Сѐ поголем интерес за веронауката во Бигорски и Рајчица

Живеејќи во ова динамично општество, човекот е во постојана трка за егзистенција, во борба за биолошко преживување, со незапирлив стремеж дури и кога има доволно да приграби што повеќе. Во таа незаситна глад за материјалното тој скоро и нема време ниту желба за разговор со себеси, за една макар и кратка средба со своето внатрешно битие како би ги запознал потребите на својата боголика душа. И додека тој забрзано врви низ животот со поглед втренчено вперен во некаква идна поголема благосостојба, пред неговите очи незабележливо минуваат оние малите, а толку значајни нешта, на кои тој дури и заборавил да им се радува – секојдневната семејна радост, топлата детска прегратка, чистата љубов. Па така, измамени од потрагата по некакви лажни вредности полека го пропуштаме нашето вистинско богатство, нашите сопствени деца кои честопати се принудени да пораснат без нас, лишени од вистинска душеполезна поука и надзор. Навистина, денес речиси како да немаме време за своите деца и сѐ помалку ги разбираме нивните потреби, кои најчесто се многу едноставни. А најважното нешто што можеме да го направиме за нивната сигурна иднина, за утврдувањето и градењето на нивниот карактер и внатрешно битие, е инвестирањето во духовното воспитание.

Единствено Црквата ја има таа можност да ги воспита децата во морално здрави и духовни личности, полезни за општеството, зашто само таа ја има силата да ги поврзе луѓето со изворот на највисокиот морал и чистота, Христос нашиот Господ. Веронауката, пак, која на детето му носи знаење за невидливите нешта што за него се толку реално присутни, го олеснува тој пат, ги воведува нашите деца во вистините за верата. Но сепак, она што е најважно е дека таа ги отвора срцата на децата не само за Бога, туку и за нивните ближни. Како еден автентичен воспитно-образовен предмет, таа има сила на чудесен начин, неусетно и постепено да го преобрази детето, да го подготви и зајакне пред предизвиците што низ животот го очекуваат, да го изгради во личност која ќе биде пофалба на Црквата, радост на родителите и верен заштитник на националниот идентитет.

Деновиве пространите манастирски дворишта во Рајчица весело одѕвонуваа од детскиот џагор на членовите на третиот летен камп по Веронаука, кои овој пат ни пристигнаа од Охрид и Скопје. Беше особена радост за сестрите што за првпат и охриѓани посакаа да ги отворат за своите најмали вратите на духовната наука, па испратија во манастирот околу 10 – тина деца на возраст од 7 до 14 години. Заедничката дружба со овие чисти и искрени души низ богослужбите, часовите по Источно-византиско пеење и Веронаука, прошетките низ живописната околина и различните активности, направија овие неколку денови да бидат вистинско задоволство и за гостите и за домаќините. Децата не пропуштаа ниту еден миг од својот краток престој овде, да го искористат за да ги нахранат своите духовно гладни души и да стекнат што е можно повеќе душеполезни знаења, за да можат што подобро да се утврдат на темелот на верата – Христос, и поткрепени од Неговата љубов сигурно да чекорат понатаму во животот.

Љубовта со која децата одговорија на оваа иницијатива на нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, да им ги приближи низ монашкото секојдневие основните вистини на верата, ни покажа дека посеаното семе ќе даде обилен плод, и дека овие млади личности ќе бидат поттик и за нивните пријатели да посакаат да ја спознаат својата православна вера. Се надеваме дека оваа иницијатива ќе биде позитивно примена и следена и од други институции на Црквата и Државата, па од година на година ќе имаме сѐ повеќе вакви воспитни проекти во кои децата ќе можат да го стекнат најважното и најспасоносно учење за нивните души.