Задушница или општиот помен за покојните за свештената Бигорска и Раичка обител е вистинска богодадена можност уште еднаш молитвено да си спомнеме за сите оние кои пред нас со вера се преселиле во вечниот живот. Таинствената и благодатна сила на оваа богослужба, длабоките и потресни стихови, го трогнуваат и исполнуваат со надеж секој што тука ќе пристигне за да даде свој молитвен придонес за починатите чеда на Црквата Божја. Зашто верата во бесмртноста на душите и во воскресението на телата, е вера што нема да го посрами оној кој ги усвоил Христовите зборови: „Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, зашто во Него се сите живи“ (Лука, 20, 27 – 38). Упокоените кои преминуваат во друг, вечен живот, со својата смрт стануваат учесници во новиот живот, не престанувајќи да имаат духовна врска со живите на земјата. Оти во Христа Исуса, сите, и светиите на небесата, и живите и упокоените, се соединети со нераскинливите и таинствени духовни врски на светата и возвишена љубов што со смртта не умира, туку уште повеќе се засилува. Таа неземна љубов која добива свој полн израз во взаемното молитвено посредништво едни за други, нѐ поттикнува и нас живите овде на земјата никогаш да не ги заборавиме во своите молитви оние кои се упокоиле со надеж во воскресение.
Така, верните кои и овој пат ги посетија Бигорскиот и Раичкиот манастир, не ги заборавија своите од века починати знајни и незнајни ближни, туку притекнаа да го принесат и својот најмал, но за нив многу значаен молитвен принос. Тие со запалени свеќи во рацете ги упатија своите надежи кон Семилостивиот Бог, да не ги лишува од небесните добра и од гледањето на Неговата несоздадена слава сите упокоени наши браќа и сестри кои со вера и љубов си заминале од овој живот, разделувајќи се привремено од нас.