Твојот свет спомен го славиме, оче наш Нектарие!

Во Битола си бил послушно и кротко дете, а на гората Атос си се украсил со светли победи, оче Нектарие. Денес блескаш како друго сонце и нѐ милуваш со зраците на твојата добрина. На сите што со вера го празнуваат твојот божествен спомен, подај им за награда светлина и благодат, и моли Го Христа, нашиот Бог, да ги избави од темнина нашите души.

Стихира од Вечерната богослужба

Божествениот Нектариј, слаткиот нектар на Богородичната градина, патеводителот и неизгаслив светилник на воздржанието, кого мајчинското милосрдие на пресветата Богомајка го избави од агарјанското нашествие на Битола, уште од младоста целиот се предаде на подвиг за Христа и како што срната жеднее по водни извори, така и тој, жеден за Бога вечноживиот Извор, се насели во Карејската лавра и доброволно го прими на себе јаремот на беспрекорно послушание кон своите старци, чудесниот Дионисиј Јагари и богомудриот Филотеј. Откако низ пост, молитви, бдеења и беспоштедна борба со плотта и ѓаволот, стекна небесно смирение и се украси со многу добродетели, на сите оние што вистински го возљубиле им стана жив извор на благодат, точејќи им од него Христови небесни духовни потоци. Затоа раичките сестри бескрајно радосни во Христа Кој благоволи овој светилник да им стане небесен застапник и усрден молитвеник пред Бога, од првиот миг со голема почит и љубов го слават неговиот свет спомен, верно чувајќи ја светлината на неговото животворно кандило, како што тој ја чуваше незалезната светлина. А светата празнична богослужба во негова чест стана вистинско место на средба на нивните монашки срца, разгорени од љубов кон светиот Нектариј, со неизмерната благодат и закрила на овој свет Атонски подвижник, чие присуство уште од самиот почеток силно се чувствува овде. Присуството, пак, на нашиот старец, архимандрит Партениј, кој со својата лубов ја разбуди во нас таа искрена монашка преданост кон битолскиот мирисен крин, направи оваа средба да биде незаборавно молитвено доживување на нашите души. Господи Исусе Христе, по молитвите на оној чие име ја означува Твојата небесна сладост, удостој нѐ и нас да се насладиме од благодатта на Твојот божествен нектар.