Заврши вториот летен камп по Веронаука во Бигорскиот и Рајчичкиот Манастир

Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене (Мт. 19, 14)

Секој миг поминат со децата е силно и длабоко доживување на разните духовни собитија. За нив молитвата е најубавото нешто, дружбата со Бога и Неговите Светии е многу реална и блиска, а разговорите со нив понекогаш се толку сериозни, што и секој возрасен би можел и себеси да се преиспита, да се самонабљудува до каде стасал во духовниот живот. Чистите детски души на наједноставен начин ги прифаќаат верските вистини и испраќаат една охрабрувачка порака за возрасните, коишто најчесто се откажуваат од понудата да се израдуваат на малите и секојдневни нешта. Дружењето со најмладите е поука и повик да се промениме, да излеземе од тој затворен круг што нѐ попречува да „запловиме подлабоко“ во духовните пространства, да заборавиме на „методите“ со кои ги решаваме нашите секојдневни животни тегоби. Единствениот јазик што децата најдобро го разбираат, а и нам ни го нудат за да се разбереме со сите, е јазикот на радоста и љубовта, на играта и пеењето.

Желбата на детето да учествува во молитвениот живот, да се воспитува во прегратките на Црквата е желба која возрасниот човек не треба да ја игнорира или спречува. Способноста на Црквата да ги препороди луѓето, да ги направи вистински полезни граѓани на општеството е неприкосновена. Нашиот народ отсекогаш се воспитувал во Црквата Христова, и таму тој стекнувал цврста и непоколеблива вера, храброст, истрајност, таму луѓето негувале вистински патриотизам и непосрамлива надеж за опстанок.

Токму затоа, деновиве во Бигорскиот и Рајчичкиот Манастир, нашиот Старец, Архимандритот Партениј, со својата неизмерна љубов татковски ја прими групата деца од повеќе градови во нашата земја, коишто заедно со своите многупочитувани и пожртвувани вероучители Драги Анастасовски и Крсте Тасески, дојдоа во овие Свети Обители на практична веронаука. Тука тие поминаа неколку дена во духовните прегратки на монасите и монахињите, во вистински полезната дружба со нив. Видно трогнати од престојот во Манастирите, од различните духовни активности со кои овде се сретнаа, тие отворено ги изнесоа своите силни впечатоци, во кои се забележува воодушевувањето од молитвениот, радостотворниот монашки живот со кој тие целосно се сообразија овие неколку дена. Нивните срдечни насмевки сами по себе се доволни за да се забележи колку полезен им беше престојот во Манастирите, колку плодоносни за нив беа средбите со Старец Партениј. А напишаните зборови се сведоштво за тоа колку значајно за нив, и воопшто за сите нас, е воспитувањето во Црквата, во духот на Светото Предание што прави луѓето да се развијат во духовно здрави и морални личности, предадени на својот народ и Татковината. Си заминаа не криејќи ги своите солзи, со силна желба за повторно доаѓање.

Во продолжение наведуваме еден мал дел од многубројните писмени сведоштва што децата со голема радост ги оставија пред своето заминување:

Марин Симоновски, 13 години: „Ви благодариме, отец Партениј, за тоа што со Вашата љубов, волја и трпение изградивте едно прекрасно Светилиште коешто сјае со својата убавина, и во кое се чувствува Божјата благодат и мир. Со тоа ни помогнавте да ги приближиме нашите души кон Бога, да Го возљубиме… Вие сте заслужни за верата и љубовта во ова парче земја, за возобновувањето на монаштвото и Манастирот. Ве сакаме, ги сакаме нашите во Христа браќа монаси, голема благодарност до нив и до сите други. Господ да Ви даде долг век, со Божја помош да направите уште многу вакви дела на љубовта, да обратите многу души на правите патишта и Ве молиме помолете се за нас“.

Андреј Дајевски, 16 години: „Драг наш отец Партениј! Ви благодарам за Вашата бескрајна љубов кон нас, вие со отворени раце нè примивте, благословивте, нè наситивте духовно и телесно… се воодушевив од Вашата пожртвувана вера и милост, Вие со Божја помош го обновивте Манастирот. Отче, Вие можеби не ме знаете добро, но благословете ме мене и моето семејство и молете се за нашето здравје и за здравјето на сите, молете се да има љубов, мир, среќа и милост“.

Бојан Петревски, 9 години: „Ете, вчера бевме во овоштарникот и таму имаше многу овошни дрвца. Додека одевме по патот јас три пати паднав, но продолжив да берам вишни како да не сум паднал, и со тоа направив жртва за Бога од мене. Овде деновите ми врват многу убаво“.

Михаил Анастасовски, 9 години: „Мене ми е убаво да преспивам овде, но најубаво од сè ми е молењето. Ви благодарам што го направивте овој Манастир за така да можеме да се молиме за вас и за сите монаси“.

Гоце Бејковски, 9 години: „Му благодарам на отец Партениј што ми го дари овој дом. Овој Манастир ми е најубав од сите. Мил отец, јас би сакал да го поминам цел живот во овој Манастир“.

Наталија Марчевска, 13 години: „Најубавите работи во животот не се купуваат со пари, туку со смирение и љубов кон Бога и ближните. На ова рајско место има прекрасни луѓе, кои цел ден со сјај во очите шират хармонични и благи насмевки. Кога ќе ги погледнам, мојата душа се полни со чудесна топлина и спокој, исто како да сум во прегратките на Пресвета Богородица… Драги сестрички, многу ви благодариме што нè научивте да бидеме задоволни со тоа што го имаме, да го сакаме ближниот како што се сакаме себеси, да се отргнуваме од злото и да правиме добри дела, да ја привлекуваме љубовта Божја“.

Исидора Грбич, 13 години: „Овде, после Светата Причест, зграпчуваш благодат за целиот ден и сѐ станува совршено, радосно и полно со љубов“.

Евангелија Милосавлевска, 10 години: „Уште кога бев малечка ги запознав отецот Партениј, браќата и сестрите. Тие ме учат да ги сакам и почитувам моите родители и Црквата. Ме учат да бидам послушна, трпелива, смирена, одговорна, работлива, полна со љубов и разбирање за другите“.

Теодора Димитровска, 13 години: „Најважното што го учиме овде е дека јазикот на љубовта е јазик на кој сите луѓе во светот се разбираат… Посетувавме разни часови, зборувавме за воспитанието, за разни празници, за смирението на Богородица. Му благодарам на отец Партениј за прекрасното гостопримство и се воодушевувам на неговото трпение… Еден свет отец рекол дека еден час поминат со Бога е како илјада денови поминати со најскапиот психолог. Ве сакам најмногу“.

Драгица, 17 години: „Многу родители своите деца ги испраќаат во летувалишта, ги носат во градинки, ги водат кај психолози да разговараат со нив…, но треба да знаат дека најдоброто воспитание се случува токму во Манастирот, преку верата и љубовта кон Бога. Некои родители се плашат да ги испратат своите деца во Манастир, мислат дека ќе им останат таму… Но тоа е така поради нивната слаба вера во Бога. Некои, пак, им дозволуваат на децата да одат во Манастир и се радуваат поради тоа и многу се благодарни… Тука нè учат на смирение, трпение и послушание, љубов кон ближните и Бога, на добрина, кротост и радост“.

Порака од неколку девојчиња: „Посебно убаво ни беше на часовите по веронаука, на кои учевме за многуте добри дела што Христос ги направил“.

Јована Атанасовска, 13 години: „Во храмот се чувствува Божјата благодат, има мир и спокој, учиме како да се приближиме до Бога, да го славиме Неговото свето име, да ја проповедаме верата како Светците. Црквата е дом Божји, во кој Бог постојано е со нас и нè благословува. Тука научивме многу работи, но пред сè научивме многу за воспитанието, научивме во нас да имаме љубов за секој. Благодатта што се излеа врз нас ќе ја чуваме во нашите срца…“

Наведуваме еден дел од впечатокот на вероучителот Драги Анастасовски: „Веронауката е тој насушно потребен елемент во кариката на образованието, за младите луѓе лесно да можат да препознаваат што е лошо, а што добро, што носи тага, а што носи здравје, мир и радост во Духот Свети… да знаат каде води патот…

Самата веронаука на чудесен начин преку силата на Духот Свети, Кој струи во Божјите заповеди, го крева духовниот имунитет на сите, а посебно на најмладите, за да имаат доволно духовни и волеви сили, за да можат да се спротивстават на сите искушенија, на сите премрежија во овој живот и здрави – прави да испливаат, да одолеат, да ги надминат предизвиците и искушенијата од овој свет и да можат уште посилни и поискусни, да го живеат достојно, радосно и здраво својот живот, за радост на родителите, на државата, а посебно на Црквата како Наша Духовна мајка… Самиот духовен препород на државата, писменост и образование, го направиле личности од Црквата, кои што заради својот свет живот и љубов кон ближните, Бог ги просветил и осветил, така да враќањето кон верата на нашите татковци, која нѐ сочувала до ден денес, не значи враќање во минатото, туку напротив – исчекор во иднината…

Му Благодариме на Бога и на о. Партениј со сето братство и сестринство, за големата љубов и родителска грижа за децата, и што ни овозможија еве веќе по трет пат да учествуваме на овој летен духовен камп“.