Зимско чествување на св. Георгиј

Денес те слават сите краишта на светот, откако со божествени чудеса се исполнија, и земјата се радува бидејќи со крвта твоја се натопи: Христоимените луѓе на градот Киев за осветувањето на божествениот храм твој со радост се возвеселија, страдалнику Георгие, избран саду на Светиот Дух, угоднику Христов. Него моли Го, на оние кои со вера и молитва пристапуваат во светиот твој храм, да им даде очистување на гревовите, да го смири светот и да ги спаси душите наши.

Тропар на празникот

Длабока и неизбришлива е трагата што љубовта и почитта кон св. Великомаченик Георгиј ја оставила во срцата на нашиот верен народ. Еве и денешниот празник посветен на Осветувањето на храмот на св. Георгиј во Киев, сведочи за таа богоугодна традиција, за тој култ кон светиот што со векови се негува овде. Нема христијанин во Македонија што не го слави овој празник, денот кога во 1051 год., во прекрасниот Киев во Русија се освети велелепен храм посветен на Победоносецот. И навистина како сведоштво за големата љубов и почит на нашиот народ кон славниот Великомаченик, во Раичкиот манастир посветен на овој светија, пристигна една поголема група верници, кои поттикнати од голема ревност за Бога и светиот, посакаа да ги споделат своите молитви со сестрите и игуменот, архимандрит Партениј, станувајќи заедничари во Светата и божествена Литургија отслужена во спомен на овој празник. Голема беше радоста на нашиот старец, гледајќи ги овие богокопнежливи души што ни студот, ни зимата не ги спречи да дојдат овде и да ја покажат својата голема почит, да се поклонат на моштите на св. Георгиј и да му ги упатат своите искрени молитвени воздишки. Преисполнет со благодарност кон Бога поради оваа радосна средба, тој ги благослови своите верни чеда со топла татковска љубов и ги поткрепи нивните срца со вдахновени и живоносни поуки за духовната борба и постниот подвиг. А тие, нахранети со благодатта што изобилно се излеа по молитвите на светиот, и видливо пресреќни заради духовната поткрепа и сила, си заминаа од домот на светиот Победоносец и маченик Георгиј, носејќи убави спомени и надеж за скоро враќање во овој земен дел од рајот покрај Дебар.

Свети Великомаченику и Победоносецу, ти преславен воину на великиот Цар Христос, пресветла пофалбо на верата, на вистината поборнику и на идолските соблазни истребителу, спомни си за нас, кои денес, верно, осветувањето на твојот блескав храм го прославуваме и моли Го усрдно од искушенијата на лукавиот сочувани да бидеме и со својот живот богољубив, со тебе пред престолот на Неговото Величество радосно да застанеме.