност на Бога ја запечатил со изобличување на тогашниот цар Ирод што му донело маченички венец. Никакви овоземни понуди не можеле да ја расколебаат неговата решителност да се спротивстави на гревот, порокот и неморалот. Не се одрекол од вистинскиот пат, зацртан во законот Божји, во тоа време запишан во Стариот Завет. А, сега Новиот Завет и светата наша Црква не обврзуваат на уште поголеми морални идеали и принципи што ги донесе нашиот Спасител Господ Исус Христос во новозаветната Црква. Затоа треба да се угледаме на ликот и делото на Свети Јован Крстител и да научиме како решително и храбро да се спротивставиме на секој грев и како да постапуваме со секое искушение што може да не снајде во нашиот живот.
Овие пораки се упатени кон сите христијани, без разлика на пол, нација и образование. Но, вечерва зборовите „кој сака да се откаже од себе и да го следи Христа“ особено се однесуваат на браќата монаси што ги зедоа монашките завети. Тие се заветија дека ќе го земат крстот Христов и дека ќе го следат. А тоа подразбира дека сите нивни искушенија кои неизбежно ќе доаѓаат во понатамошниот живот, ќе ги поднесуваат достоинствено, христијански, со пост и молитва и предаденост во исполнувањето на волјата Божја, и отсекувањето на своето самоволие. Живеејќи во братство, маките и страдањата и искушенијата полесно се пребродуваат, бидејќи тука е и духовниот отец да им помогне во надминувањето на сите нивни недоумици. Да се обратиме со искрена молитва кон Свети Јован Крстител и кон светиите чии имиња монасите ги носат, тие да им бидат молитвеници, помагачи и поткрепувачи, па да можат животниот пат со носење на својот крст достоинствено да го изодат, а за добро на оваа света обител, за прослава на нашата света Црква и за спасение на нивните души. Амин!