Во затвор бев и Ме посетивте…

„Не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание“(Мт. 9, 13)

Овие Христови божествени зборови можеби најмоќно од сите сведочат за тоа дека во секој човек, без оглед на направените гревови, па макар колкави и да биле тие, останува можноста тој да се покае и поправи. Неискажливата и бесконечна љубов Божја се простира над секој човек подеднакво, дури и над оние што целосно се оддале себеси на страстите и вршат секакво беззаконие. Зарем Евангелието не нè потсетува постојано и за тоа дека благоразумниот разбојник, кој бил распнат на крст поради своите злочини, и кој со искрено покајание Го замолил Спасителот да си спомне за него во Своето царство, меѓу првите влегол во небесните обители на вечната радост? Господ Исус Христос, Кој пострада и умре на Крстот поради гревовите на целиот човечки род, му одговорил: „Вистина ти велам, денес ќе бидеш со Мене во Рајот“ (в. Лк. 40-43).

Спомнувајќи си и на Спасителовите зборови дека „здравите немаат потреба од лекар, а болните“, Црквата тагува и се моли за оние што скршнале од патот на Христовите заповеди, ги прекршиле и граѓанските закони и се лишени од слобода и ја знае нивната огромна потреба од пастирска грижа. Токму затоа, неодамна, со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, во нашата земја беше формиран иницијативен одбор за основање на едно здружение наречено „Призон фелоушип Македонија“, како дел од „Призон фелоушип интернешнал“, што би се грижело за духовните потреби на затворениците. Поради долгогодишното искуство на игуменот на Бигорскиот манастир, нашиот старец, архимандрит Партениј и неговото братство во духовната работа со затвореници и посети во затворите, во иницијативниот одбор, освен свештеникот Бобан Митевски од Скопје и неколку поранешни затвореници, како член беше повикан и еден наш собрат, јероѓаконот Силуан.

За збогатување на искуството во поглед на духовната мисија помеѓу затворениците, деновиве о. Бобан Митевски и о. Силуан, на покана на о. Николај Георгиев, свештеник од Бугарската црква кој веќе подолго време е духовник на затвореници, беа присутни на една конференција на затворските капелани, што се одржа во Стара Загора. На оваа конференција на свештенослужители во затворите, која траеше три дена, од 11 – 13 ноември, учесниците имаа можност да ги разменат своите искуства, како и да отслужат заеднички молебен во храмот „Св. Николај Чудотворец“, што се наоѓа во затворот во Зтара Загора. Збогатени од искуството на Бугарската црква, здружението „Призон фелоушип Македонија“, со поддршка на Македонската православна Црква и одговорните државни институции, ќе се потруди да создаде поволни услови за пастирска помош на затворениците во македонските затвори, што вклучува отворање на параклиси во затворите, редовна посета на свештениците, практикување на светите тајни покајание, исповед и причест, основање библиотеки со православна духовна литература и сл.

„А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите; и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата.Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: ‘Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене.’ Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ‘Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме? Кога Те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме? Кога Те видовме болен, или во затвор, и Те посетивме?’ А Царот ќе им одговори и рече: ‘Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле’“ (Мт. 25, 31-40).