Преображение Господово

Откако се преобрази на Гора висока, Спасителу, имајќи ги со Себе врховните ученици, си засветлил преславно, покажувајќи со каква Божествена слава ќе се удостојат оние што светат со своите врвни добродетели. Мојсеј и Илија, кои разговараа со Христа, покажуваа дека Он е Господарот на живите и на мртвите, Бог Кој порано зборуваше преку Законот и преку пророците. За Него сведочеше и гласот на Отецот од светлиот облак, велејќи: Него послушајте Го, бидејќи Он со крстот ќе го заплени адот, и на мртвите живот вечен ќе им дарува.

Од Вечерната на Преображение

Таворската светлина денес целата вселена ја просветлува и сета твар со радост ја исполнува. Се радуваат најмногу пророците Мојсеј и Илија, гледајќи ја Христовата човечка природа, која додека биле на земјата не ја познавале. Се радуваат неискажливо и апостолите Петар, Јаков и Јован, гледајќи ја славата на Христовото Божество, Кое претходно не Го разбирале (Св. Ефрем Сирин). Се радуваме и ние, верните, созерцавајќи го Таворското богословие, и слушајќи го со духовниот слух гласот на Отецот како сведочи за Синот: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја, Него послушајте го!“ Се радуваме славно, и во отсуство на секакви други зборови, ги повторуваме само оние, бесмртните, на апостолот Петар: „Господи, добро ни е да бидеме овде…“

„Добро ни е да бидеме овде…“ – стотици пати огласија нашите срца за време на благодатната преображенска богослужба во соборниот храм на Бигорската света обител, која озарена од Таворската светлина, стана палатка за многу богокопнежливи души.

Зашто таму каде што со љубов на Бога Му се служи, таму навистина е Гората Тавор и „секоја Лутиргија“, како што нашиот возљубен старец, архимандрит Партениј, нѐ поучува „принесена со љубов, вера и молитва е вистинско доживување на Таворското собитие. Една таква Литургија“, продолжува старецот, „тоа е вистинско преображение, и ќе се почувствуваш исто како апостолите на Тавор, кога Му рекле на Господа: ‘Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме тука три сеници: една за Тебе, една за Мојсеја и една за Илија’ (Мт. 17, 4); не сакаш тоа чувство никогаш да престане. Просто не сакаш Литургијата да престане! Толку ти е убаво што и после отпустот не сакаш да си заминеш од храмот, сакаш да седиш во него и да пребиваш во молитва и умиление. Внатре, во душата, чувствуваш некаква чудесна енергија, божествена благодат со која си се причестил.
‘Благодат врз благодат’ (Јн. 1, 16). После една таква Литургија и светот го гледаш поинаку, преобразено. Зашто светата Литургија сета твар ја озарува со светлина. Ете, на Вечерната на празникот Преображение, на паримиите, кога се чита од Стариот Завет, слушаме како Мојсеј се удостоил да ја види славата Господова на Синај, бидејќи само нему му било достапно, колку што било можно во тоа време пред Христа, да се причести со некаква благодат. Господ таму му се јавил и му рекол: ‘Ќе ја покажам пред тебе сета Моја слава… Но лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да го види лицето Мое и да остане жив… Ти ќе ме видиш од кај грбот, но лицето Мое не ќе можеш да го видиш’ (2 Мојс. 33, 19-23). Секако, не треба да си создаваме никакви претстави дека Бог бил налик на човек, па исто како човекот имал лице и грб. Не, тоа била голема, Божја, непристапна светлина, неиздржлива за човечкото око, па затоа и Мојсеј можел да ја види дури откако таа светлина малку се оддалечила од него. Инаку не би останал жив. Но средбата со Бога на него оставила силна трага. Во Стариот Завет се вели дека кога Мојсеј се вратил, целата коса му била обелена, иако по години сѐ уште бил млад, а лицето му било озарено од необична светлина. Гледате, Мојсеј се причестил со божествената светлина и целиот негов лик толку силно му светел, што народот долу дури не можел ни да го погледне в лице. Некогаш тој дар се давал само на избраните, на пророците. А сега, кога се причестуваме, таа благодат ни се дава на сите. Сега, со благодатта на крштението секој добива печат од дарот на Светиот Дух. Порано свештенството се даваше на силни по дух луѓе, како Арон од кого и миро течеше. Сега, пак, сите сме ‘царско свештенство’ (1 Петар. 1, 9), род избран во Христа. И сите православни христијани можат да се причестуваат со таа благодат, да се искачуваат на таа наднебесна Гора. Но лествицата по која се искачуваме кон Божествената светлина, крилјата што ја возвишуваат нашата душа кон тие благодатни предели – тоа се добродетелите и молитвата со вера. Зашто доколку човек не стекнал опит во добродетелите и молитвата, па макар колку и да има сјајна надворешност, блескав ум и знаење, тој сепак останува духовно јалов и неговата празнотија веднаш ќе биде забележана од луѓето. Таквиот нема да биде препознаен од Божјата милост. И божествениот Григориј Палама, големиот причесник на Таворската несоздадена светлина, во своето познато Слово за Преображението Господово, ќе рече: ‘Он (Христос) Самиот е светлина, а не нешто друго. И затоа, каква потреба од друга светлина имаат оние кои ја поседуваат најголемата? Така Он засветли за време на молењето и неискажливо им ја откри на Своите избрани ученици таа неискажлива светлина, во присуство на најголемите пророци, за да покаже дека молитвата е причина за ова блажено видение, и за да научиме дека преку приближувањето кон Бога, што станува со посредство на добродетелите, како и преку соединувањето на (нашиот) ум со Него, настанува и се јавува тоа сјаење, кое им се дава и кое е видливо за сите оние што преку усрдно творење на добри дела и чиста молитва непрестајно се издигнуваат кон Бога’ (Γρηγορίου τοῦ Παλαμά, Εἰς τὴν σεπτὴν Μεταμόρφωσιν τοῦ Κυρίου ἡμῶν Ἰησοῦ Χριστοῦ, ΕΠΕ 76, Ὁμιλία 34, 368-370). Нека милостивиот наш Христос Бог, Кој е непристапна светлина, по молитвите на Својата Пречиста Мајка, и по молитвите на Своите пророци Мојсеј и Илија, апостолите Петар, Јаков и Јован и свети Григориј Палама, нѐ удостои и нас, грешните и малите, да станеме причесници на само еден најмал дел од Неговата Божествена слава и светлина!“ Амин!