Радосна посета

Каде и да нѐ однел животот, во која и да било земја, родителската љубов е секогаш онаа сила што нѐ привлекува и тера да си спомнуваме за местото каде сме пораснале, каде сме ги доживеале најголемите радости, за кое нѐ врзуваат најубавите спомени и кое постојано пребива во нашето срце како најскапоцено завештание. Од тука ние црпиме сила за сите наши идни потфати во животот. Тоа е нашата сигурност, нашата заштита, и утеха во тагите и љубов и учество во радостите. Знаеме дека каде и да сме, во секое време, има едно срце кое бдее, се моли, се грижи, има едни татковски раце кои секогаш се подготвени да нѐ примат во прегратка, да нѐ поткрепат и охрабрат во искушенијата, има една ризница од која се излеваат мудри просветлени зборови…

Ништо на светот не може да ја замени таа родителска љубов. Сите ние, како рожби на едно големо и грижливо татковско срце, постојано имаме потреба од таа негова живоносна љубов, што како некое тивко и сигурно катче, нѐ чува и брани од секакво зло. Посетата на нашиот возљубен брат, сегашен митрополит Тетовско-гостиварски, г. Јосиф, го сведочи токму тоа. И знаејќи го тоа, зарем би била чудна големата радост на бигорските браќа и сестри, а особено на нивниот старец, архимандрит Партениј, поради оваа толку топла и срдечна средба? И сега се излеа татковскиот благослов источен од благодарното срце, кое се радува гледајќи го со љубов напредокот на своите чеда. А милостивиот Небесен Родител поита на таа благословена средба, спуштајќи од небесата неизмерна благодат на заедничката архиерејска Литургија, отслужена од митрополитот Јосиф, кој не можеше, а да не ја искаже пред сите присутни својата благодарност кон Бога што денес заедничареше со својот духовен татко и браќата во таа чудесна благодат:

„Му благодарам неизмерно на Семилостивиот Бог, што, ете, ме дарува со таква благодатна традиција – секогаш кога нешто во животот ќе добијам повеќе, ќе напредувам – да се вратам таму каде што се родив и израснав, и тоа да го споделам и да се израдувам со својот духовен отец, со моите браќа и сестри.

Човечки е, но тоа расудување произлегува од црковното преданиско искуство, да се размислува и заклучува дека онаму каде што си добил многу и од љубов, и од разбирање, и од пријателство, и од совети, треба и многу, дури и повеќе да излееш од својот дух. Никогаш да не заборавиш и забораваш, секогаш да паметиш и да враќаш на тој начин.

А јас овде, во ова најголемо македонско духовно светилиште, во овој православен стожер, научив и доживеав многу, се научив како се сака и како Му се служи на Бога, видов како се гори од љубов за Црквата и Евангелието. И тоа што го научив, повторно со поддршката на својот учител во лицето на духовникот на овој манастир, Неговото вископреподобие, архимандритот Партениј, морам и треба да го применувам во животот, но сега и уште повеќе, не само за своите духовни потреби, туку и за многуте души што ми се доверени.

Бог се сака со срцето. А штом сакаш од сè срце, тогаш тоа и го живееш. Нашата вера е жива вера, вера на делата. Ако не го применуваме спасоносното учење во животот, ако секојдневно на олтарот на своето срце не принесуваме дела, тогаш се залажуваме себеси, но ги залажуваме и другите. Ќе одговараме не само за примерот што го даваме, но и она што не го даваме, а можеме, сме во можност.

Љубовта, преточена во добродетел, треба да се дава и нуди искрено, зашто, како што вели еден современ теолог: да љубиш значи да се дадеш целосно и да го примиш ближниот свој во целост. Не е љубовта жртва кога се пазариме со неа, кога ја нудиме, ја даваме за да добиеме нешто за себе. Таа е возвишена, и треба да биде по мерата на Христос. Погледнете го Него, нашиот милостив Спасител – што сè претрпе за нас и од нас, и колку ни даде, а ништо за возврат не бараше! Дури, ни се даде Себеси, целиот.

И навистина сум благодарен на Бога, зашто на плоден и животворен корен ме насеа – на овој Бигорски источник, за да можам, ете, сега да давам квалитетни плодови. Да не беше ова место, да не беше топлата душа на овој духовен старец, кој кога бев најранлив ме зема на своите плеќи, но и денес не ме остава, не ме пушта од раката на својата духовна мудрост, да не бевте сите вие, не ќе знаев како да се спасувам и, по милоста Божја, да спасувам и други. Поставен сум на добра, но тешка и одговорна работа, како што вели благоговејниот Павле. Да не даде Господ да се заборавам и да го заборавам ова – највредното во својот живот. Дај Боже, постојано да ми бидете тивко пристаниште и примерно раководство.

Во оваа прилика да се заблагодариме и на Неговото високопреосвештенство, митрополитот Тимотеј, што благослови да служам во својот дом, да сослужувам и заедничарам со своите. Господ да го ободри постојано, како и досега, мудро да раководи со довереното му паство, та сите, како Црква, да се учиме од повозрасните, нивното позитивно искуство да биде наш континуитет. Да не забораваме, не можеме сами, зашто како такви и за себе не сме доволни. Мораме да се потпреме и на оние што секогаш ни биле поткрепа, секогаш нè љубеле и почитувале. Со својот духовен вид, со расудувањето на својот духовен ум, треба да знаеме дека таквите дела, што ги творат духовните, се залог за нашите постапки кон нив, но уште повеќе – тоа се дела на оној што гори за Црквата. Кога тоа го знаеме – кога имаме такви луѓе до нас и покрај нас, благословени сме. На таквите треба да ја потпреме Црквата, со нив да ја осигураме иднината на православието, на нашта држава и народ, зашто знаеме дека ќе ја чуваат и зачуваат. И колку да сме направиле нема да биде доволно, ако ова не сме го направиле – иднината на благата вест на овие простори ако не сме ја осигурале.
Бог да ве благослови, а светата Литургија нека е на здравје и спасение!“