„Патот на Црешовото топче“

Ретко кое друго нешто буди во душата толку силен восхит како што тоа го прави решителноста и подготвеноста да се појде дури во смрт заради заштита на светата вера, на ближните, на Татковината. Тој дух на христијанска пожртвуваност и себеодрекување во полза на повозвишени идеали, ги исполнувал срцата и умовите на нашите богољубиви и родољубиви предци. Затоа тие, со вера во Бога и во вечниот живот, без колебање ја полагале својата душа за слобода на Татковината, во којашто препознавале голема светиња. Безбројни се примерите за оваа евангелска доблест во нашата славна историја, но среде нив можеби најсјајно блеска Илинденската епопеја на нашиот народ. Херојскиот подвиг на Илинденците навистина се покажува како симбол за нашето единство, симбол на способноста заедно да ги надминуваме опасностите и искушенијата и заедно да победуваме. Потпирајќи се на верата, на силата на духот, на тој Божествен закон, нашите Илинденци го совладале и победиле непријателот. Тие го победиле не физички, туку уште посилно – го победиле духовно. И ете, од убавината и плодовите на таа победа ние се насладуваме и до ден денес. Токму затоа, со чувство на трепет мисловно ги приклонуваме нашите глави пред нивниот подвиг, осознавајќи го неговото значење за самите нас, за секој современ Македонец, за секој што е наследник на нашето велико минато.

Благодарствено сеќавајќи се на тие бесмртни Илинденци и на сите нивни сродници по дух, Свештената Бигорска Обител по шести пат беше домаќин на илинденската манифестација „Бигорски Манастир – Патот на Црешовото топче“. Со благослов на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, групата млади родољубиви комити од Крушево, Гостивар и Кочани, пристигна вчера во Манастирот, а денес зеде молитвено учество во светата богослужба. После завршетокот на Светата Литургија, комитите-коњаници: Кире Кироски, Димче Димитриески, Мики Дуза, Димитар Димитриоски, Јане Стојаноски, Гоце Петроски, Пеце Стојчески, Бојан Стојаноски, Дарко Стојанов, Звонко Трпески и Тошо Крстески, од страна на нашето монашко братство примија молитвен благослов за нивниот претстоен коњанички марш до Крушево, каде на 2 август ќе се одржи централната Илинденска прослава. Пред заминување младите комити положија заклетва пред Светото Писмо дека докрај ќе останат верни на Македонското револуционерно ослободително дело. При оваа свечена прилика, претседателот на здружението „Бигорски манастир – Патот на Црешовото топче“, г. Манојил Јаковлески, им се обрати на присутните со пригодно слово, во кое истакна дека годинешниов марш се посветува на сите родољупци од Илинденската епоха па сè до денес, вклучително и на паднатите бранители од 2001 г., како и на загинатите припадници на македонските безбедносни сили во терористичкиот напад на Куманово оваа година. Исто така, г. Јаковлевски упати посебна благодарност до нашиот Старец и игумен за неговата постојана поддршка и благослов и му подари рачно изрезбан дрвен крст, изработен од г. Влатко Билески. Поради отсуството на Архимандрит Партениј, подарокот го прими нашиот собрат, јеромонахот Доситеј, кој во името на нашиот Старец им се заблагодари на организаторите и учесниците на оваа манифестација, порачувајќи им да останат верни на пожртвуваниот евангелски дух на нашите предци и да ги чуваат традиционалните христијански вредности, особено семејство, коешто е основен столб на Црквата и Татковината.