Задушница

Молитвеното спомнување на упокоените во Господа отци, браќа и сестри наши постои во Црквата Христова уште од самиот почеток, како апостолско предание. Сведоштво за ова наоѓаме во светите древни Литургии кои се служеле и сè уште се служат во православната Црква. Сите тие содржат во себе молитви за упокоените. А тоа несомнено ни покажува дека уште од добата на Апостолите, кои на светата Црква богоподобно и го предале чинот на божествената Литургија, немало време во кое христијаните не се молеле за своите упокоени ближни, и тоа при извршувањето на најважното од сите богослуженија – Литургијата. Св. Григориј Нисиски поучува: “Ништо неразумно, ништо бескорисно не ни предале Христовите проповедници и ученици, а да не е прифатено насекаде во Црквата Божја. Да се прави спомен за упокоените во правата вера за време на божествената и преславна Тајна е многу богоугодно и корисно дело” (Наведено кај св. Јован Дамаскин во Словото за упокоените со вера). Во истиот дух ни говори и св. Јован Златоуст во својата трета толкувачка беседа за Посланието до Филипјаните: “Кога целиот народ и свештен собор стои со воздигнати раце кон небото пред страшната Жртва, како тогаш нема да го смилостивиме Бога, молејќи се за нив (т.е. за упокоените)? Но тоа важи само за оние кои се упокоиле со вера”. И на друго место (21. Беседа за Делата Апостолски) тој вели: “Сè уште постои, навистина постои можност доколку сакаме да ја олеснеме казната на починатиот грешник. Ако често се молиме и делиме милостина за него, макар да бил тој недостоен сам по себе, Бог ќе нè услиши. Кога поради апостолот Павле спасувал други и поради едни поштедувал други, како не ќе го направи истото и за нас?”

Така, светите отци нè поттикнуваат секогаш да се молиме и да правиме добри дела за покој на душите на починатите, но тие богомудро издвоиле неколку денови во годината – задушници, кога правиме посебен, заеднички молитвен спомен за сите упокоени во вистинската вера, од прататкото Адама, па сè до денес. Сега, кога богослужбено се подготвуваме и итаме во пресрет на благодатните денови на светиот Велигденски Пост, пред нас се отвора една таинствена врата која ги поврзува живите и упокоените; таа врата е Месопусната сабота. Големиот литургичар и некогашен професор на славната Битолска богословија, архимандрит Кипријан Керн, во своето прекрасно дело “Молитвени Кринови” пишува: “На месопусната сабота… Црквата ги спомнува сите, од почетокот починати луѓе… Пред погледот на Црквата минуваат милијардите и милијарди заспани отци и браќа наши, сите оние на кои не им ги знаеме имињата, кои одамна немаа овде, меѓу нас, пријатели што би ги спомнале во своите молитви… Сите нив ги спомнува Црквата, никого не заборавајќи, и сите тие се јавуваат пред нејзиниот поглед, и во ова заедничко собирање, таа ги спомнува сите од почетокот заспани чеда, и богати и сиромашни, и брачни и монаси, и цареви и слуги – сите оние кои веќе нè напуштиле” (Охрид 2002, 282-283). ”Спомни си, Господи, за сите починати со надеж за воскресение и живот вечен – за отците и браќата наши, сестрите, за оние кои паднале на браникот за верата и татковината, и за сите православни христијани што овде и насекаде лежат, и при светиите Твои, каде што сјае светлината на Твоето лице, всели ги; и нас помилувај нè, зашто си Добар и Човекољубец. Амин!”