Празничен спомен на св. Николај во Бигорски и Рајчица

Јас гледам, браќа, ново сонце што се издигнува над земјата, сонце кое принесува сладосна утеха на тажните и страдалниците. Среќна е таа паства што ќе го има него за свој раководител; тој ќе ја укрепува во верата во Господа, тој ќе ја управува во добродетелен и благочестив живот, тој ќе биде усрден помошник на сите што се наоѓаат во беди.

Овие моќни зборови на тогашниот Патарски епископ, кои тој пророчки ги изговорил при посветувањето на св. Николај во презвитерски чин, и денес јасно ни ја отсликуваат светата и благородна, охристовена личност на Мирликискиот Чудотворец. Ете, иако поминаа 17 столетија откако тие биле изговорени, нивната сила не само што ни малку не слабее, туку со време уште повеќе се зголемува. Зашто навистина, св. Николај, како ново сонце на благодатта Христова, со векови ја просветлува целата вселена со зраците на своите безбројни и големи чудеса. Тој е раководител и застапник на множества верни, со неговите молитви се утврдува верата православна, под неговиот пастирски омофор се засолнуваат безброј страдалници и неволни. На него се исполнија Христовите зборови: „Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата“. Еве, неговиот спомен со радост и стравопочит се слави насекаде по светот. Нему со љубов му се поклонуваат верните, со страв го почитуваат неверните, како свој заштитник го имаат морнарите, како на свој голем помошник му се молат затворениците и бедните.

Сјае неговиот спомен со небоземно торжество и во нашите две монашки обители, сега можеби уште порадосно, бидејќи самиот тој неодамна благоволи да го украси Бигорското светилиште со едно делче од неговите свети и мироточиви мошти. Поклонувајќи се, пак, пред нив, со духовен восторг му извикуваме и топло му се молиме:

„Свети Николае, велик Христов угоднику, Чудотворче славен, моли Го Христа Бога, Кого во својот земен живот со добар подвиг си Го прославил, да го управи нашиот народ во верата православна, верата вистинска, зашто сè друго во овој свет се менува и поминува, а единствено Христос вечно ист останува. Амин!“