Благословен почеток на постот

Неугаслив светилнику, незаспиен облак, на оние што пловат по море – тивко пристаниште и безметежно по благодат, откако се собравме, во песни достојно те воспеваме молејќи се: По твоите молитви од бури духовни избави ја Црквата, за која мажествено се подвизуваше.

Таинствениот мирис на зимата отсекогаш пренесувал еден тивок спокој, обоен со многуте различни нијанси на светлозрачната белина. Последното лисје што паѓа и тивко исчезнува под снегот кој мирно се спушта и ја белее земјата, густата магла што доаѓа за да заспие во ноќта и да се разбуди во утрото, мразот кој се зацврстува под покривите, студот што се сокрива и во најтесниот агол… Чиниш сѐ што нѐ опкружува како да живее во едно длабоко таинство, збогатено со надежта за доаѓањето на пролетта и различните миомирисни цветови со кои таа располага. А, надежта никогаш не посрамува: Таа отвора нови хоризонти, нови видици и бескрајни простори, кои трпеливо чекаат да бидат исполнети со нејзините плодови.

И токму пред самиот почеток на Божикниот пост, оваа студена ноемвриска ноќ беше исполнета со силни очекувања за доаѓањето на благодатната топлина од небесата. Таа ја изнесе својата шарена палета од духовни плодови и повикуваше на молитвен разговор со оној кој толку богомудро за благодатта проговори – светиот Григориј Палама. А, неговиот благословен лик, ликот на созерцателот на нетварната светлина, духовно стоеше пред нас, и меѓу нас беше, и нашите срца ги посети. И како што очекувавме, зашто скрушено баравме, тој за нас од Троичниот Бог испроси невидлива поткрепа – најбожествената благодат на Духот – која симнувајќи се одозгора го згреа секој дел од нашето битие. А, постои ли, подобар почеток на постот? Сѐ се слеа во едно хармонично благодатно единство. Љубовта се чувствуваше насекаде, ведрина ги обојуваше лицата, крепост ги опфати срцата, молитвен крик од слаткогласно пеење струеше меѓу присутните и ги збогатуваше нивните драгоцени мигови; звукот на камбаните оддекна во далечините и сеноќната радост како да се распосла и рашири на сѐ наоколу, повикувајќи го сиот создаден свет во едно тивко торжество. Снегот сјаеше со поинаква белина, маглата не беше така сива, а мразот, пак, ги нудеше своите блескави огледала… Сѐ беше просветлено со најбожествената светлина на Духот.

Најсвет ариереју, проповеднику на благодатта, пред тебе стоиме и просиме благодатни сили, за да го поминеме ова посно време во духовен, таинствен мир, во молитвено расположение, во љубов и заедница со сите. И како што Витлеемската пештера се подготвуваше да Го прими Богомладенецот, така и ние да ги подготвиме нашите срца за во нив да се роди Христос Господ, и по твоето силно молитвено застапништво секогаш со Него да бидеме. Амин.