Сè во слава Божја…

Спомен на преп. Прохор Пчински и Јован Рилски и св. пророк Јоил

Топлите и спокојни денови на оваа есен во нашиот манастир како да прeвозгласуваат некаква чудесна тишина. Тишината е јазикот на идниот век, на вечноста. Така напишале светите отци, научени од најмудриот Учител – Спасителот Господ Исус Христос. И како што небесните Божји битија нечујно за човечките уши Го слават премилостивиот Творец, со даруваната им умствена сила, така и оние што се повикани на рамноангелски живот, со тивкиот глас на срцето ја искажуваат својата љубов кон Бога и ближните. Исполнет со таа духовна тишина, со таа нечујна молитва, манастирот, изникнат на Бистра, го исполнува со сладок спокој секое срце жедно за небесно питие. И природата, украсена со нежност и питомост, што како постара сестра ги прегрнува камените зданија, поседува таинствена привлечност – одблесок на молитва и светост. Шепоти молитвено и сјајната, сончева Радика со играта на својот забрзан тек. Сонцето, пак, кое секојдневно прескокнува од Бистра до Крчин, чиниш со нескриена радост ја објавува неземната убавина на овој чудесен склад на двете творби, обете Божји. Едната сотворена непосредно, со словото Негово, а другата – низ раката на Своите послушни деца. Природата и Манастирот. Дури и кога земното сонце ќе го познае својот запад, Бигорски не престанува да сјае со невечерната светлина.

Длабоката и спокојна есенска тишина, озарена од овие сончеви октомвриски и ноемвриски денови, во манастирот, сепак, си нашла и свои пријатели, со кои така хармонично се здружила во една прекрасна дружина. Тоа се веселите звуци што допираат од манастирските послушанија. Пред сé, тука се молитвените гласови од слатките богослуженија, што милоста Божја ги издигнува до небесата, дури до ангелските височини, и заедно со ангелските гласови ги сплотува во небоземно славословие. Неразделно од нив е монашкото гостољубие и мисионерската дејност за евангелска просвета, која ни за миг не престанува. Исповедите, пак, кај отците духовници и татковските поуки на возљубениот ни старец, архимандритот Партениј се незаменлива духовна храна, која ги поткрепува, утешува и освежува од гревот свенатите души. И секако она што е силна одлика на монашкото живеење – вредното ракоделие и пожртвуваност во служењето кое го прифаќа секој монах. И најтешките и најмачни послушанија радосно се извршуваат, без присила и негодувања. За тоа придонесува и радосната, надежна свест дека секое ракоделие и служење во слава Божја извршено, своевидна молитва претставува. И навистина, зарем не е топла и благодарствена молитва тоа што со најголема љубов и ревност се работи на обновата на ‘Горни Палат’, тој преубав дар, завештание на нашите родољубиви предци? А тука се и новите зданија, подигани во слава на пресветото име Господово, и неуморното реставрирање и фугирање на древните ѕидови од соборната манастирска црква. Ете, тмурното сивило и старите брчки на храмот на Претечата чиниш полека исчезнуваат, а наместо нив подмладените ѕидови блескаат со нова свежа убавина, облечени во бела ангелска облека. Речиси исчезна и безличната внатрешна белина на параклисот на св. Николај Чудотворец во ’Источен Палат‘ и на величествената книгохранителница, отстапувајќи пред раскошниот сплет на зографските бои, така умешно склопени во еден чудесен живопис. Но грижата монашка не запира тука. Надвор чекаат манастирскиот овоштарник и домашните животни, уште еден начин монахот да се допре до божествената природа. А за да може сето ова така хармонично да се извршува, покрај духовната потребна е и телесна поткрепа. За тоа неуморно се грижи вредната манастирска магерница.

Ете зошто св. Василиј Велики не пропуштил силно да го нагласи значењето на трудот за монахот и за секој христијанин. Во едно негово вдахновено дело ‘Правила на опширното протолкување’, меѓу другото пишува: „Што се однесува, пак, на злата мрзливост, што друго да кажеме за неа, кога и самиот Апостол јасно рекол дека оној што не работи, не треба ни да јаде? И како што на човекот секојдневно му е потребна храна, потребно е, сообразно своите сили, и секојдневно да работи. Во потврда на ова, и Соломон напишал: ‘Мрзливиот не јаде леб’. Апостолот, пак, за себе додава дека никогаш леб не јадел напразно, туку деноноќно, со напор и мака, работел и покрај тоа што како проповедник на Евангелието, имал право и да живее од Евангелието (сп. 2 Сол. 3, 8)“.