Воскресение Христово – Пасха

Каква е оваа радост, возљубени Христољупци, што со слово не се искажува? Какво е ова светлозарно славење? Какво е тоа изобилие на светлина и веселие? Од што денес така засветли Црквата? Што ја просветли така вселената? Што ја произведе таквата радост, убавина и светлина? Христос воскресна од мртвите и целиот свет бескрајно се радува! Сјајните зраци на Христовата светлина насекаде се распрснаа; јасните ѕвезди на чистиот Дух силно блеснаа; небесните, пак, царски власти ја отворија ризницата на Бога! Мрачната смрт е уништена; непропадливиот животот е откриен за сите; Рајот е отворен и за сите достапен! О, длабочини необмисливи! О, висини неописливи! О, страшна тајна, што моќта на умот ја надминува! Еве ни дојде долг, вечен и неугаслив Ден: голема и таинствена Пасха! Радоста и веселбата денес се заповед! Ете, бесмртниот и великиот Христос се јавува пред сите, посветол од Сонцето! Кој е достоен да ја опее благодатта на овој блескав Ден? Кој така величествено ќе ја претстави силата на оваа тајна?

 
И навистина, како да ја опишеме пасхалната благодат со која Воскреснатиот оваа светлоносна ноќ ги распламти нашите срца? Или, пак, што прилежно можеме да кажеме за насмевките и солзите радосници, неискажливото ликување на стотици лица, озарени со божествена светлина? Таа тивка и неовоземна светлина, соедината со блесокот од кандилата и свеќите, силно разгорени од Благодатниот оган, кој традиционално и оваа година допатува од Ерусалим во Бигорската света обител, и со своето неземно сјаење ја направи воскресенската ноќ посветла и поблескава од најсветлиот и најсончев ден!

 
„Дојдете, примете светлост од невечерната Светлина и благословете Го Христа, Кој воскресна од мртвите!“ – како благоухано миро се разлеа низ храмот овој најпосакуван за душата повик, торжествено изговорен од устата на нашиот старец Партениј. Иако дождот овој пат ја попречи трикратната литија околу храмот, сепак, како нашите души да се построија во некоја мисловна ангелоукрасена литија, таму некаде горе на небесата, вкусувајќи сладост и од ангелското славословие.

 
Полнотата на радоста и поучението од светото Воскресение оваа ноќ, присутните ја допреа со трите пасхални беседи. Откако најнапред го прочита Велигденското послание на архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, во кое оваа година посебен нагласок беше ставен на 45-годишнината од воскресението на најсветата Охридска Архиепископија во лицето на МПЦ, старецот потоа возглаголи и свое боговдахновено трогателно слово, кое не остави никого рамнодушен. Он со нескриен пасхален трепет, го истакна непроценливото значење на искупителната жртва на Спасителот за човечкиот род; ја истакна и возвишената Христова заповед за љубов кон Бога и ближните. Притоа исполнет со голема благодарност кон предците, не пропушти да ја спомене и нивната пожртвувана евангелска љубов и така силна вера во Бога, што тие,кога било потребно, и своите животи ги полагале за ближните и за национална и црковна слобода. Иако во тешки искушенија и многупати поробувани, сепак тие пребивале во слободата со која нè ослободи Христос, и од Него црпејќи сила, се изборија за придобивките што ние денес ги уживаме. Затоа наша света должност е најсовесно да ја чуваме оваа слобода што тие ни ја оставиле во наследство, како најсвет дар. Понатаму, старецот повика и на достојно почитување и славење на Господовите празници, со присуство и молитва во светите храмови, а не со суетни веселби, кои носат само штета на душата.

 
А на божествената Златоустова Литургија, пред самиот момент кога требаше сите да се соединиме со Христа преку Неговите Свети Тајни, старецот уште еднаш ги заслади нашите души, читајќи го со торжествен и свечен глас Пасхалното слово на златоустиот отец наш Јован – тој громогласен проповедник, насјветол и најблескав светилник на вселената, вистинскиот пастир и учител: „’Каде ти е, смрт, бодилото? Каде ти е, аду, победата?‘ Воскресна Христос (Воскресна!) и ти беше победен! Воскресна Христос (Воскресна!) и паднаа демоните! Воскресна Христос (Воскресна!) и се радуваат ангелите! Воскресна Христос (Воскресна!) и животот се насели! Воскресна Христос (Воскресна!) и ниту еден мртовец не остана во гробовите!“.

 
О, Пасха, велика и свештена и за целиот свет очистителна! О Христе, Слово Божјо, и Светлост, и Живот, и Мудрост, и Сила! Кои раце да не Те прегрнат? Кое срце да не Те привие на себе!? Кое грло достојно ќе Те восхвали!? Која солза е доволна да Ти благодари за Твоето славно Воскресение!? Дојдете сите вие, христољубиви, на Христа воскреснатиот со тело и душа да Му се поклониме, зашто Он со Своето Воскресение ги победи гревот и смртта, го разурна темното царство на злото, го ослободи заробениот род човечки и ја возобнови заедницата на љубов меѓу Бога и човекот. Нему нека Му е слава и благодарност, со Отецот и Светиот Дух, на единосуштната и неразделна Троица, сега, секогаш и во веки веков. Амин!

 
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА! ХРИСТОС ВОСКРЕСНА! ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

 
НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!