Кичевчани во Бигорски

спомен на св. вмч-ка Екатерина и св. вмч. Меркуриј

„Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението!“ (2 Кор. 6, 2)

Настапи време кога молитвите се засилуваат, милосрдието се зголемува, добрите дела се умножуваат. Царството Божјо е сега поблиску до секој што на Бога Му служу, со Неговата правда се украсува, со Неговата љубов се радува. Зашто дојдоа светите денови на Божиќниот пост, кој е сладок и пријатен за секој што ревносно се труди своите гревови да ги исповеда и покае, свето да живее, со Христа да другарува. А каква ли само радост, радост неискажлива, радост небесна, радост најсветла, ја облева душата, која после секоја искрена исповед на гревовите, внатре, во себе, како некое известување одозгора, го слуша оној божествен глас: „Ти се простуваат гревовите твои… Верата твоја те спаси; оди си со мир“!

Овие толку насушни, најсилно посакувани зборови на единствениот вистински Лекар на душите, најмилостивиот наш Спасител Господ Исус Христос, денес ги слушнаа и десетиците богољубиви млади души што потрчаа од Кичево во прегратките на св. Јован Претеча, на оној кој целиот свет кон Господа го повика: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“ Факелот на Христовата наука за љубовта, мирот и простувањето, која повикува на духовен препород и сенародно покајание, веќе со силен пламен се разгоре во нашето славно Кичево! И колки голема радост е тоа кога млади луѓе ќе ја побараат љубовта Христова! Тоа можеше денес да се види и почувствува во Бигорската обител, која беше украсена со триесетина христокопнежливи млади души. А верниот и смирен слуга на Крстителот, Бигорскиот старец, највозљубениот наш игумен, о. Партениј, како сад на Светиот Дух, нацрпи жива вода од источникот на Божјата милост и ги полеа овие срца што преку него на Христа благиот Му се отворија. Тајна велика, тајна неискажлива, тајна света е исповедта и љубовта меѓу старецот и духовните чеда. Тајна е, зашто тука, меѓу духовниот татко и неговото чедо, стои единствениот Срцезналец, единствениот Кој има власт да проштева гревови – Христос нашиот Бог.