Богојавление

Нека се радува сета земја, нека се веселат небесата, нека игра вселената, реките нека плескаат со рацете; нека се радуваат заедно изворите и езерата, бездните и морињата, зашто Христос доаѓа да го очисти Адама и да го спаси со божественото крштение.

Стихира од Канонот на претпразненство

Имајќи богатство од милосрдие, милостивиот наш Господ дојде при грешниците и митарите на Јорданските води и не трпејќи да го гледа човечкиот род измачуван од ѓаволот, дојде за одново да му каже на паднатиот Адам: „Каде си? Не криј се од мене, зашто сакам да те видам, иако си гол и беден. Јас се уподобив на тебе за ти повеќе да не се срамиш“. Со неискажливо смирение, кое секаков ум надминува, Он поради нас се облече во Адама за да ги обнови оние што потекнуваат од Адама. Како боготечна струја на благоста, Господ влезе во Јорданските води за гревот човечки да го измие. Дојде при болните како Лекар, при заблудените овци – како вистински Пастир; при паднатите – Исправител; при земните – Небесен; при мртвите – Живот; при врзаните – Ослободител; при грешните – Оправдување; при слепите – Просветител; прогонувајќи ја лагата и просветлувајќи нѐ со бањата на повторното раѓање.

И сега полека пристапува кон светиот дом на Претечата, за да ги освети водите на Радика и да го излее благословот врз нашиот верен народ, просветлувајќи го со светлината на Просвештението. Бигорското братство, следејќи го примерот на својот голем патрон и силен застапник, молитвено го пречека овој свечен миг. Сеноќното бдение во пресрет на Водокрст беше можност за браќата и сите присутни гости духовно да се подготват за незаодната светлина на трисветото Богојавление. Тивката молитвена ноќ будеше кај сите присутни покајно расположение за низ извори од спасоносни солзи да ги измие душите, станувајќи предобраз на богојавленската осветена вода. И секој го чувствуваше длабоко во себе смирението на вечниот Творец и свештениот трепет на Неговиот славен слуга, соочен со преславната и неискажлива тајна од која затреперија и ангелите, а Јордан ги врати назад своите речни токови. Молитвите прозвучија посилно, проследени со архиерејскиот благослов на нашиот драг и многупочитуван владика, митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, чие присуство беше вистински дар за нашата свештена обител. Тоа особено се почувствува на светата Василиева Литургија со која чиноначалствуваше и на големиот Богојавленски водосвет, кој според востановениот богослужбен ред се прави на овој ден, еднаш во годината.

Секако, вообичаена глетка за ова молитвено собитие беа и кумовите од околните села. Следејќи ја одамна воспоставената традиција, тие на овој ден доаѓаат да го примат благословот на Просвештението и преку симболичниот чин на врзувањето на крстот ја сведочат својата цврста определба сите свои надежи, желби, љубов и вера да ги врзат за Крстот Христов. Потоа тие овој благослов, оросен со богојавленската вода, ќе го однесат во своето село за во сите домови да ја вселат просветителната богојавленска благодат. За жал, во годините на комунизмот оваа традиција, иако запазена, ја загубила својата вистинска суштина, сведувајќи се на само едно површно следење на обичајот. Сепак, радува тоа што младите луѓе сѐ повеќе се враќаат на корените и автентичното славење на овој празник, останувајќи на молитва во храмот, сѐ до крајот на богослужението.

А чиниш и небото, во духот на празникот, зеде учество во оваа очистителна благодат. Тоа ги отвори своите двери и ја изми земјата со дождовните капки. Така обновена и очистена, Бигорската света обител, заедно со бројните верници, го дочека богојавленското утро и по празничната богослужба со торжествена литија се упати од соседното село Ростуше, за одново со фрлање на крстот да бидат осветени бисерните води на Радика. А благодатното слово на нашиот старец, архимандрит Партениј, како со рака ги погали срцата и разнежни душите на присутните, приведувајќи ги кон вистинскиот Извор на жива вода – нашиот преблаг Спасител Христос:

„Возљубени чеда во Христа, гледајќи ја оваа чудесна и неискажлива тајна што денес се извршува пред нас за наше спасение, срцето мое трепери од радост и љубовта не ми дава да молчам, туку излева реки на благодарност и восхит пред таа неовоземна добрина и милост, со која нашиот предобар небесен Татко нѐ зеде за рака и подигна од длабочините на гревот и откако нѐ изми во бањата на препородувањето, нѐ издигна дури до небесните височини, кои ни беа затворени заради Адамовиот престап. А и како да не благодариме кога Оној Кој небото го постави на ништо, Кој ја утврди земјата врз водите, и со заповед го украси Своето создание, денес влегува во водите Јордански и прима крштение од раката на слуга, та преку телото што од нас го прими да нѐ измие од гревот. И кога застана смирено пред славниот Свој Претеча и Крстител и ја приклони Својата глава пред распадливата природа за да прими крштение од созданието Свое, стана образец за наше смирение и ни ја остави на сите оваа света Тајна, правејќи од земнородените нова твар, преку оган, Дух и вода, за чудесно да ги прероди и обнови. Преку Духот ја воскреснува душата, преку водата го осветува телото и така таинствено ја прави Црквата многу плодна. Со водите Јордански ја изгоре главата на змијата, а преку јавувањето на Духот Божји во вид на гулаб, нѐ призва сите кон гулабова кротост и девствена чистота.

Затоа, да се поучиме денес од оваа Христова тајна, и пристапувајќи кон осветените речни води, да ги измиеме не само телата, туку и душите наши, кои постојано се обременети од самоволие, поробени од завист, исполнети со гнев, помрачени од лагите на овој живот и ранети од немилосрдие и мрзливост. Да го слушнеме гласот на Отецот, Кој сведочи за Својот Син, да се поклониме пред несфатливата тајна на Света Троица, та откако ќе се покаеме, просветлиме со богопознание и исполниме со братољубие, да ја примие благодатта на Светиот Дух, која денес се излева на нас и така да го прославиме овој светол празник. Дури тогаш ќе можеме вистински, достојно да Му оддадеме почит на Својот Создател и да станеме учесници на идните вечни блага, кои Он му ги ветил на секој што преку Него се облекол во светлата облека на правдата и чистотата. Затоа, да не останеме само на оваа осветена богојавленска вода, туку со благочестие прилежно да притекнеме кон пречистиот Извор – Христос, за да нацрпиме со веселие од водата на животот, бидејќи благодатта на Духот невидливо им се дава на сите, коишто црпат од неа со вера. Нека Господ ни ја даде таа силна вера, и нека нѐ измие со благодатта на Светиот Дух, та очистени со душата и телото, и облечени во Неговото смирение, да ја сведочиме на сите оваа Богојавленска радост и да Ѝ благодариме постојано на Света Троица, Која денес ни се откри на водите Јордански“.

Студените речни брзаци не можеа да ги спречат бројните млади луѓе, кои нестрпливо очекуваа крстот да ги допре Радичките води за да можат да се потопат во нив и така да го понесат благословот на осветувањето. А за најблагословениот меѓу нив, Мики Блажески од с. Ростуше, кого Божјата промисла го избра да го фати светиот крст, освен благословот од Бога, следеа и пригодни награди обезбедени од нашиот долгогодишен дарител г. Хари Локвенец, раководител на фирмата „Ха-Ем“ од Прилеп, од дарежливиот градоначалник на општина Маврово-Ростуша, г. Мухрем Мехмеди, како и од жителите на с. Ростуше.

Празнувајќи го денес ова божествено таинство, усрдно се молиме: Човекољупче, Господи, удостој нѐ нас, жедните, да дојдеме при Тебе, Изворот на вода за вечен живот за да нацрпиме од водата на Твојата благодат, за простување на гревовите, очекувајќи го по Твојата голема милост, обновувањето од Светиот Дух, Кого обилно си Го излеал, преку бањата на препородувањето, та оправдани од Неговата благодат, да станеме наследници на вечниот живот во Твоето Царство. Амин!