Со светиите упокој ги, Христе Боже, душите на Твоите чеда…

Задушница

Кога би го споредиле бројот на живите со бројот на упокоените, бездруго би откриле дека наспроти релативно малечкото семејство на живите, постои едно огромно царство на упокоените. И тогаш целата држава на живите би наликувала на некое мало островче што стои крај еден цел континент. Всушност оние што живеат денес сведочат за еден непрекинат дар на животот, исто како кога глетката на едно столетно дрво покриено со лисја, сведочи за илјадници и илјадници лисја што се раѓале и паѓале од тоа дрво стотици години наназад. Ние, значи, коишто по милоста и човекољубието Божјо сме дошле на ред да живееме на тоа столетно дрво денес, сосема сме малку на број во споредба со нашите предци што живеле пред нас. Откако израснале на ова од Бога дарувано дрво на животот, тие заминале, како собрани од Неговата невидлива рака, отстапувајќи ни го местото нам, и оставајќи ни ја должноста што од Него Премилостивиот ни е доверена, и ние да се подготвиме за пат, за да отстапиме место на другите, потомците наши. Сето тоа големо множество упокоени се исто толку членови на Црквата Христова, како што се и оние што сега живеат на земјата. И живите и покојните, едно семејство Божјо, еден род Христов. Токму затоа таа света заедница на живите и упокоените, таа нераскинлива и вечна заедница – Црквата православна, постојано нѐ повикува нас, живите, молитвено да си спомнуваме за нашите упокоени отци, браќа и сестри во Христа. Тоа со посебно внимание и љубов се прави во саботите одредени за тоа, наречени задушници, кога според богослужбениот ред е предвидено во храмовите да се служат парастоси и заупокоени Лутургии. Тогаш чедољубивата Мајка Црквата ги повикува живите да се потсетат молитвено на телесно заспаните, но со души живи во Христа, давајќи милостина за нивен покој. Тогаш живите потопени во срдечна молитва, стојат тивко крај гробовите на своите ближни, тие споменици на воскресението, очекувајќи ја со надеж идната средба со нив. Зашто како што секое семе закопано во земјата се распаѓа пред да изникне во нов вид и да даде плод, така живее и нашата надеж дека сета онаа гнилеж, правот од коските на предците наши, отците, браќата и сестрите наши, еден ден ќе воскресне во слава и сила и ќе се облече во ангелска убавина и бесмртност. Затоа гробовите за христијаните не се некое мрачно и тегобно место, сметиште на обичен гнилеж и прав, пропаст и ништожност, туку ризница на нешто многу драгоцено, дури најдрагоцено во светот. Таму се нашите ближни. Тие вчера биле како нас, ние утре ќе бидеме како нив. Ние сме биле во нив кога тие оделе по земјата, па и сега треба да бидеме со нив, свесно и разумно, слеани во една љубов и една надеж во воскресението. Тоа нас, живите, нѐ обврзува на братска грижа за упокоените. Нѐ повикува со почит и љубов да се однесуваме кон нив и нивниот спомен. Зашто патот нивни е и наш пат. Нивниот Бог е и наш Бог. А нивниот Бог, Бог на отците наши, Единиот свет и бесмртен, е Бог на живите, а не на мртвите. „Зашто во Него се сите живи“, рече Господ.

И навистина, кој би можел да се посомнева дека на парастосот и заупокоената утрена и Литургија, отслужени во нашата свештена обител на оваа света задушница, во спомен на телесно заспаните во Христа отци, браќа и сестри, не се почувствува силно нивното живо присуство? Доволно беше само да се слушне умилителниот глас од нашиот најмил старец, о. Партениј, додека ги пееше зборовите од покојните тропари и стихири, за молитвениот разговор со нашите упокоени ближни веднаш да започне. Беседа на душите облечени во тело со душите разделени од телото, беседа на будните и телесно заспаните во Христа.

Беше, пак, болен некој си Лазар, од Витанија, од местото на Марија и нејзината сестра Марта. А Марија чиј брат се разболе, беше онаа, која Го помаза Господа со миро и ги избриша нозете Негови со својата коса. Тогаш сестрите испратија по Него, велејќи: „Господи, ете, оној што го милуваш, болен е“. (…) А кога чу дека е болен, тогаш остана два дена во местото, каде што се наоѓаше. Потоа им рече на учениците: „Да отидеме пак во Јудеја!“ Учениците Му рекоа: “Рави, сега сакаа да те убијат со камења, и пак ли таму ќе одиш?” Исус одговори: „Нели дванаесет часови има во денот? Кој оди дење, не се сопиња, зашто ја гледа светлината на оној свет; а кој иди ноќе, се сопиња, оти нема светлина во него“. Ова им го кажа, а потоа им рече: „Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам“ (Јн. 11, 1-3 & 6-11).