Посета на претседателот на Р. Македонија во Бигорски

Ден после торжествениот и серадосен празник на Успението на Пресветата Владичица наша Богородица, кога успенската чудесна благодат сè уште силно зрачи и ги стоплува нашите души, Божјата милостива промисла ја израдува Бигорската обител со еден навистина прекрасен настан: посета од Претседателот на Р. Македонија, неговата екселенција д-р Ѓорѓе Иванов, кој заедно со неговата сопруга, г-ѓа Маја Иванова, и нивни пријатели, посакаа денес да се поклонат на Бигорските светињи. Во духот на монашкото гостољубие, почитуваните гости беа пречекани од нашиот старец, архимандрит Партениј, кој со голема радост најнапред ги воведе во храмот на Крстителот, а потоа им го покажа и целиот манастирски комплекс, запознавајќи ги со евангелско-просветната мисија на манастирот за возобновување на Христовата вера во душата на нашиот народ. Најпосле, игуменот ги покани гостите на заедничка манастирска трпеза, каде продолжи разговорот за убавините на православната вера.

Беше навистина радосно да се види како благоверниот Претседател и неговата сопруга со побожност ги целиваат светите мошти, искажувајќи ја својата почит и љубов кон Триединиот Бог. Исто така, не остана сокриено ни задоволството на Претседателот од напредокот на возобновата на „Горни Палат“, но и од целокупната манастирска убавина.

На заминување, Претседателот и неговата сопруга не пропуштија да ја посетат и Раичкита обител и да се поклонат на благоуханите мошти на Св. Георгиј Победоносец.