Нас, кои го празнуваме твоето чесно вознесение, чесен меѓу пророците и велики Илија, со твоите молитви избавувај нѐ од беди и неволји и опасни напади, за да можеме секогаш ние, луѓето Христијани, да те чествуваме и славиме, Пророче преславни
од Стиховните стихири
Чудесна е Божјата промисла, чудесна е милоста Божја за народот Негов избран. Он погледнува од своите височини на земјата, го испраќа благословот Свој врз сите нас кои со вера и надеж ја повикуваме Неговата моќна заштита. Он приготвил спасение среде земјата, ги испраќа Своите избраници меѓу нас за со нивните усрдни молитви да се избавиме од искушенија и маки, од меч непријателски. Ги има Он во Своја близина и ревносниот Илија, пророкот со огнена молитва, и пазител на верата, како и трите славни Пречистански благоухани крина – Светите Преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, чијшто спомен денес го славиме. Како брзи помошници во неволји и страданија, тие смело пред Бога стојат и спасение просат за родот христијански.
Знаејќи го сето ова, не случајно верните синови на нашата Татковина, денот кога се слави споменот на Светиот Илија го избрале за почеток на Илинденското востание. Храбрите востаници, борејќи се за ослободување од немилосрдното османлиско иго, поткрепа гледале во личниот пример на Светиот, барајќи го неговиот благослов. Уверени биле дека огненото молитвено застапништво на непоколебливиот ревнител на Вистината ќе ги заштити од многувековниот непријател, од режимот кој на страдалниот народ наш не му давал верата своја православна во слобода да ја исповеда. За нас тоа биле времиња на тешки испитанија, кога на Христа верно Му се служело, кога верата во Него се чувала дури и во најтешките мигови.
А сведоштво за таа славна вера на нашите предци е и храмот на Св. Георгиј Победоносец во селото Лазарополе, храм кој со незапирлива ревност бил изграден во време на големи страданија. Во тој храм денес нашиот Старец, Архимандрит Партениј, заедно со дебарските свештеници и дел од нашето монашко братство, отслужи Божествена Литургија во присуство на верните лазарополци и притекнатите гости. После читањето на Светото Евангелие, возљубениот наш Старец им се обрати на присутните со боговдахновена беседа, со која нѐ потсети на светлиот пример на Пророкот Илија, на неговата ревност за Вистината и усрдност во молитвата, на примерот на сите Светии на Црквата, на примерот на богољубивите наши предци:
„Возљубени лазарополци, почитувани гости!
Чувствувам голема радост што ми се даде можност сите вас срдечно да ве поздравам на овој голем ден за славното Лазарополе, за целата македонска земја и за сиот православен свет – споменот на Светиот славен Пророк Илија, како и споменот на Светите Пречистански Преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј. Особено се радувам и Му благодарам на Бога што нè собра овде на овој ден и ни овозможи заедно со вас да се помолиме во овој величествен храм – паметник на длабоката вера на нашите благочестиви предци и нивната преданост кон Господа.
Ја слушнавме пред малку пофалбата од Апостолот Јаков за Светиот Пророк Илија. Голема сила, вели Апостолот, има усрдната молитва на праведникот. Илија беше човек смртен, како и ние, и со молитва Му се помоли на Бога да нема дожд, и не падна дожд на земјата три години и шест месеци. И пак се помоли, па небото даде дожд и земјата го даде својот плод (Јк. 5, 16-18). И доколку читаме од Стариот Завет, од третата книга Царства, ќе видиме дека молитвата на овој голем Пророк навистина извршила огромни чудеса. Просто направила така што еден цел народ повторно да се обрати кон Вистината и да се поклони на вистинскиот Бог. Знаеме од свештената историја дека во времето на Св. Илија Израилскиот народ многу се отклонил од Вистината, што дури престанал да Му оддава почит и поклонение на единствениот Создател и започнал да им служи на лажните идоли. Било тоа навистина еден мрачен период во историјата на Израилскиот народ. За време на царот Ахав идолопоклонството го достигнало својот највисок степен. Царот Ахав правеше зло пред очите на Господа повеќе од сите свои претходници (3 Цар. 16, 30). Заедно со жена си Језавела тој му подигнал жртвеник на лажниот бог Ваал и го вовел идолопоклонството како државана религија. Но Илија, гледајќи ја сета таа заблуда, не се обесхрабрил, не очајувал, туку бил толку упорен во својата молитва, што таа негова упорност станала пример за вистинска молитва и предизвикува голем восхит во душата. Колку само истрајно стоел тој во молитва пред Бога! Бил крајно ревносен и упорен да го слушне Божјиот глас во своето срце, да разговара во него со Бога, да добие повелби од Него за да може да го спаси развратениот народ. Неговата љубов кон Бога и кон својот народ му вдахновувала толку голема сила, што тој бестрашно се појавил пред царот и пред народот свој за да ги разобличи поради нивната заблуда. Навистина невидена смелост и упорност! А тоа, секако, е последица на неговата силна, истрајна и упорна молитва. Токму затоа денес Апостолот го пофалува големиот Пророк и преку личноста на овој старозаветен праведник кој имал усрдна молитва, Бог всушност сите нас нè повикува да покажеме истрајност и усрдност во молитвата. Нè повикува и покрај нашите многубројни гревови, слабости, нашата заборавеност во безбројните земни грижи, со смелост да застанеме пред Него, нашиот небесен Татко, и Он ќе ги слушне нашите молитви и ќе помогне. Зашто усрдната молитва навистина твори чудеса. Молитвата со вера внатре во човекот произведува една силна енергија што ја вознесува душата во сферата на Божественото. А кога таа усрдност на внатрешниот човек ќе се спои со Божјата благодат, тогаш и се случуваат чудата. И не мора тие чуда да се секогаш видливи за нашите телесни очи; честопати молитвата прави внатрешни чуда коишто се особено важни и големи: прави чуда во нашето срце, во нашиот ум, во нашата душа. Прави човекот да се обрати кон Бога со покајание, да го измени своето грубо и духовно нечувствително срце, та тоа да почне да разговара со својот Создател. И колку повеќе молитвата напредува и сме поупорни во неа, толку повеќе благодатта Божја во нас расне, растат радоста и милоста со кои Господ нè милува. Но да се стигне до тие Божествени плодови на молитвата, потребен е навистина голем подвиг и трпение. Не случајно Апостолот денес како пример на страдања и долготрпенија ни ги посочи Пророците (Јк. 5, 10). Знаеме дека Св. Илија заради тој молитвен подвиг се повлекол дури во пештера и седел таму со години, со молитва стекнувајќи смелост пред Бога. Ваквата молитва ја подражавале и сите Светии од Новиот Завет чиишто житија и подвизи секогаш нè воодушевуваат. Еден пример за таков Светија е Преподобниот Серафим Саровски, руски Светител од XIX век, кој илјада дена и илјада ноќи непрестајно се молел на еден камен. И таа молитва го направила да биде ангел во тело, така што кога луѓето се наоѓале во негова близина чувствувале како од него зрачи некоја посебна таинствена енергија која во душата влевала милост и радост. А и тој самиот сите луѓе, без разлика на нивното потекло, возраст, духовна состојба, ги поздравувал со зборовите: „Радост моја!“ Зашто за оној кој Го љуби Бога, секој човек на овој свет претставува радост, бидејќи во секое човечко создание тој препознава икона Божја.
Доаѓајќи овде, во ова славно село, од нашиот Манастир, по стрмниот и кривулест пат, и гледајќи ги високите и тешко пристапни планини, се прашував како ли нашите предци во оние времиња тешки се искачувале тука и ги граделе овие прекрасни куќи, го изградиле овој чудесен храм. Дојдов до заклучок дека тие навистина биле слични во верата со Пророкот Илија, биле слични со Апостолите. Очигледно ништо друго не им било важно, освен молитвата и заедницата со Бога. Кога во тоа време на ропство, долу, при плодните полиња и градовите, иноверните ќе им кажале: „Дојдете, поклонете се на државната вера и признајте го нашиот пророк, бидејќи, гледате, вие веќе немате цар кој се поклонува на Христос како на Бог“ – нашите предци биле подготвени да остават сè земно и да се искачат на највисоките планини, каде што е многу тешко да се опстане, само за да бидат со Христа, со вистинскиот Бог, да Му се молат и Него да Го слават. Биле повеќе решени дури и животите свои да ги дадат, отколку да се поклонат на нешто лажно и невистинито. Пример за таквата непоколеблива вера и преданост кон Господа е и маченичкиот подвиг на Светите Пречистански Преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, чијшто спомен исто така го славиме денес. Овие тројца Христови витези на никаков начин не сакале да се откажат од својата спасителна и вистинска вера, па затоа биле обезглавени од страна на Османлиите и примиле маченички венци и вечна слава во Царството Христово.
Денес, за жал, не би можеле да кажеме дека ја имаме ревноста и верата на тие наши славни предци. Нашиот народ повеќе се свртел кон земното, кон материјалното. Но, не се ни осмелуваме некого да судиме, туку ќе повикаме на молитва, наведувајќи го уште еднаш примерот на Св. Илија. Имено, кога ревносниот Пророк речиси во очај му се пожалил на Господа дека израилевите синови го оставиле Неговиот завет и се поклониле на лажните богови, милостивиот Господ го испратил Илија на молитва, велејќи Му: Излези и застани на гората пред лицето Господово; и, ете, Господ ќе мине, и голем и силен ветар кој ридови урива и соборува карпи пред Господа; но не е Господ во ветрот; по ветрот – земјотрес, но не е Господ во земјотресот; по земјотресот оган, но не е Господ во огнот; по огнот – здив од тих ветар, и таму е Господ (3 Цар. 19, 11-12). Всушност, себлагиот Господ сакал да му покаже на Илија дека Он е милост и простување, дека Он со тивкото ветре на Својата љубов го милува целиот свет и дека Илија треба да ја стави љубовта над сè. Слична пројава на Божјата љубов гледаме и во евангелскиот настан кога Апостолите Јаков и Јован сакале да падне оган од небото и да го истреби самарјанското село што не го примило Христа. Но наместо тоа, Апостолите од Спасителот го добиле истиот милостив одговор: Не знаете од каков дух сте вие, зашто Синот Човечки дојде не да погубува човечки души, туку да ги спаси (Лк. (9, 55-56). Така и ние, во никој случај не смееме да ги осудуваме оние коишто повеќе милуваат да одат по игранките, по разните забави и себеугодувања, отколку да се молат во храмовите Божји. Наместо тоа, за нив треба уште повеќе да се молиме и да бараме милост од Бога, затоа што тие го прифатиле гласот на овосветските пропаганди кои имаат намера да ја релативизираат Вистината и потполно да го развратат човекот, да го разградат како личност создадена од Бога. Но, што ќе направиме? Денес поуката е јасна: треба искрено и вистински да се молиме, како што тоа го правел Пророкот Илија. Ако, пак, тој ни се чини многу далечен, бидејќи од неговото време поминале илјадници години, тогаш ќе се потсетиме на нашите блиски предци, како, на пример, Ѓурчин Кокале којшто го изгради овој храм во едно страшно и тешко време. Од неговите мемоари и од неговата биографија дознаваме колку тој бил побожен, човек со силен дух, со непоколеблива вера. А без побожност, без вера, човекот не е ништо. Тогаш тој приличи на животно, па и полошо од животно – заличува на нешто чудовиштно, наместо да биде онаков каков што Бог го создал, зашто е создаден по образ и подобие Божјо. Би направил грев доколку тука не би го спомнал и великиот отец наш Анатолиј Архимандрит, којшто исто така бил сотрудник во градењето на овој грандиозен храм. И тој бил израснат во Лазарополе, се замонашил во Бигорски, а завршил на Светата Гора Атонска, во Зографскиот Манастир, каде што сите отци го гледале како Светец Божји уште за време на неговиот живот. Гледате ли како Бог постојано ни издигнува личности како Св. Илија, личности истрајни во молитвата и силни во верата? Затоа, ве повикувам да се помолиме да ни ги отвори Господ умовите и срцата, та да се угледаме во верата и молитвите на нашите предци коишто правеле толку големи и славни дела. Особено на нашето време толку насушно му е потребна молитвата. Сведоци сме за духовната беда во којашто се наоѓа нашата земја, но и за бедата во која сеопшто се наоѓа светот поради тоа што луѓето паднале во ропство на страстите, особено на среброљубието и властољубието. Можеме да заклучиме дека човештвото денес се наоѓа во слична состојба како онаа во Израилот од времето на Илија, кога мнозинството отпаднало од верата во вистинскиот Бог поради тогашната државна пропаганда, која проповедала лажни богови, што во својата суштина не се ништо друго освен олицетворение на човечките страсти и внатрешните неконтролирани стихии. Но, никако не смееме да очајуваме, туку што побрзо да се охрабриме и да почнеме да се молиме. Доколку и не знаеме некакви особени молитви, да почнеме со едноставната молитва која има огромна сила: „Господи, Исусе Христе, смилувај ми се мене, грешниот“. Важно е да се почне со молитвата, а потоа Господ ќе го посети нашето срце. Да се молиме и за сите оние што духовно се заспани и слепи и кои подлегнале на ужасната пропаганда на современото идолопоклонство; да се помолиме и за нашата Татковина која е бранувана од разорните сили на безбожието, како и за тоа нашиот народ повторно да се сврти кон вечниот Бог, кон апсолутната Вистина, кон вечните морални вредности, кон својата вистинска култура.
Св. Пророк Илија и Светите Пречистански Преподобномаченици да ни даваат сила и ревност во верата и молитвата!“