Умножена Бигорската ризница со мошти

Голема е и неопислива милоста Твоја, Боже, Кој нѐ удостојуваш со такви духовни радости, Кој нѐ насладуваш со неизмерна благодат, Кој денес во манастирот ни донесе вистински источници на благодат и исцеленија. Сонцето што толку силно сјаеше со своите есенски зраци, ја објавуваше духовната радост што грееше во нашите срца, кога торжествено ги пречекавме и со достоинствена литија ги проследивме кон Бигорскиот храм моштите на светите Ирина, Варвара, Екатерина, Јоаким и Ана, Бонифациј и на светиот апостол Лин. Тука во молитвената тишина на храмот, пред поставените икони од светиите и пред нивните мошти, браќата и присутните верници ги упатија своите умилни прозби кон премилиот Господ и Неговите светии, благодарејќи Му што за своите грешни и недостојни чеда приготви таква духовна наслада, што светилиштето сега го стекна и молитвено застапништво на светите маченички и Богородични придружнички Варвара, Ирина, Екатерина, Нејзините свети родители Јоаким и Ана и светите Бонифациј и апостол Лин, чии што мошти, покрај оние на останатите бројни светии, веќе го облагодатуваат Претечевиот дом. А искрено се помолија и за духовно преуспевање и спасение на почитуваниот ѓакон Рафаил Комерс од Холандија, голем пријател на Бигорскиот манастир, кој пристигна во Бигорски во придружба на о. Игор Здравковски и со голема љубов ни ги подари овие свети мошти.

Свети Божји угодници, кои денес ни пристигнавте преку вашите свети мошти, имајќи смелост пред Господа, молете Го за нас, да ни подари прошка на гревовите и духовна сила, та непрестајно да го прославуваме Троединиот Бог, Отецот, Синот и Светиот Дух и вашето силно молитвено застапништво, сега и секогаш и во веки веков. Амин!