…и прости ни ги гревовите наши…

Недела на простувањето

Времето посно светло да го почнеме и на духовни подвизи себе да се подложиме; душата да ја очистиме, телото да го очистиме; да постиме од секоја страст како од храна и со добродетели духот да го насладуваме; со љубов во нив усовршувајќи се, да се удостоиме сите да го видиме сечесното Страдање на Христа Бога и светата Пасха, духовно радувајќи се.

Стихира од Посниот Триод за Вечерната на Неделата на простувањето

Има зборови кои во себе кријат голема сила, но човекот, осамен во својот егоизам и гордост, полека заборава на нив. Таков е зборот ‘прости’. Едно ‘прости’ може за миг да ги урне ѕидовите подигнати меѓу луѓето, да ги растопи скаменетите срца и да даде нова смисла на нашите меѓусебни односи. Во него се содржи сета наша болка заради изладеното срце, недостатокот на љубов, триумфот на осаменоста и на осаменост осудената гордост човечка. Со него започнува нашето вистинско враќање од отуѓеноста кон единството, од омразата кон љубовта, од разделеноста кон соединувањето. Зашто да се прости не значи да се заборави; да се прости значи со милосрдие и болка во душата да си речеш: „Кога ќе дојде страшниот Суд ќе станам и ќе кажам: немој да го осудуш, Господи!“ И така да го понесеш бремето на другиот. Тоа Христос го бара од секого од нас, велејќи: „Ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите гревови“ (Мт. 6, 15). А всушност како да ни вели: „Ако не му простиш на ближниот, чедо, нема да можеш да ја примиш во срцето свое прошката што ти доаѓа од Мене“.

Токму затоа и постои оваа умилителна вечерна во Неделата на простувањето. Да нѐ потсети дека, како што вели големиот православен философ Ф. М. Достоевски, „секој пред секого е виновен за сѐ“, и дека на сите ни е потребна прошка. Нема верник кого Бог го довел во Бигорскиот манстир да ја доживее благодатта на ова чудесно сеопростувачко богослужение, а кој останал рамнодушен на тој силен призив на покајание, што извира од секој отпеан стих, од секој збор на потресните молитвословија во таа тивка вечер на измирување со Бога и ближните во предворјето на Четириесетдневното посно патешествие. Мигот кога старецот, нашиот севозљубен игумен о. Партениј, потонат во неискажливо смирение, со благ и кроток поглед стои пред нас, не за да проповеда за проштевањето, туку со најдлабоко покајание да побара прошка од сите, е чин којшто проповеда погласно и појасно од секакво слово. Тоа е миг кога се отвораат нашите срца и од нив бликнува река на покајни солзи, и веќе таму, во тие предели на мракот и гревот, блеснува светлина и полека се вселува најмилиот ни Христос. И повеќе не ни е тесно во срцата наши, зашто каде што е Христос, вистинското Богатство, таму има место за сите. Додека со насолзени лица во бескрајни редици бараме прошка од Бога и еден од друг, се примаме едни други во Христа, не за миг, ами за цела вечност, на еден нов начин, со вера, надеж, радост и љубов, за Царството Божјо. Не она што еден ден ќе дојде, туку она што се вселува во душата на секој човек, кога ќе се отвори за Бога и ќе Го прими Светиот Дух.

Со души очистени од покајната благодат, што како капки роса слезе на нас и ги освежи нашите духовни сили, тргнуваме радосно на ова великопосно патување, огреани од зраците на „Четириесетдневната пролет“. Таму некаде, на крајот, нѐ чека невечерната радост на Осмиот ден, денот на сеславното Воскресение Христово. И веќе ни се дава предвкус на тоа претстојно блаженство низ радосниот и свечен тон на Пасхалните стихири што го исполнуваат храмот и будат во нас надеж и ревност за нови посни подвизи.