Велик Петок

Оној што се облекува со Светлина како со риза, необлечен стоеше на судот и по образот прими удари од рацете што ги создаде: беззаконите луѓе на крст Го приковаа Господа на славата: тогаш црковната завеса се раздра, сонцето се помрачи, не можејќи да го гледа понижувањето на Бога, пред Кого трепери сѐ што е создадено: Нему да Му се поклониме.

Стихира од 10-от антифон од Утрената на Велики Петок

Каков е овој настан, како бездна таинствен, како земја тежок, како пекол страшен? Со кој од сите настани во сета вселена, што нашите очи ги гледаат и ушите ги слушаат, да се спореди тој безимен злочин на Голгота? Што се случува денес, во овој најсвет и неопислив Петок, таму горе на Сион, во градот Давидов? Почуј цела Земјо и затрепери! Небеса приклонете го својот слух и заплачете! Христос е на Голгота! Христос е на Крстот! Човекољубецот е убиен од луѓе! Праведникот, најголемиот Праведник, под најголемо, најголемо страдање!
Денес доаѓа Крстот Христов и смртта е разорана! Денес се приковани рацете Исусови и се разврзани оковите на мртовците. Денес се осудија да извршат христоубиство и патот на мртвите е отворен. Денес крвав поток се излеа во гробовите и оросениот ад расцвета. Денес, преку целиот ден, беше воден од едно место во друго Исус, Кој го благослови секој час од денот со Своите страдања: беше доведен рано изутрина во преторијата на Пилат, оттаму од јудејската дрскост беше предаден на исмевање, плукање, шлаканици, трнов венец и бесчестие до шестиот час; после три часа претрпи измачувања и на Крстот беше прикован, жолчка и оцет вкуси и железно копје во пречистите Си ребра и со Својата живоносна смрт го прекрати страданието; потоа, пред дванаесеттиот час беше спуштен од Дрвото, како лав што спие и во нов гроб од Јосиф Ариматеецот беше положен.

 

Срцата на многу верни затреперија, душите им се ужаснаа, очите нивни со солзи се преисполнија, кога вчера и денес на богослуженијата во соборниот храм на нашата обител, одново беа преживеани овие најскапоцени и спасоносни собитија од земниот живот на нашиот Спасител, Синот Божји и Синот на Дева. Благословени и преблагословени се отците свети и богоносни, кои, надахнати од Духот Свет, овие небозрачни служби премудро ги сотвориле и нам во свето наследство ни ги предале. А блажени сме ние што сведоци постанавме на крстовоскресната благодат, која преизобилно ни ја испрати во овој Свет и Велик Петок, Распнатиот и Воскреснатиот Христос. На вчерашната Утрена богослужба, читањата на дванаесетте Страдални Евангелија силно ги превозгласија во Бигорската црква светите Страдања на Небесниот Агнец за спасение на грешниот човечки род. Беше трогателно да се види како после петтото евангелско четиво, монасите и монахињите со многубројниот христољубив народ, со запалени свеќи во рацете и светликави солзи во очите, во молитвена литија се упатија кон балдахинот пред манастирската капија, од каде што нашиот старец Партениј, подигнувајќи го големиот крст и положувајќи го на своите рамења, подобно на Симона Киринеецет, повторно се упати кон храмот. „Денес виси на дрво! Денес виси на дрво, Оној што земјата ја обеси на водите; со венец од трња е крунисан Царот на ангелите “ – одекна во нашите души плачевниот глас на старецот. Чиниш ридот на Голгота се откриваше пред нас! Во средината на храмот, изборазувајќи го распнувањето Спасителово, беше поставено Распетието Христово, пред кое верните со страв и копнеж, тага и љубов, со своите тела и срца Му се поклонуваа на Оној, Кој на Дрвото го искина списокот на нашите прегрешенија.
Денешните велипеточни Царски часови и Вечерна Богослужба со Погребението Христово, со своите страдални песнопенија и евангелски раскажувања, продолжија да го хранат чувството на крстната тага и воскресенската радост во нашите души. Денес Владиката на животот и Царот на славата беше спуштен од Крстот, обвиен во чисто платно и положен зад царските двери – тој нов гроб на Ариматеецот. Цветниот Епитаф заблеска во средината на храмот со својата убавина, достојна само за небесниот Цар, а чудесната Плаштаница положена во него, ни Го покажа Христос, Дарителот на животот, положен во гроб, како тридневен Мртовец.

 
Ти се поклонуваме, Владико, Те благословуваме, Благи, Те молиме, Свети, припаѓаме пред Тебе, Човекољупче, и Те прославуваме, Христе, зашто, Ти, Единороден, Владико, Единствен Безгрешен, си предаден заради нас, недостојните грешници, на смрт и тоа смрт на крст, за да ги ослободиш душите на грешниците од оковите на гревот. И што да Ти воздадеме за тоа, Владико? Слава на Тебе, Кој се овоплоти од Дева! Слава на Тебе, Кој претрпе вериги, удари, исмевање и трнов венец! Слава на Тебе, распнатиот! Слава на Тебе, погребениот! Слава на Тебе, воскреснатиот! Слава на Тебе, Кој се вознесе на небесата! Слава на Тебе, Кој седиш во голема слава оддесно на Отца, и Кој пак ќе дојдеш во славата на Твојот Отец со светите ангели, да ја судиш секоја душа, што ги презира светите Твои Страдања! Во тој трепетен и страшен час, кога небесните сили ќе се раздвижат, кога пред Твојата слава со страв и трепет ќе дојдат ангели, архангели, херувими и серафими, кога ќе се растресат основите на земјата и сѐ што дише ќе се ужасне од твојата непоимливо голема слава – во тој час, спомни си за нас, Господи, во Царството Твое, како што си спомнал за благоразумниот разбојник, распнат од Твојата лева страна – тој благословен разбојник, кој ги разбра маките свои на крстот како заслужени маки за своите гревови и ги разбра Твоите маки, невин Спасителу, како незаслужени маки за гревовите на другите луѓе, та се покаја, ја испроси Твојата милост и прв пристигна во рајот на вечниот живот заедно со Тебе. Амин!